Османи повикува на „рамковен договор“ и за ЕУ
18 октомври 2022Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи упати апел до опозицијата што поскоро да се седне на заедничка маса и партиите да потпишат договор со кој ќе дадат поддршка на агендата на ЕУ. „Ни треба нов 'рамковен договор' за ЕУ, со кој партиите ќе се усогласат дека ќе ги поддржат прашањата кои се однесуваат на Унијата. Директивите на ЕУ мора да ги прифатиме, без ралика кој е на власт“, дециден е Османи.
Тој смета дека париите што поскоро треба да склучат договор дека ќе соработуваат и дека ќе ги надминат разликите. „Граѓаните мора да бидат победници во овој процес. Времето е сега“, вели Османи, укажувајќи дека станува збор за надпартиска тема, за која не смее да има разлики.
Без државен договор земјата тешко ќе ги оствари напорите за членство во ЕУ. И Османи и неговата денешна гостинка, словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Тања Фајон го делат мислењето дека до 2030 година Северна Македонија може да стане полноправна членка на ЕУ, доколку се постигне политички консензус.
„Прашањето за членство со ЕУ беше тема која не спојуваше - владата, опозицијата и луѓето во Словенија. Очекувам дека и во Северна Македонија ќе биде така. Треба да се случи промена на Уставот, верувам дека тоа може да се реализира. Посакуваме до промена на Уставот да дојде согласно временската рамка, за да продолжат разговорите без да се доцни“, порача Фајон во Скопје.
Нота до Софија
Министерството за надворешни работи најави дека ќе испрати нота во Бугарија, како реакција на изјавата на европратеник Ангел Џамбаски, кој му порача на Ковачевски дека не е важно што тој не го знае бугарскиот пратеник затоа што тој и неговите сопартијци од ВМРО знаеле кој е тој и од какво семејство потекнува премиерот. Европратеникот се осврна и на личното име на премиерот Ковачевски кое било бугарска Али Експрес верзија.
„Ние досега се обидувавме да го игнорираме европратеникот, затоа што целта е да си направи промоција, но тој ги надмина сите граници. Територијалните претензии и навредливиот говор кон народот и етничките заедници нема да го премолчиме. Говорот на омраза според меѓународните договор е основа за да се реагира“, вели Османи. Ваквите изјави ги осуди и Фајон, оценувајќи дека станува збор за провокации и ги повика сите да се воздржат од предизвикување раздор и непријатни чувства меѓу двете земји.