Паралелна држава: Приватни средби за меѓудржавни проекти
17 август 2023Шест дена по приватната посета на премиерот на Косово, Албин Курти на Тетово, каде тој и градоначалникот Билал Касами разговараа за патот Тетово-Призрен, вчера истата тема била на маса и во седиштето на ДУИ во Мала Речица. Косовскиот министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Либурн Алиу, на барање на премиерот Албин Курти остварил средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Алиу во Мала Речица не пристигнал сам, туку со членови на неговиот кабинет и со заменик-министерот Хисен Дурмиши, и на Фејсбук објави фотографија од средбата со Ахмети.
„Имавме одличен разговор за важноста на соработката, повторното зајакнување на историските и културните врски и меѓусебната соработка за проекти за добробит на сите Албанци. Меѓу другото, разговаравме и за многу важниот проект за патна инфраструктура што ќе го поврзе Призрен со Тетово, како и за следните чекори за финализирање на финансискиот договор. Заедно ветивме дека ќе го реализираме овој заеднички проект што е можно поскоро. Заедно сме за патот кој нѐ зближува!“, напиша Алиу.
Институциите како декор
Зошто за овој инфраструктурен проект не се разговара во ресорното министерство за транспорт и врски, туку во партиското седиште на ДУИ? Во 2021 година премиерите Зоран Заев и Албин Курти потпишаа „Меморандум за разбирање“ за изградба на оваа делница, и оттука очекувано е разговорите за сите прашања за неа да продолжат меѓу претставници на двете влади. Но, косовскиот премиер минатата недела не дојде во официјална посета на Владата за разговор на таа тема, туку во приватна посета на Тетово и на разговор со тамошниот градоначалник. Откако таа посета од домаќините во Тетово и Чаир беше протолкувана како поддршка од Курти за здружената опозиција, вчера како да беше направен одреден баланс: Курти го испратил косовскиот министер за инфраструктура на средба со лидерот на владејачката ДУИ, во партиското седиште во Мала Речица!
На таа линија е и забелешката на градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
„Ако посетата на премиерот на Косово беше погрешна во Тетово, тогаш не знам зошто требаше Али Ахмети да го повика министерот за транспорт на Косово за да разговараат за реализација на истиот проект“, реторички праша Касами.
Бидејќи Курти минатата недела не оствари никаква средба со претставници на владејачката ДУИ, во опозициските партии на Албанците доминира впечатокот дека во Мала Речица сега сакаат да ја употребат посетата на министерот за да си припишат заслуги за раздвижување на иницијативата за патот Тетово-Призрен, и да покажат дека без нив ништо не се може.
Но, првиот вицепремиер Артан Груби, кој исто така се сретнал со косовскиот министер, изјави дека некои други се обиделе да ја злоупотребат посетата на Курти.
„Граѓаните ценат работи, проекти и реализација, а не фолклоризам и проѕирен патриотизам кој беше промовиран од тие кои го поканија Курти и се обидоа да го злоупотребат за нивна политичко-партиска дневна агенда, за да придобијат некој поен, но очигледно дека не придобија“, изјави Груби.
Тој порача дека треба да се почитуваат државните институции, законските обврски, знамето и химната.
„Патот Тетово - Призрен не може да го прави Општина Тетово, туку нашата влада со владата на Косово. Секако дека треба да ги почитуваме институциите во нашата земја, треба да ги почитуваме знамето и химната и сите законски обврски што ги имаме во било која од организациите“, рече Груби.
Сѐ наопаку
Ако треба да се почитуваат државните институции - зошто косовскиот министер бил во партиско седиште, а не во кабинетот на министер за транспорт на РСМ, Благој Бочварски? Ни одговорот од Бочварски не ги расчистува докрај нејаснотиите за ова прашање.
„Според информациите што ги добив, денешната посета на министерот Либурн Алиу била, пред сѐ, приватна. Но, со министерот Алиу имаме постојана комуникација и имаме остварено повеќе средби во изминатиот период на кои сме ги отвориле сите прашања што се од заеднички интерес за двете земји“, објаснува Бочварски за ДВ.
Вели дека вчера се слушнал со косовскиот колега, но заради претходно договорени обврски, не можел да се сретне со него.
„Во неформална комуникација, согласно вчерашната агенда и закажаните состаноци, му посочив на министерот Алиу дека не сум во можност да остварам ниту работна, ниту неформална средба и во исто време го поканив министерот Алиу на работен состанок во Министерството за транспорт и врски каде ќе продолжиме со отворената комуникација за реализација на заедничките проекти“, рече Бочварски.
Не е првпат во земјата грубо да се мешаат лончињата по прашањето на принципите на поделба помеѓу партиите и државата. Во неколку наврати ДУИ за партиски цели ги користеше просториите на Министерството за политички систем, со кое раководи Груби. Во јули годинава, наместо во партиското седиште, лидерот на ДУИ одржа средба со т.н. „Вајмарска тројка“ во просториите на Министерството за политички систем. Ова газење на границата меѓу партијата и државата не беше единствен пример. Министерските простории беа користени и за потривијални работи - за „антистрес дружба“ во која министрите на ДУИ во службените простории си играа фудбал на мали голчиња, а таму беше прославен и роденденот на Ахмети во 2021 година.
Сега е обратно: кога активностите треба да се одвиваат во Владата, односно во Министерството за транспорт и врски, тие се преселија во партиско седиште, небаре станува збор за приватен, а не за меѓудржавен инфраструктурен проект.
Не постои друг таков случај
Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, на Фејсбук се осврна на ваквиот преседан.
„Тешко дека каде било во светот постои друг случај, претседателот на една од повеќе мали партии, за изградба на пат да преговара со министер за сообраќај на друга соседна држава“, напиша тој.
Случајот го коментираше и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
„Господинот Ахмети е лидер на политички субјект, а местото на косовскиот министер е во кабинетот на нашиот министер за транспорт и врски. Не се даваат изјави од партиско седиште, се даваат изјави од државни институции. Ако ние зборуваме за меѓудржавни проекти за поврзување што се корисни за сите, бидејќи регионот треба да се поврзе, тоа се зборува на ниво на институции. Со ова се покажува дека ние во Македонија всушност имаме паралелна држава којашто се води од партиски седишта и тоа е недозволиво“, изјави Димитриевски на ТВ Канал 5, потенцирајќи дека токму зарди таквиот пристап денеска се зборува за паралелна држава.
Тој се осврна и на изјавата на неговиот поранешен колега од општина Гњилане, во однос на Курти.
„Градоначалникот на Гњилане од Косово, Љутфи Хазири, рече дека всушност господинот Курти го скара Косово со Албанија, го скара со Црна Гора, сега во моментов и со Македонија и мислам дека факторот на дестабилизација во регионот токму од таму доаѓa“, изјави Димитриевски.
Минатонеделните домаќини на Курти, градоначалниците на Тетово и Чаир - Билал Касами и Висар Ганиу, завчера добија прекршочни пријави од МВР затоа што за време на пречекот на Курти не постапиле согласно со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ.