1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олаф Шолц оди во Србија по литиум

Обработка: Драгослав Дедовиќ | ЕМФ
17 јули 2024

Канцеларот Шолц, според српски медиуми, планира посета на Србија за да обезбеди снабдување со литиум, кој е клучен за правење електромобили. Ројтерс јавува дека „патувањето на канцеларот е потврдено во владини кругови“.

https://p.dw.com/p/4iOx1
Германскиот канцелар Олаф Шолц и српскиот претседател Александар Вучиќ
Германскиот канцелар Олаф Шолц и српскиот претседател Александар Вучиќ (архивска фотографија)Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

На западот на Србија би требало да се наоѓаат едни од најголемите резерви на литиум во Европа, пишува во средата германската агенција ДПА, која цитирајќи српски медиуми известува дека германскиот канцелар Олаф Шолц во петок, 19 јули, ќе ја посети Србија.

„Српската влада и покрај долгогодишните протести на заштитниците на животната средина го отвора патот за експлоатација на литиум во долината Јадар, во западниот дел на земјата. Ова го пренесува српската новинска агенција Танјуг. Се вели дека едни од најголемите европски резерви за оваа суровина која ја нема многу во глобални рамки, а која меѓу другото е важна за индустријата за електромобили, се наоѓа во близина на местото Лозница. Со нова уредба, Белград се повини на одлуката донесена од српскиот Уставен суд неколку дена претходно“, пишува ДПА.

Уставниот суд на Србија, имено, на 11 јули оцени дека одлуката на српската влада од 2022 година, со која е суспендиран проектот Јадар, не била во согласност со Уставот или законот. ДПА потсетувајќи дека „литиумот игра важна улога во изградбата на електрични возила“, во врска со неговата експлоатација наведува: „Според пишувањата на српските медиуми, канцеларот Олаф Шолц сака да отпатува во Србија веќе во петок поради експлоатацијата. Прашањето упатено до германската влада во врска со ова засега останува неодговорено.“ Германската влада во меѓувреме ја потврди посетата. 

Агенцијата Ројтерс, цитирајќи ја српската телевизија Н1, која што информираше дека Шолц заедно со еврокомесарот за енергетика Марош Шефчович во петок, 19 јули, ќе допатува во Белград за да потпише Меморандум за разбирање за стратешко партнерство за одржливи суровини, за синџири на производство на батерии и електровозила, денеска јавува дека „патувањето на канцеларот е потврдено во владини кругови“.

За српскиот литиум и контроверзите околу неговата експлоатација во Србија, како и интересот на Европа за оваа суровина, пишува и виенскиот весник Стандард.

„Гласовите на критика се игнорираат: 38.000 граѓани потпишаа граѓанска иницијатива за спречување на експлоатација на литиум во Србија. Тие стравуваат дека рудникот може да ја загади почвата и водата околу него. Но, српскиот парламент ја игнорираше оваа граѓанска иницијатива, иако беше должен барем да расправа за неа. Тоа ја покажува состојбата на парламентаризмот во Србија, но во хибридниот режим е очигледно поткопано и судството.“

Вака Аделхајд Велфл, новинарка во австрискиот весник Стандард, ги запознава читателите со проблемот со литиумот во Србија. Потоа ги наведува познатите факти: Уставниот суд ја укина одлуката на Владата за одземање на лиценцата на Рио Тинто. Во текстот се потсетува и дека проектот е стопиран поради страв од масовни протести, како и дека Уставниот суд по желба на владата ја поништил одлуката од 2022 година. „Така тоа оди во автократска Србија“, наведува австриската новинарка.

Србија литиум
„Не го даваме Јадар“ - Порака на влезот во селото Горње НедељицеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Двоен морал“

Во текстот се наведува и дека критичарите на проектот во земјата не се разочарани само поради недостатокот на минимални стандарди на правна држава и демократско одлучување, поради заканувачкото загадување на животната средина, туку и поради тоа што во сето тоа гледаат проект кој „првенствено им служи на економските интереси на германската автомобилска индустрија и на Европската унија, која во рамките на 'Зелениот договор' форсира премин кон електромобили, чии батерии бараат литиум“. Авторката пишува и дека „активистите кои се залагаат за заштита на животната средина и демократија, му приговараат на Западот за двоен морал“.

Во текстот се потсетува дека германското Министерство за економија и Вучиќ влегоа во „институционално партнерство“, кое подразбира индустриско-политички развој на Србија во согласност со „Зелениот договор“, како и зајакнување на синџирите на снабдување.

„Иако Зелените седат во германската влада и знаат за заканата за животната средина и за дефицитите на српската демократија, во Берлин проектот се турка бидејќи рудникот во Србија би можел да покрие најголем дел од потребите на Германија“, се вели во текстот во Стандард.

Авторката потоа наведува дека Вучиќ смета оти Рио Тинто и Европската унија ги отстраниле сите сомнежи за еколошката безбедност на проектот и дека водечките луѓе од економијата и политиката веќе во јули би можеле да дојдат во Белград за официјално да го најават проектот.

„Канцеларијата на германскиот канцелар сѐ уште нема одговорено на прашањето на Стандард дали германскиот канцелар Олаф Шолц ќе ја посети Србија. Шолц во јануари го посети Чиле поради потребите на Германија да обезбеди литиум“, се наведува во текстот.

Однесувањето на Вучиќ е „опасно и недемократско“

Во текстот на Стандард се цитирани и ставовите на Јован Рајиќ, основач и раководител на правниот тим на Регионалниот институт за обновлива енергија и животна средина (РЕРИ). Тој смета дека Вучиќ е изворот на проблемот бидејќи ги „дехуманизира противниците на проектот“ нарекувајќи ги предавници.

„Ова треба да ги вознемири и оние кои го поддржуваат проектот, бидејќи таквото однесување е и опасно и недемократско“, ги наведува авторката на текстот зборовите на Рајиќ. Потоа, експертите на РЕРИ се прашуваат зошто ЕУ се залага за спроведување на проекти без „минимални стандарди за демократија, човекови права и заштита на животната средина“, како и во ситуација кога „српските институции едноставно не се во состојба да наметнат минимални стандарди“. Како пример ги наведуваат европските насоки кои Србија, како членка на енергетската заедница, била должна да ги спроведе - а не ги направила тоа.

Во текстот се наведуваат експлицитното залагање на Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ за проектот, како и тврдењето на премиерот дека противниците на проектот „немаат добри намери“. Исто така, се опишува апсењето и казнувањето на активистите кои се спротивставија на проектот со блокирање на сообраќајот.

Во текстот, експертите за екологија како Рајиќ ја критикуваат нацрт Студијата за проценка на влијанието врз животната средина, која ја објави Рио Тинто, а се цитирани следните зборови на Рајиќ: „'Студијата' содржи исклучување на гаранција, според кое практично се вели дека податоците од неа не можат да се посматраат како обврзувачки и доверливи.“

Австриската новинарка наведува дека Рајиќ укажал на тоа дека технички сѐ уште не е можна експлоатација на литиумот без сериозна штета за животната средина. Таа додава дека ЕУ е сè уште зависна од Кина кога е во прашање електричниот погон на автомобилите и дека Србија, која има добри односи со Пекинг, тоа вешто го користи. „Минатиот септември Србија со Европската комисија потпиша изјава за намери за стратешко партнерство во областа на батериите и критичните суровини, вклучително и литиумот.“

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

Словачка врска

Новинарката Велфл во весникот Стандард натаму пишува: „Интересен детал: за ЕУ потпис стави заменик-претседателот на Европската комисија задолжен за 'Зелениот договор', Словакот Марош Шефчович. Истовремено, српската влада договори инвестиција со словачката компанија Инобат, која е партнер со Рио Тинто. Се работи за фабрика за акумулатори во Србија. За Шефчович и Вучиќ зделката очигледно веќе се исплатеше“.

Во написот во виенскиот весник се заклучува: „Берлин дури и го игнорира фактот дека српската влада со години води антигерманска кампања. Одвај и да се слуша критика за авторитарниот белградски режим, а неодамна Германија, токму на барање на српските власти, дури и заедно со други земји од Европската унија, го спречи членството на Косово во Советот на Европа.“