Нов заплет по претресот во Финансиската полиција
28 јули 2022Нов заплет во случајот со Финансиската полиција, една недела откако истражители од Обвинителството за борба против организиран криминал вршеа претрес во институцијата каде што е директор Арафат Муареми. Само неколку дена откако тој се пожали на низа недоследности во постапката и испрати претставка против обвинителството со кое раководи Вилма Русковска, против него е поднесена нова кривична пријава. Бизнисмен од Дебар го пријавил Муареми за три кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластувања, насилство и малтретирање во вршење. Освен до Русковска, пријавата е адресирана и до републичкиот обвинител Љубомир Јовески, премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за финансии Фатмир Бесими. Ова е втора пријава за Муареми поднесена до Обвинителството.
Тој во допис до јавноста вели дека во Управата за финансиска полиција очекувале ваквите напади и притисоци да продолжат и во наредните денови, се додека органите на надзор и контрола активно работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во институцијата.
„Јас како директор на Управата за финансиска полиција и вработените во Управата, препознаваме и свесни сме дека овие намерно исценирани и неосновани напади кон нас, доаѓаат од еден ист центар за кој што во Управата, но, и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата“, наведува директорот.
Според Муареми, намерата на овие напади е повеќе од очигледна. „Меѓутоа, во интерес на излегувањето на вистината на виделина, ќе се воздржам од дополнителни коментари на ваквите однапред целно смислени напади и сценарија и оставам надлежните институции да постапуваат согласно своите надлежности“, вели тој.