Одлуката за резулуцијата на ОН за Газа одложена за денеска
19 декември 2023Израел денеска (19 декември, 2023) со планираното гласање во Советот за безбедност на Обединетите нации би можел да се соочи со нов притисок од меѓународната заедница, која засилено се залага за прекин на огнот во Појасот Газа.
Советот за безбедност треба да донесе одлука за новиот текст на резолуцијата со кој се повикува на „итен и траен прекин на непријателствата“ на палестинската територија, по ветата со кои САД се спротивставија на претходните обиди за изгласување на ваквата резолуција.
Првично закажано за понеделник, гласањето беше одложено за вторник за да се овозможат натамошни преговори за новата нацрт-резолуција со цел да се спречи ново вето на САД
Во меѓувреме борбите во Појасот Газа меѓу израелската војска и припадниците на палестинската терористичка група Хамас продолжуваат. Според извори во Хамас притоа се убиени 20 Палестинци во бомбашки напад во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа.
САД вчера најавија дека ќе продолжат да испраќаат опрема потребна за одбрана на Израел, „вклучувајќи клучна муниција, тактички возила и системи за противвоздушна одбрана“, објавија израелските медиуми.
Околу 1.140 луѓе, главно цивили, загинаа во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Хамас тогаш зеде и околу 250 заложници, од кои 129 сѐ уште се во Газа.
Како одмазда, Израел започна офанзива во Појасот Газа, каде што, според информациите на тамошното министерство за здравство со кое раководи Хамас, загинале повеќе од 19.400 луѓе.