Природата на имитацијата е поистоветувањето со ефектот, но не и со генезата. Во тоа е острата дистинкција помеѓу Христијан Мицкоски и Никола Груевски, неговиот ментор и слика залепена врз огледалото над лавабото. Груевски патот кон врвот го започна преку подрум, оддолу нагоре, преку трпелива експлоатација на технократ без идеолошки и етнички оптоварувања и макотрпно кроење на мрежата низ сите институции на системот и пори на општеството. Мицкоски, од друга страна, стапува на сцена од самиот врв, со еден единствен правец на движење - надолу, лизгајќи низ гнилите штици на шовинизам, омраза, лаги и евтин популизам. Библиски поучно, Груевскибеше грешникот од кој се создава светец, додека пак Мицкоски е пластично моделираниот светец однапред осуден да заврши како ангел отпаднат од милоста.
Груевски можеше да си дозволи такви деликатни операции бидејќи неговиот настап беше детерминиран од реалното чувство на иритација кај Македонците поради 2001 година, изборот на навистина дотогаш непознати и сепак стручни кадри во власта, како и спремноста на меѓународната заедница да го подржи како компензација за неславниот крах на кабинетот Георгиевски. Мицкоски и ова ВМРО-ДПМНЕ е насушна и темелна спротивност и контрадикција на сето наведено. Неговата анти-ДУИштина е провидна маска за криење на насилната и вулгарна кампања на отворена албанофобија и нескриен шовинизам, неговите соработници само рециклирани кадри од најмрачните последни денови на груевизмот, неговата препотентност - потсетник за меѓународната на најцрните епизоди на ВМРО-ДПМНЕ со Фровик и непријатните искуства од средбите со Бајден.
Тажна и патетична беше сликата на мандатарот кој во сета негова умисленост се обидуваше да се исчисти од кампањската антиалбанска поганштина преку провидно и шибицарско „извинување” за настапите на Левица на првата конститутивна седница на Собранието. Баналноста, сепак, не беше во глумењето на „мудрост на соживотот”, туку во веќе излитената патрдија во редефинирање на политичката сцена во која лошата Левица треба да ја преземе аурата на „екстремна десница”, за Мицкоски и братијата да се наместат како демек „нов центар”. Таа имитација на груевистичкото тегнење на центарот кон десницата, не успеа да се репризира од Заев, уште помалку ќе му успее на Мицкоски и ова, вакво имитативно ВМРО-ДПМНЕ.
***
Ако по утрото се познава денот, ова Собрание однапред може да се прогласи за прв парламентарен состав креиран како нус ефект на доминантниот ботовскиот менталитет и вокабулар врз кој се одвиваше кампањата и градеше новото парламентарно мнозинство. Следењето на репликите на ВМРО и Левица беше како да читате статуси и реплики на ботовите низ Твитер и Фејсбук. Големите CapsLock букви и декоративни емотикони беа заменети со врескави дерења за „балисти и ванчомихајловисти” и реплицирани со „слуги на Aхмети и Заев”. Ова е нивото на „надежните лавови” од ВМРО-ДПМНЕ и „младите арслани” од Левица, сведени на излитени мачори во задоцнета сезона на парење. Единствено помизерни во таа претстава беа „вучјаците” од ВЛЕН, кои по толку острења на заби против Груби, Османи, Ахмети, наеднаш во себе ја открија природата на пекинезерски милечиња и бабулести бапчорки во молење на Апасиев „да се запази културата на дијалог”.
Од ваков ботовски парламент, не може да се изнедри друго освен влада на тролови, селектирани по принципот на градење на имиџ преку паразитско лепење врз фамата на претходникот. За Мицкоски веќе ја нагласивме неговата парохиска имитација на Груевски, но тоа е дури духовита сатира во споредба со урбенесно комичната усилба на Изет Меџити низ имитирање на Али Ахмети во пушење цигари, во седење на неговото место во Собрание и поза на „Баба Изет” да се наметне како лидер на опозицијата и барем за час, барем за едно попладне да се издигне над ривалот Таравари. Сликите и позите се едно, но пополнувањето на сепак преголемите чевли на Ахмети се нешто сосема друго.
Ботовштината на парламентарниот дискурс, троловството на владеачкиот бекграунд и молкот на сѐ уште онесвестената СДСМ-овштина јасно ги исцртаа дистинкциите помеѓу двете доминатни патологии на ривалските политички групации. Накусо кажано, политиката на СДСМ е резултат на доминантната матрица на индивидуална социопатија, додека пак онаа на ВМРО е дијагноза на колективна стихијна социопатија. Индивидуалната социопатија како матрица на СДСМ е детерминирана од привилегираната едноумна исклучивост на комунизмот, додека пак во случајот на ВМРО колективната социопатија е состојба на групен нарцисизам и верба дека „сопствената група е вонредно квалитетна, но недоволно признаена како таква”. Препознавањето на овие две социопатии е многу тешко да се детектираат низ ривалството-партнертвото помеѓу СДСМ и ВМРО. Но се така лесно видливи и јасни кога се отсликуваат низ периодичните имитации од страна на ДУИ (или сега ВЛЕН) кои таквата социопатија на двете македонски партии ја реплицираат и пренесуваат во карикатурална форма. Оттаму, како што Артан Груби беше карикатурална имитација на СДСМ-овската индивидуалистичка социопатија, така и групацијата ВЛЕН е комично хипер-сатуризирана слика на колективната социопатна нарцисоидност на ВМРО.
***
Груевски имаше грејс период од најмалку 3-4 години на беневолентна доверба на странците. Заев имаше цела деценија капарисана доверба која ја потроши за помалку од две години. Доброто или лошото во случајот на Мицкоски е што однапред ја потроши деценијата на Александар Вучиќ во „надежно исчекување” и уште од мандатарски чевли влета во тековната само-виктимизациска поза за која никој нема ниту трпение ниту премногу разбирање.
Во регион предводен од секакви ликови и карактери, досега немало ваков студен пречек на некое ново раководство од страна на меѓународната заедница. И тоа уште пред да стапи на должност и положи заклетва. Како што е случајот со Сиљановска Давкова и штуроста на нејзиниот пречек во клубот на светски шефови на држави. Навистина, нејзиниот настап беше честитан од самата ЕУ и големата ЕУ-тројка на Франција, Германија, Италија, но и тоа се чини беше повеќе искористена протоколарна форма за испраќање пораки за испорачување на преземените меѓународни обврски. Молкот од Москва може да се разбере како реакција на комуникацијата со Влодимир Зеленски.
Од друга страна, вокабуларот на високо рангираната дипломатка од САД во искажување „разочараност” поради неспомнувањето на уставното име на државата при давањето заклетва беше најава дека нешто не штима во комуникацијата на Сиљановска Давкова, поточно на Мицкоски, со стратешките партнери во САД. Исказот на „разочараност” од страна на заменик-секретарката Лиз Ален беше дополнително подвлечено со одбивањето „да се прејудицира” (но не и исклучи) преземањето можни санкции, како и адресирањето на одговорноста во ставот дека „ќе следиме што прави Владата”.
Како и да е, Сиљановска Давкова е во дваесеттиот ден на својот мандат и сѐ уште во исчекување на честитка од колегата Бајден. Вестите на грчките медиуми дека Стејт Департментот приготвил, но се воздржал од испраќање протоколарно-службена честитка само ја стави на увид оваа непријатност без преседан во билатералните односи и сосема ретка во светот на меѓународните односи. Сиљановска, по сопствена вина, се постави во улога на релејна станица за пацките кои Вашингтон ги испраќа до Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Но доколку молкот на Сиљановска-Мицкоски за Северна Македонија е причината за молкот на Вашингтон кон нив, тогаш ова е мал проблем, лесен за надминување.
Далеку покомплициран предизвик е доколку – скраја инаетџиството на новопечените државници – причините се мотивирани и од некои други, далеку попроблематични причини кои засегаат како во билтаералните односи, така и во сржта на принципите на меѓународните пишани и непишани правила на однесување. Останува надежта дека заладувањето не е резултат на нарушувањата на светоста на дискрецијата во дипломатската кореспонденција и нејзина злоупотреба во домашнополитички пресметки. Што во основа е глобално „но-но” во меѓународната дипломатија, од која било блоковска страна. Мицкоски, повеќе отколку Сиљановска, треба час поскоро да подразмисли за пораката испратена низ неиспраќање пораки со кои се пречекува неговата избраничка од страна на САД, но и од Турција, Канада, Полска и.т.н. А за тоа, нема премногу време на располагање.
Мицкоски можеби ја има комоцијата да ги става интеграциите во ЕУ во втор план, но тој луксуз го нема во однос на НАТО, како премиер на земја членка и тоа во тензичните предели на јужното крило, тензии кон кои тој самиот има придонесено. Мандатарот во чекање можеше да си ги држи панталоните при зачленувањето, но како премиер ја нема таа комоција на евтина дрскост додека е под заштита на Алијансата. Од неговиот избор на зборови во Собранието ќе зависи и дали ќе биде пречекан со беневолентна скепса или принуден да помине низ „тунел на топол зајак” при првото учество и директно соочување со колегите на претстојниот самит на НАТО. Каде што нема да има ниту можност ниту простор за политикантски егзибиции од типот „Африм Спикер и ВЛЕН партнер”, туку ќе мора да понуди јасни црно-бели одговори и ставови на конкретни прашања. А како што може да научи од неговиот модел Александар Вучиќ и коалицискиот партнер Албин Курти, Западот веќе не верува на балкански солзи.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.