1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Драматичен недостиг на лекови во Германија

Сабине Кинкарц
21 декември 2022

Од сирупи за детска треска до лекови за тумори, германските аптеки се борат со невиден недостиг. Причината е што домашно производство на одредени лекови речиси и да нема, затоа што не е исплатливо за производителите.

https://p.dw.com/p/4LBQe
сируп
Без сируп за трескаФотографија: Frank May/picture alliance

Бела буква „Н“ во виолетов круг. Кога фармацевтот Фатих Кајнак ќе го види тој симбол на својот монитор, знае дека бараниот лек го нема. 

„Ни недостигаат антибиотици, лекови против болки, но и за притисок, рак, стомак, срце“, вели Кајнак. Во неговата аптека во Берлин моментално нема 274 лекови. „Особено ни е тешко да се погрижиме за децата“, резигнирано вели Кајнак. Се гледа дека ситуацијата го депримира.

Бебињата и малите деца не можат да голтаат апчиња. Кога имаат треска или болка, им се даваат сирупи кои содржат активна состојка парацетамол или ибупрофен. Во Германија годишно се продаваат повеќе од десет милиони вакви сирупи, но моментално полиците во аптеката во која работи Каинак се главно празни. Недостигаат и пеницилински и антибиотски сирупи.

Проблеми со снабдувањето имаше и летово, но сепак само спорадично, вели фармацевтот. „Тоа би траело можеби две недели, а потоа ќе дојде повторно. Сега ситуацијата е навистина лоша“. 

аптека Берлин
Фатих Кајнак често мора да ги разочара оние што доаѓаат во аптекаФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Болниците се полни 

Очајните родители веќе со месеци пишуваат за тоа на социјалните мрежи и форуми. Таму се разговара и за алтернативи, но се почесто единствената опција е да се носи детето во болница, бидејќи студените облоги дома не успеале да му ја намалат температурата.

Сепак, поради големиот број случаи на респираторен синцицијален вирус (РСВ), детските одделенија сега се толку преоптоварени што дури и малите пациенти чиј живот е загрозен, мора да чекаат со часови за да бидат примени. Бидејќи клиниките се полни, децата се праќаат дома. 

Во исто време, лекови се помалку има и во болниците.Затоа во многу болнички аптеки повторно почнаа сами да прават сирупи за намалување на температурата. 

И многу обични аптеки го прават тоа. Но, ако се земат предвид трошоците за суровини, персонал и работна сила, едно шише ќе треба да чини дваесет евра. Берлинскиот аптекар Кајнак веќе размислувал да почне да подготвува сирупи. „Што значи цената, кога детето има висока температура“, се прашува Кајнак. 

Се работи за пари 

Токму цената го доведе пазарот во Германија до ваква ситуација. Производството на одредени препарати во Германија и Европа едноставно не е исплатливо за фармацевтската индустрија.

На пример, здравственото осигурување на компаниите им плаќа 1,36 евра за шише парацетамол сируп. Таа сума не е зголемена десет години, а во меѓувреме само годинава поскапела активната состојка парацетамол за 70 отсто.

„Експлозијата на цените на лековите и производството, заедно со замрзнатите продажни цени, доведе до тоа лекови како сирупите да се прават со загуба. Ниту една компанија не може да го одржи тоа на долг рок“, се жали Андреас Буркхард, извршен директор на фармацевтската компанија Тева .

Таа компанија е последниот голем производител на парацетамол сируп во Германија. Пред 12 години ги имаше единаесет. Откако уште еден од нив престана со производство во мај годинава, Тева треба да покрие 90 отсто од побарувачката. Ова не е изводливо, посочуваат од компанијата. Затоа во текот на летото ги откажаа сите нарачки од германските аптеки за вообичаеното зимско складирање.

Како резултат на тоа, „забележано е значително зголемување на набавките од аптеките“, анализира Федералниот институт за лекови и медицински помагала. Се што беше можно беше купено.

„Има премалку даватели на услуги“, вели Томас Фишбах, претседател на здружението на педијатри. „Фиксните цени предизвикаа производството да се пресели во земји со ниски плати како што се Индија и Кина, а таму има проблеми со синџирот на снабдување, што пак доведува до тесни грла во дистрибуцијата.

аптека лекови
Многу лекови повеќе не се произведуваат во ГерманијаФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Производството би требало да се врати од Азија 

Случајот со лекот за рак на дојка тамоксифен на почетокот на годината веќе покажа како изгледа кога не се достапни важни лекови за кои нема замена. И во тој случај се создаде тесно грло за снабдување, бидејќи компаниите се повлекоа од производството наведувајќи ги трошоците како причина. 

Во февруари реагираше Сојузниот институт за лекови и медицински помагала и беше донесен декрет со кој лекови кои содржат тамоксифен може да се увезуваат од странство дури и ако не се одобрени во Германија. Меѓутоа, проблемите не беа решени. Тамоксифен сè уште е еден од најмалку достапните лекови. 

Лекарите, но и опозициските политичари бараат итни мерки од сојузната влада. Многумина бараат да се одржи самит на федералната и провинциската влада за централизирана набавка на лекови.

Министрите за здравство треба да се координираат со производителите и трговците на големо, но и да бараат лекови во соседните земји. Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах ветува дека ќе одговори на предлогот многу брзо. 

Експертите се залагаат за државно производство на есенцијални лекови во Германија. Време е, велат, производството да се врати од Азија. 

Фармацевтската индустрија, пак, бара зголемување на давачките за лекови: велат, договорите според кои здравствените осигурителни компании плаќаат само фиксни суми треба да се прекинат, барем додека повеќе компании повторно не почнат со производство. Одлука за ова, барем според она што може да се слушне од Сојузното Министерство за здравство, не е на повидок.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ