Офанзива на Израел во Западниот Брег, најмалку 5 жртви
3 јули 2023Израел тврди дека операцијата, која опфаќа и воздушни напади, е насочена кон „терористичка инфраструктура“ во рамките на поголема копнена офанзива наречена „Дома и Градина“. Меѓу погодените објекти во Џенин е и театар. Нападнат е и бегалскиот камп во Џенин кој е дом на околу 17.000 луѓе.
„Нема да стоиме настрана додека терористите продолжуваат да повредуваат цивили користејќи го кампот Џенин како скривалиште“, твитнаа Израелските одбранбени сили. Портпарол на палестинскиот претседател Махмуд Абас ја нарече израелската операција „ново воено злосторство“. Тој ја повика меѓународната заедница да го „прекине срамниот молк и да преземе сериозни мерки“.
Според весникот Ерусалим Пост, израелската разузнавачка агенција Шин Бет соопштила дека воздушните напади погодиле команден и комуникациски центар користен како магацин за оружје, место за собирање терористи и набљудувачки пункт, како и други цели.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вели дека војската делува против „терористички точки“.
„Соочени со тероризам, преземаме проактивен и одлучен пристап. Секој кој ќе му наштети на граѓанин на Израел, ќе плати висока цена“, соопшти Галант.
Според палестински извори, израелски војници влегле во градот кусо по воздушните напади и воделе битки со палестински милитанти.
Ескалација на тензиите
Градот Џенин се наоѓа на северот на Западниот Брег, стана упориште на палестинските милитантни фракции. Судирите меѓу израелските сили и милитантите зачестија во последниот период.
И онака затегнатата состојба меѓу Израел и палестинските територии во последниот период дополнително ескалираше. По смртоносниот напад на двајца Палестинци врз четворица Израелци во Западниот Брег пред две недели, израелските доселеници возвратија со масовно насилство врз тамошните Палестинци. Оттогаш, израелската армија презеде повеќе операции во Западниот Брег, што доведе до судири меѓу Палестинците и израелските војници.
Од почетокот на годината беа убиени повеќе од 130 Палестинци во судири со израелската армија. Во истиот период беа убиени 22 Израелци, една Украинка и еден италијански државјанин.
Израел ги освои Западниот Брег и Источен Ерусалим за време на Шестдневната војна во 1967 година. Палестинците тврдат дека тоа се нивни територии, а Источен Ерусалим го сметаат за свој главен град.
Кампот во Џенин е населен со палестински бегалци кои беа избркани од своите домови во војната меѓу Израелците и Палестинците во 1948 година.