Нова партиска програма на ЦДУ: дистанцирање од исламот
16 декември 2023Новата партиска програма на Христијанско демократската унија (ЦДУ), големата германска конзервативна партија, има 70 страници. Нацртот е прифатен на почетокот од неделава, по долга дебата во партиското претседателство. Програмскиот документ конечно треба да биде усвоен во средината на идната година на партиски конгрес, но веќе сега еден дел предизвикува големо внимание – станува збор за исламот во Германија.
Таму се наведува: „Муслиманите кои ги делат нашите вредности, припаѓаат во Германија.“ И уште: „Сите кои сакаат да живеат овде, мораат без колебање да ја признаат нашата водечка култура.“ Во нацртот потоа се набројува што спаѓа во водечка култура: почитување на достоинството на секој човек, основните човекови права, правната држава, како и правото на Израел на постоење. На крај се вели. „Само оној кој ја признава нашата водечка култура може да се интегрира и да стане германски државјанин.“
Меркел: „Исламот спаѓа во Германија“
Не толку одамна, демохристијаните не сметаа дека е неопходна таква листа на ограничувања и услови. Бившата германска канцеларка Ангела Меркел, која тогаш беше на чело на конзервативната партија, во 2015 година рече: „Исламот припаѓа овде, зашто ние имаме милиони муслимани.“ Три години подоцна, Меркел потврди: „И тие муслимани исто така припаѓаат во Германија. И нивната религија исто така спаѓа во Германија, значи и исламот.“
Тоа е навистина така, бројките тоа го потврдуваат. Една студија на Германската исламска конференција покажува дека во Германија живеат 5,5 до 5,6 милиони муслимани. Тоа се меѓу 6,4 и 6,7 проценти од вкупно 83 милиони жители.
Всушност веќе е разјаснето дека исламот спаѓа во Германија. Истото во 2010 година го рече бившиот германски претседател Кристијан Вулф, исто така од ЦДУ, што предизвика жестоки дебати. Тој на 3 октомври, на Денот на германското обединување, изјави: „Христијанството без сомнение спаѓа во Германија. Еврејството без сомнение спаѓа во Германија. Тоа е нашата христијанско-еврејска историја. Но, во меѓувреме и исламот спаѓа во Германија.“
Сѐ поголема поларизација во општеството
Не сите конзервативци беа одушевени од таквата изјава на германскиот претседател и тоа токму на Денот на германското единство. Но, зад Вулф стоеше Ангела Меркел, како и мнозинството демохристијани, поради што Вулф до денес ужива голем углед кај муслиманските здруженија.
Ситуацијата денес е поинаква. Демохристијаните од декември 2022 година се во опозиција. Десничарските популисти од Алтернатива за Германија (АфД) се сѐ посилни, општеството сѐ повеќе се поларизира. А од нападот на терористичката организација Хамас на Израел на 7 октомври, сѐ позачестени се и антисемитски напади во Германија. Виновници, меѓу другите, се и муслимани кои живеат во земјата, иако сепак главни извршители се и натаму екстремни десничари.
Затоа промената на курсот на демохристијаните во однос на исламот не предизвикува преголемо чудење. Така пратеникот од Зелените, Робин Вагенер вели: „Изјавата дека исламот спаѓа во Германија тогаш беше храбар потег на Кристијан Вулф како претседател на Германија, па затоа не ме чуди што ЦДУ со својот сегашен курс прави отклон од тоа.“
„Лов на десната маргина“
Новата ориентација на демохристијаните предизвика остра реакција на муслиманските здруженија. Претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мациек, во разговор за неделникот „Штерн“ ги обвини германските демохристијани дека ловат гласови во крајно десниот спектар, оценувајќи дека не е добро ЦДУ да се огледува на АфД, зашто бирачите на крајот порадо го избираат оригиналот отколку копијата. Централниот совет на муслиманите застапува 20.000 муслимански домаќинства во Германија.
И германскиот Исламски совет кој опфаќа 400 џамиски заедници во земјата реагира со негодување. Претседателот Бурхан Кесичи изјави: „Такви дискусии вршат изолирање и доведуваат до конфузии. За какви вредности овде станува збор“, изјави тој, додавајќи дека текстот на нацртот сугерира дека „муслиманите ги одбиваат вредностите во Германија".
ЦДУ тврди дека здруженијата едвај ги застапуваат муслиманите
За муслиманските здруженија нацрт програмата на ЦДУ има уште една боцка. Во неа се вели дека многу муслимани веќе со децении во Германија нашле нова татковина. „Но, најмал број од нив се зачленети во големите муслимански здруженија. Ги поддржуваме германските муслимани да се организираат во Германија."
Неодамна генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман во настап за ТВ РТЛ изјави: „Ако ние не стоиме зад нашите вредности, не треба да нѐ чуди ако оние кои доаѓаат кај нас не нѐ сфаќаат сериозно.“ Линеман додаде дека џамиите не треба да се финансираат од странство, ниту имамите да доаѓаат од други земји.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик