1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи и Милков со акциски план против негативните тонови

9 ноември 2022

Останува да видиме дали Владата ќe дозволи соседна земја да го уредува нашето внатрешно законодавство, вели Мицкоски, по предлогот законот за здруженија да оди на мислење во Венецијанската комисија.

https://p.dw.com/p/4JF6V
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот, Николај Милков
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот, Николај МилковФотографија: Ministry of foreign affairs/Republic of North Macedonia

Софија и Скопје со агенда за добрососедство, соработка и пријателство ќе се спротивставуваат на провокации што доаѓаат од двете страни. Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и неговиот бугарски колега Николај Милков договориле и конкретен акциски план во таа насока, а Османи тоа го соопшти на вчерашната средба со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

„Многу важно е двете страни да реагираме на провокациите, бидејќи  провокаторите се хранат еден со друг  и врз тие провокации создаваат наратив и политички капитал. Ние мора да реагираме со нашата агенда, а има многу што да претставиме од таа агенда. Имав добра средба со службениот министер за надворешни работи и договоривме еден акциски план како понатаму. Мислам дека не треба да дозволиме овој негативен тон да добива на тежина“, рече Османи.

Македонското МНР соопшти дека на средбата Османи-Милков биле договорени конкретни механизми за превенција на говорот на омраза во двете земји, при што двајцата заемно се согласиле дека не треба да се дозволи бројните провокации од групи и поединци во двете земји да го нарушат процесот на  зајакнување на добрососедските односи.

А како што вчера потенцираше Османи на средбата со Борисов, за најдобар начин се смета комуникацијата и идентификувањето на изворите на провокации, а според потишаниот Протокол, први што треба да реагираат на тоа - се министерствата за надворешни работи. Борисов на средбата посочи примери кои предизвикале осуда во Бугарија.

„Одлуката на бугарскиот парламент да им даде пат на Северна Македонија и Албанија (кон ЕУ- н.з.) е исклучително важна за нас. Знаете дека ГЕРБ ја заврши работата. Преземавме ангажман и кон вашите социјалдемократи и кон ВМРО нашата сестринска партија. За жал, потоа се случи инцидентот со химната на фудбалскиот меч и тоа создаде тензија во Бугарија. Не е наше да ви се мешаме, но и законот за здруженија наиде на остра реакција во Бугарија, како пречка за добрососедството“, рече Борисов.

„Јас лично имав јавен став дека ретроактивното важење на законот за мене е спорно, и се надевам дека Венецијанската комисија тука ќе даде најмериторно решение“, објасни Османи.

„Бугарската заедница е во можност да се етаблира, да се интегрира. Јас реков - јас сум отворен да им служам како советник ако треба, затоа што и јас сум од заедница која се интегрира во овие 20 години. Но, не на начин којшто ќе им наштети ним. Така што, отворањето на овие клубови во последно време, коешто е во вид на компетиција, натпревар, повеќе отворање на клуб за инаeт на другиот а не заради промоција на сопствените вредности, не им служи на интересите на нашите земји“, порача шефот на македонската дипломатија.

Економија и безбедност

Односите ќе се унапредуваат со почести контакти, меѓугранична соработка и со динамизирање на економската соработка во сферата на енергијата, земјоделството, туризмот... Во тој контекст како значаен чекор се смета претстојниот Бизнис форум кој двете земји планираат да го одржат во текот на декември, од кој се очекува да донесе конкретни придобивки за граѓаните од двете земји.

Османи во Софија остварил средби и со Кирил Петков од ПП, Мустафа Карадај од ДПС, Корнелија Нинова од БСП, Христо Иванов од ДБ и Стефан Јанев од Бугарски подем, но, најголемо внимание на средбата беше посветено од страна на ГЕРБ, со деветминутна снимка од дел од разговорот Османи - Борисов, во кој се разменија и пораки за превенирање на несогласувањата во корист на безбедноста.

„Србија и Косово, Украина и Русија, Турција и Грција.., останува ние и Северна Македонија да влеземе во конфликт. Целиот регион е во конфликт. А луѓето сакаат да живеат добро. Тие сакаат да патуваат, да имаат гас, да имаат струја, да имаат просперитет“, рече Борисов.

„Мислам дека руската агресија уште повеќе ни наметнува да ги надминеме разликите, затоа што мирот е во прашање. Безбедносната архитектура е нарушена и ние како парнери во НАТО и идни партнери во ЕУ мора здружено да се поставиме во тој дел“, возврати Османи.

Во соопштение по средбата, ГЕРБ објави што порачал Борисов.

„Многу се надевам Република Северна Македонија да ги добие неопходните уверувања од нас, и да оди по патот кон пристапување во Европската Унија. Треба да се направат неопходните компромиси, како што направија многу други“, порачал Борисов.

Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на нови лидерски средби каде прашањето ќе биде за уставните измени
Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на нови лидерски средби каде прашањето ќе биде за уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски: Што се промени во меѓувреме?

Дали ќе се прави компромис и со измените на законот за здруженија?  Изјавата на Османи дадена од Софија, дека ќе и предложи на  Владата да го прати законот во Венецијанската комисија  за таа да каже дали има елементи кои се спорни во тој закон, следи по минатонеделната реакција на бугарското МНР дека „постои сериозна загриженост оти тие измени се насочени кон дискриминаторско ограничување на  правото на здружување на Бугарите во РСМ“.

Во домашната јавност изјавата на Османи наиде на изненадување, со оглед дека измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ беа поддржани и од мнозинството на власта, а особено што за ова прашање воопшто не станало збор на лидерската средба, чија цел беше обезбедување консензус за сите прашања поврзани со европската иднина.

„Очигледно дека Османи за многу други прашања не сакаше да ја праша Венецијанската комисија, а сега кога се кршат на големо правата на Македонците и кога се промовира фашизам,  ќе ја прашува Комисијата и ќе бара потврда од Бугарија“, вели за ДВ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Чудно е што истиот закон беше поддржан и од мнозинството на власта, а сега се заплеткува во процедури и бара мислење од комисијата. Што се промени во меѓувреме? Дали Владата попушта на притисоците и ќe дозволи соседна земја да уредува внатрешно законодавство на нашата земја - останува да видиме. Во секој случај, ова е продолжение на еден потценувачки однос на Владата и впечатокот дека се работи за едно сценарио каде власта купува мир со својата попустливост кон Бугарија. Чудно е и што сето ова не беше отворено како прашање на лидерската средба“, вели Мицкоски.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на нови лидерски средби каде прашањето ќе биде за уставните измени.

„Тоа е област каде веќе ги имаме дефинирано нашите ставови и позиции. А дека нема мнозинство за уставни измени многу убаво се виде и на самата лидерска средба“, потсети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.