1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од консензуален кандидат до „сензуална“ поделба на колачот

12 февруари 2014

Повикот на ДУИ за бојкот на претседателските избори нема да се ефектуира, сметаат аналитичарите, а познавачи на партиските прилики тврдат дека тоа е дел од веќе видените фингирани игри на коалициските партнери.

https://p.dw.com/p/1B7Bi
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Намерата на ДУИ да не оди на „свадба без невеста“, навидум ја доведува под прашање целата „свадба“. Поради досегашното отсуство на посакуваниот консензуален претседателски кандидат, ДУИ го потврди ставот дека ќе размисли и за неучество на сите идни претседателски избори.

„Нема легитимен претседател на Македонија без волјата на Албанците. Опцијата на ДУИ е неучество во изборен циклус во кој не се почитува волјата на Албанците. Не зборуваме само за овој, туку за секој иден изборен циклус“, рече портпаролот на ДУИ, Бујар Османи. Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повторија ставот дека е погрешно да се бојкотираат изборите. Партијата веќе најави дека претседателскиот кандидат ќе биде избран во внатрепартиска постапка, на изборна конвенција на 1 март. Тоа не значи дека избраниот кандидат „по дефиниција“ би бил неприфатлив за ДУИ. Освен, ако тоа повторно биде Ѓорге Иванов, за кој Ахмети пред повеќе месеци најави дека тој нема да ја добие поддршката на ДУИ. Но и таа изјава подоцна беше дообјаснувана од Ахмети и делумно релативизирана. Опозициската ДПА го потсети ДУИ дека Албанците и без нечиј повик ги бојкотираат изборите.

„Албанците и пред пет години, и без Ахмети и ’Разбуди се’, сфатија дека улогата на претседателот на Македонија е безначајна и оти не вреди да се занимаваат со тоа. Затоа и пред пет години не гласаа за Иванов, а ни на 13 април нема да се заморуваат и да ги гласаат другите конзензуални браќа на Али Ахмети“, рече Беким Фазлиу, од ДПА.

Недоверба во „солзите“ на ДУИ

Во опозициската СДСМ не веруваат во „солзите“ на ДУИ.

„Ваквите игри меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се постојано присутни. СДСМ нема намера да биде учесник во нив“, велат од партијата. И додека фокусот на вниманието е насочен кон можниот бојкот од страна на ДУИ, во сенка остануваат други можни причини за опасност од бојкот - кршење на изборни правила, повреда на избирачко право, манипулации со избирачкиот список, сто гласачи на една адреса или „увезени“ гласачи. Од СДСМ воздржано ја коментираат таквата можност.

Symbolbild Gruppe mit Anführer
Колку се сериозни заканите со бојкот и кој ќе воопшто би бојкотирал?Фотографија: picture-alliance/dpa

„СДСМ направи се‘ за да се постигне консензус за изборното законодавство. Власта е на потег и има обврска да го почитува законот и да овозможи елементарни услови за нормален изборен процес. Каква било нерегуларност ќе значи немање волја за фер избори. За тоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе мора да ја понесат одговорноста. СДСМ формираше правни тимови во сите општински организации што го следат спроведувањето на изборната регулатива. Веќе се констатирани прекршувања за што ќе се реагира до надлежните институции. Претседателот на ДИК изрази сериозни резерви за релевантноста на избирачиот список. Случајот „Пустец“ останува и понатаму отворен. ВМРО-ДПМНЕ има уште многу да сработи за да покаже дека има волја за почитување на правото на глас и на избор“, предупредуваат од СДСМ.

Веќе видено

Анонимен извор од албанскиот политички блок, добар познавач на состојбите во ДУИ, е уверен дека ова е уште една фингирана кавга меѓу коалициските партнери.

„Ова е проверен метод со кој двете партии и досега си ги креваа рејтинзите кај електоратот: едните наводно не попуштаат во одбивањето, а другите - во барањето. На крајот, 'пазарот' повторно ќе покаже дека перфидно си играле со гласачите, но тогаш ќе биде доцна да бидат казнети. 'Свадбата' ќе биде завршена, а тие ќе бидат на нов меден месец. Во прашање не е толку консензуален кандидат, колку 'сензуална' поделба на владејачкиот колач, ако се договориле за парламентарни избори“, вели соговорникот.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Волјата се изразува на избори - дали кавгата на коалиционите партнери е фингирана?Фотографија: Petr Stojanovski

Аналитичарите не веруваат дека ќе се случи изборен бојкот. Според Суад Мисини, изјавата за бојкот е трета различна изјава за 10 дена, што ја делегитимира ДУИ како партија која има стабилна стратегиска определба и која точно знае што сака.

„Партијата која е толку 'приклучена' на меѓународниот фактор, нема да биде оставена од тој фактор да генерира криза. Освен ако големата цел не е - криза, бидејќи бојкотирањето нa претседателски избори, без сомнение ќе генерира последици. Од друга страна, ДУИ одбива да разбере дека кохерентноста на албанскиот глас се огледа во потенцијалот на Албанците да го решат победникот. Тие пропуштија можност во 2009 година да го изберат Фрчкоски за претседател, со што ќе покажеа, меѓу другото, дека можат да го одлучат победникот и со тоа на фундаментален начин да ги капитализираат своите легитимни барања. Сега повторно се отвора таква можност. Потсетувањето за тоа како беше избран Иванов, во однос на гласовите на Албанците, остава простор за разни креативни идеи како би можело истото да се повтори. Затоа сметам дека повикот за бојкот нема да се ефектуира. ДУИ не исчекори со напори некоја од македонските партии да излезе со кандидат Албанец, наместо говорења под маса за потпретседател Албанец, избор на претседателот во Собрание и слично. Тоа што и‘ преостанува, ако не успее да се испазари, е да му ги помати плановите на својот коалициски партнер, со тронизирање на највисоката позиција на нивниот конкурент, без оглед на предвидливите политички последици“, вели Мисини.

Одзивот се топи

Според прочистениот избирачки список, во Македонија има 1.743.038 лица со право на глас, што значи дека за да се исполни законскиот минимум од 40 отсто одзив, на изборите би требало да излезат 700.000 гласачи. Според податоците, излезноста на претседателските избори од циклус во циклус – се топи. На претседателските избори во 2009 година, одзивот на гласачите во вториот круг беше 42,63 отсто, а на предвремените претседателски избори во 2004 година - 53,6 отсто. Но, тој ден, се‘ до 17 часот успешноста на изборите беше целосно неизвесна. Само повикот од партиската централа и масовното излегување на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во последните два часа од гласањето ги спасија изборите, иако не победи нивниот кандидат. По овој случај, по препорака на ОБСЕ и на ОДИХР, се намали цензусот во Изборниот законик за избор на претседател во вториот круг, од 50 на 40 отсто.
До крајот на месецот ќе се знае дали овие или некои други проценти ќе ги решат претседателските избори и дали тие ќе бидат во пакет со парламентарни.

Symbolbild Anonyme Menge
Избирачкиот список има 1.743.038 лицаФотографија: Fotolia