1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Обидот за пуч во Бразил е знак на предупредување

Brasilien Philipp Lichterbeck | Post aus Rio
Филип Лихтербек
9 јануари 2023

Отровот од Болсонаро во главите и срцата на Бразилците покажува дејство, оценува Филип Лихтербек.

https://p.dw.com/p/4LuRB
Приврзаници на Болсонаро упаѓаат во Конгресот (8.01.2023)
Приврзаници на Болсонаро упаѓаат во Конгресот (8.01.2023)Фотографија: Adriano Machado/REUTERS

Материјалната штета предизвикана од дивеењето на фанатичните приврзаници на Болсонаро веројатно изнесува повеќе милиони долари, кои сега ќе треба да ги плаќаат бразилските даночни обврзници. Толпата која во владиниот кварт во Бразилија се чини непречено можеше да си го истури сиот гнев, таму кршеше прозорци, парчиња мебел, уништи делумно исклучително вредни уметнички дела, уринираше на предмети и на земја фрлаше електронски апарати како печатачи, компјутери, монитори и телевизори. Бразилскиот Конгрес, Врховниот суд и претседателската палата се во срчи. Многу поголема е штетата за бразилската демократија и за колективната психа на земјата. Фанатично и насилно малцинство цел еден ден во главниот град непрекинато и пред телевизиските камери правеше злосторства.

Додека либералните медиуми ги етикетираат одговорните како „пучисти, криминалци и терористи”, други и натаму му се приврзани на болсонаризмот. Се работи за квоти на гледаност, кликови, лајкови и секако - за многу пари!

Филип Лихтербек
Филип ЛихтербекФотографија: Privat

Отровот од болсонаризмот

Најголемото гласило на движењето за Болсонаро, медиумот Јовем Пан, вртеше невидени реторички пируети за некако да ги претстави злосторниците во Бразилија како загрижени граѓани. Се зборуваше за „народот” кој сега ја демонстрира својата волја. Како народот да не ја демонстрираше својата волја на 30 октомври со изборот на Лула Да Силва за претседател.

Колабораторот на Жаир Болсонаро, судијата Серхио Моро, милно зборуваше за „натрапници” кои „мора да се повлечат”. Моро го осудиЛулаво јули 2017 поради примање мито и перење пари на девет и пол годишна затворска казна. Околу четири години подоцна, Врховниот суд на Бразилија ја укина пресудата со образложение дека Моро имал судир на интереси.

Блогерот Алан дос Сантос ,кој е во бегство и против кого од октомври 2021 е издаден налог за апсење поради ширење на лажни информации и антидемократски активности, од самоизбраната земја за егзил, САД, ги повика пониските структури во војската и полицискиот апарат да не ги спроведуваат наредбите, односно јавно повика на пуч.

Дос Сантос е добар пример за тоа како може да се направат многу пари со ширење на фанатички содржини. Тој е еден од оние кои отровниот микс од лаги и полувистини, псевдо-религиско лудило,  нетолеранција, игнорантност, ароганција, насилство и проста глупост на Болсонаро го посеа во главите и срцата на милиони Бразилци. Со него се затруени и бројни припадници на бразилските безбедносни сили, како што можеше да се види најдоцна минатиот викенд во Бразилија. Развојот на настаните е загрозувачки.

Да се затворат радикалните порекнувачи на реалноста

Со ваквата појава во Бразил од нула настана десноекстремно движење чиишто приврзаници се сметаат себеси за спасители на татковината - без да ги прашаат останатите Бразилци како тие гледаат на тоа. Според сопствени информации, тие ја бранат пристојноста и вистината од комунистите, без притоа да знаат што всушност претставува комунизмот. Се чини просто невозможно овие луѓе да бидат вратени во реалноста. Тие веќе четири години се хранат и се подбуцнувани од Болсонаро и неговите евангелистички свештеници, ултрадесничарски телевизии како Јовем Пан, антидемократски инфлуенсери како Алан Дос Сантос и други фабриканти на лаги и лажни информации. Тие веруваат дека пружаат легитимен отпор против една нелигитимна влада. Многупати сосема отворено имаат зборувано за „нужна граѓанска војна”.

Затоа нападот врз центарот на моќта во Бразил е знак на предупредување. Денес во земјата има екстремно радикализирани групи финансирани од бизнисмени, кои истите и логистички ги поддржуваат. Тие се подготвени на терор и уживаат извесно разбирање и поддршка и во безбедносниот апарат. Со оглед на тоа дека ќе биде тешко овие луѓе повторно да се научат на нешто како граѓански и демократски начин на однесување, тие и луѓето кои стојат зад нив засега треба да бидат казнети и затворени. За доброто на вистински правичните граѓани.