1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Зимска идила“ среде лето во Ројтлинген

СН/агенции
5 август 2023

Силно невреме проследено со обилен град предизвика неверојатни сцени во германскиот град. На десетици градски работници и неколку машини за чистење снег им беа потребни повеќе часа да го отстранат мразот од улиците.

https://p.dw.com/p/4UoOX
Припаднички на градските служби го расчистуваат мразот од улиците на Ројтлинген
Припаднички на градските служби го расчистуваат мразот од улиците на РојтлингенФотографија: Schulz/SDMG/dpa/picture alliance

На прв поглед изгледаше како дебела снежна покривка. Но, белата покривка во германскиот град Ројтлинген, во кој како и насекаде во северната хемисфера е лето, беше последица на обилниот град. Купишта мраз можеа да се видат во центарот на градот и денеска, односно еден ден откако, низ градот протатне летна бура со поројни врнежи на дожд и град. 

Центарот на Ројтлинген по силното невреме со обилен град
Центарот на Ројтлинген по силното невреме со обилен градФотографија: Thomas Warnack/dpa/picture alliance

Според информациите од управата од германскиот град Ројтлинген и локалната противпожарна служба, во петокот, на 4 август, низ центарот на Ројтлинген поминало „локално невреме со обилен град и пороен  дожд“. 
Улиците во Ројтлинген биле покриени со дебел слој бел град висок 30 сантиметри. 

„Лисјата и 30-сантиметарскиот слој град ги блокираа одводните шахти и водата навлезе во подземните гаражи, подруми и станбени згради“, објави градот преку својот профил на Твитер.

Техничките служби излегле со неколку машини за снег за да ги расчистат улиците. Според информациите од градот, во околу 100 интервенции биле вклучени околу 250 професионални пожарникари и сите доброволни противпожарни единици.

Техничката служба на Ројтлинген употреби и машини за чистење на снег
Техничката служба на Ројтлинген употреби и машини за чистење на снегФотографија: Schulz/SDMG/dpa/picture alliance

Нивото на реката Ехаз се зголеми и привремено се излеа од коритата во населбата Бецинген, но не предизвика големи штети, додаваат тие.

Градот од улиците се отстрануваше и со багери
Градот од улиците се отстрануваше и со багериФотографија: NEWS5/AFP

Градот ги повика своите жители да ги избегнуваат подрумите и подземните гаражи и да се воздржат од непотребно возење автомобил.