ОН усвоија прва резолуција за вештачката интелигенција
22 март 2024Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк за првпат усвои резолуција за вештачката интелигенција.
Во текстот на резолуцијата предложена од САД на се наведува дека брзиот развој на вештачката интелигенција изискува меѓународни правила и овозможува соработка, особено со посиромашните земји.
Мора итно да се постигне глобален консензус за „безбедни и доверливи системи за вештачка интелигенција“ се вели во резолуцијата, која ја осудува злоупотребата на вештачката интелигенција.
По три месечни преговори меѓу дипломатите, нацрт- текстот на резолуцијата веќе беше прифатен во најголемото тело на ОН без никакви дополнителни предлози за промени. Ова му овозможи на Генералното собрание со своите 193 членови да ја усвои разолуцијата со консензус без формално гласање. Резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки.
Вештачката интелигенција обично се однесува на апликации базирани на машинско учење. Брзиот развој на сè помоќен софтвер нуди огромни можности и поттикнува надеж за голем напредок во борбата против болестите како ракот или проблемите како климатската криза. Во исто време, постои загриженост дека моќните апликации може да предизвикаат голема штета доколку не се регулираат.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш веќе неколкупати предупреди од опасностите од технологијата и свика група експерти за да ги советува Обединетите нации на оваа тема. Советот за безбедност на ОН, исто така, веќе се осврна на ова прашање.
Европскиот парламент кон средината на месецот даде зелено светло за построги правила за вештачка интелигенција во Европската унија. Според Парламентот, ова е првиот закон за вештачка интелигенција во светот. Според законот, системите за вештачка интелигенција во иднина треба да се поделат на различни ризични групи. Колку е поголема потенцијалната опасност од апликацијата, толку построги треба да бидат условите за нејзино одобрување.