1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова учебна година - стари проблеми

ДТЗ
21 август 2024

Министерката за образование, Весна Јаневска, вели дека освен за странските јазици, по сите други предмети ќе има учебници на почетокот на учебната година. За јавниот превоз не се знае дали ќе се најде решение.

https://p.dw.com/p/4jjij
ученик, настава
Нова учебна година - стари проблеми: Учебници ќе има, за јавниот превоз не се знаеФотографија: Imago/PhotoAlto

Пред почетокот на учебната година, сѐ уште е неизвесно дали ќе се решат проблемите со јавниот превоз и дали ќе ги има сите учебници неопходни за одвивање на наставата. Министерката за образование, Весна Јаневска вели дека освен за странските јазици, по сите други предмети ќе има учебници на почетокот на учебната година.

„Сите учебници кои оваа влада ги вети, оваа година ќе стигнат до почетокот на школската година. Веќе објавивме дека е почната дистрибуцијата, сѐ уште имаме учебници во печат, но според договорот, и тие до 1 септември би требало да бидат во училиштата. Јас длабоко се надевам дека тоа ќе биде испочитувано од дистрибутерите“, вели Јаневска.

Весна Јаневска
Министерката Весна Јаневска вели дека освен учебниците за странски јазици, по сите други предмети ќе има учебници на почетокот на учебната годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ќе нема учебници по странски јазици

Ќе нема учебници по странски јазици, но Јанева вели дека тоа не е по вина на оваа Влада. „Тендерот е поништен и сѐ уште е во жалбена постапка и ништо што би било во склоп на закон не би можело да се преземе надвор од тоа, да ја чекаме да заврши таа процедура. Другото, се надевам ќе биде сѐ во ред“, изјави Јаневска по увидот во активностите за реконструкција на ОУ„Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци.

Она што особено ги интересира и наставниците и родителите  е дали ќе има историја и општество за 5 и 6 одделение и историја и географија за 7 одделение, откако новата Влада одлучи да ја одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во 7,8 и 9 одделение, поради бројните реакции во јавноста дека интегрирањето на предмети ја отежнува реализацијата на наставата. 

Со изменувања и дополнувања на Концепцијата за основно образование, се предвидува историја, географија, биологија, хемија и физика да се изучуваат како посебни наставни предмети. Тие сега се изучуваат интегрирано во наставните предмети „Историја и општество“ и „Природни науки“ (од шесто до деветто одделение). 

„Нив ги видов како урнек и навистина се убави учебници“, додаде Јаневска.

Министерството за образование и наука (МОН) неодамна го запре конкурсот за издавање учебници во деветгодишното основно образование, кој беше објавен во април годинава. Во меѓувреме, МОН и Бирото за развој започнаа јавна консултација за наставните програми за 7,8 и 9 одделение со цел оние кои се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват, да ги содржат сугестиите на наставниците практичари, чие мислење се смета дека е најважно во процесот на обликување на воспитно-образовниот систем.

автобуси ЈСП
Пред почетокот на учебната година, сѐ уште е неизвесно дали ќе се решат проблемите со јавниот превозФотографија: picture alliance/dpa

Ќе се најде ли решение за ЈСП?

Дали ќе се најде решение за јавниот превоз од септември, засега е неизвесно поради големите долгови во коишто тоне претпријатието. По најавите дека ЈСП нема доволно автобуси, па и во зима ќе вози по „летниот“ возен ред, се зголеми загриженоста и кај родителите и кај децата во пресрет на 1 септември.

На ЈСП му недостигаат 40-тина возила за да го почитува летниот ред на возење, а од септември, според проценките на надлежните, ќе недостигаат стотина автобуси за да може да се реализира редовниот возен ред.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска бара од Владата да го исплати долгот од 8 милиони евра кон ЈСП за бесплатниот превоз на студентите и е децидна дека тој не треба да се укине.