Останувањето на Ердоган на власт му е во интерес на Путин
14 јануари 2023Рускатаинвазија на Украина за кратко време ја фрли Москва во меѓународна изолација, особено кај западните индустриски земји. На рускиот претседател Владимир Путин не му останаа многу партнери од голем формат. Една од земјите со кои сè уште има комуникација е Турција. Путин и неговиот колега Реџеп Таип Ердоган со години одржуваат близок однос. Кон крајот на 2021 година, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Ердоган и Путин имаат „пријателски однос“. Ердоган минатиот ноември пак изјави дека со Путин негуваат „однос на доверба“.
Ердоган тогаш вешто го искористи почетокот на војната за да го прошири своето влијание – со оглед на тоа што речиси сите дипломатски канали кон Русија беа затворени, Анкара се понуди да посредува меѓу Москва и Киев и сè уште е главниот играч со кој двете страни радо разговараат. Во Турција се случија средби на високо ниво меѓу Украинците и Русите: на 10 март 2022 година министрите за надворешни работи на Украина, Русија и Турција се сретнаа во Анталија. По речиси две недели, делегациите потоа преговараа во Истанбул.Договорот за житни култури со кој се овозможи коридор за украинската пченица преку Црното Море се случи во јули, со посредство на ОН и Турција, и беше потпишан исто така во Истанбул.
„За Русија, Турција е прозорец кон светот“
Експертот за надворешна политика и енергетика Ајдин Сезер вели дека војната во Украина придонела за приближување на турското и руското раководство.
„За Русија, Турција е прозорец кон светот. Односите со Анкара се многу важни и вредни за Кремљ.“ И за да останат такви, раководството во Кремљ би сакало на 18 јуни да ја види старата влада со нов мандат. Според Сезер, на Путин му е јасно дека „во интерес на Русија е лидер како Ердоган да ја води Турција.“
Затоа Москва во последниов период неколку пати се обиде да ѝ даде поддршка на актуелната турска влада. На пример, руската државна компанија за гас, Гаспром, ѝ ја одложи наплатата на долговите за купениот гас. Ова Русија не го прави „туку така“, туку поради сопствен интерес, вели за ДВ еден пензиониран турски дипломат кој сака да остане анонимен. Во октомври Путин посочи дека Турција може да стане своевиден енергетски хаб. Тоа би значело дека рускиот гас преку Турција би се пренесувал до европските корисници – вин-вин ситуација за двајцата претседатели.
На Путин му треба Ердоган, а на Ердоган му треба Путин
Политичката и економската поддршка од Русија стана уште поважна за преживувањето на владејачката турска партија АКП, бидејќи таа има проблеми со ЕУ и САД, нагласува експертот за меѓународни односи Ханде Орхон Оздаг за ДВ. Со години има несогласувања и тензии меѓу Турција и Западот. Влошени се и турско-европските и турско-американските односи.
„Војната во Украина ѝ даде шанса на АКП да ги зацврсти економските односи со Русија, бидејќи не се приклучи кон санкциите на САД и ЕУ,“ смета експертот. Според него, Путин му овозможил две клучни работи на Ердоган: „Политичка популарност преку Договорот за житни култури и економска поддршка поврзана со гасот.“ А токму тоа ѝ е потребно на АКП пред изборите, бидејќи ѝ опаѓа популарноста кај народот.
Демократската опозиција е непожелна
Во никој случај не е сигурно дека политичката ситуација во Турција ќе остане непроменета. Ердоган сака повторно да биде избран за претседател, но анкетите не сугерираат лесна победа. Шанса за победа има и опозицијата, со што по повеќе од 20 години би се случила промена на раководството во земјата.
Во Русија пак владата на Ердоган ужива добар имиџ, вели турскиот политиколог Умит Назим Хазир кој спроведува истражувања во Москва. „Путин и Ердоган имаат врска која постои веќе дваесет години. Двете страни добро се познаваат и имаат директна комуникација.“
Тоа на двајцата им го олеснува споделувањето на грижите. Доколку на изборите во Турција победи опозицијата, тоа може да биде спротивно на руските интереси, смета Хазир, бидејќи новата влада би можела да биде подемократска: „Во таков случај ќе се намали влијанието на Русија врз Турција. Тогаш ќе мора да преговараат со повеќе актери.“
Ривалство меѓу Москва и Анкара околу Сирија
Сепак има потенцијал за конфликт и разлики во мислењата меѓу Москва и Анкара. Двете земји, на пример, со сопствена војска се вклучени во сириската војна и поддржуваат спротивставени завојувани групи. Русија традиционално е најважниот сојузник на сирискиот режим, а Турија поддржува дел од сириската опозиција како Ослободителната сириска армија, а истовремено презема и воени акции против Курдите во северна Сирија.
Но, станува очигледно дека двете земји може да најдат меѓусебно разбирање. По години жестока реторика против сирискиот владетел Башар Ел-Асад, Ердоган сега го ублажи тонот. Турција најави и дека наскоро сака мировни преговори со Сирија во кои ќе учествува и Русија.
„Прво ќе се состанат нашите тројца министри за надворешни работи, а потоа ние како лидери,“ стои во соопштението објавено на 5 јануари.
Многу набљудувачи се сепак скептични за зближувањето на Русија и Турција. Анкара се меша во сферата на влијание на Москва, смета Хазир. И експертот за Источна Европа, Заур Гасимов од Универзитетот во Бон вели дека Ердоган започнал „да игра многу поактивна политика во пост-советскиот простор и на Блискиот Исток.“ Русија нема лесно да се помири со тоа, вели Гасимов за ДВ и заклучува: „Кремљ не гледа на Турција како на сојузник. Во Сирија, ерменско-азербејџанскиот конфликт и во Либија, Кремљ има апсолутно различни цели од Турција. Кремљ во Турција многу повеќе гледа ривалски партнер.“