ОН: Без консензус за полноправно членство на Палестина
12 април 2024Комитетот на Советот за безбедност на ОН не успеа да се договори за заеднички одговор на обновената кандидатура на државата Палестина за полноправно членство во Обединетите нации.
Амбасадорката на Малта во ОН, Ванеса Фрејзер, која моментално претседава со комитетот, по состанокот во Њујорк во четвртокот изјави дека две третини од членовите се за апликацијата, додека пет биле против.
Се смета дека е малку веројатно дека комисијата ќе препорача Советот за безбедност да гласа за апликацијата. Меѓутоа, секоја земја членка на Советот за безбедност може да донесе резолуција за таа цел во секое време.
Како Палестина може да стане полноправна членка на ОН?
Палестинците, кои имаат статус на набљудувач во светската организација од 2012 година, со години лобираа да добијат полноправно членство, што би претставувало признавање на палестинската државност.
Алжир, кој ги претставува арапските нации во Советот, планира да ја поднесе резолуцијата наредната недела, велат дипломатски извори.
Сепак, таквата резолуција најверојатно ќе пропадне бидејќи САД, најблискиот сојузник на Израел во Советот за безбедност, веројатно ќе стави вето. Израел беше доследен и жесток противник на приемот на Палестина.
За да успее тоа, најмалку девет од 15 членки на Советот за безбедност ќе треба да гласаат за резолуцијата, а ниту една од петте постојани членки на Советот, Кина, Франција, Русија, Велика Британија и Соединетите Држави, не гласаа против.
Доколку биде успешна, резолуцијата потоа ќе оди на гласање во Генералното собрание на ОН. За усвојување ќе биде потребно двотретинско мнозинство.
Палестина како независна држава ја признаа 139 од 193 земји членки на ОН.