Партиски понуди и црвени линии за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ
29 април 2024Парламентарните избори во Северна Македонија уште не се одржани, а партиите веќе на големо ги започнаа пазарењата за влез во идната влада. Првиот круг од претседателските избори покажа огромна разлика во гласовите меѓу кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска- Давкова и противкандикатот на СДСМ, Стево Пендаровски, што за опозицискиот блок е ветер во грб дека нема да изостане големата поддршка на граѓаните и за парламентарните избори. Помалите партии и албанската опозиција гледаат шанса да се слушне и нивниот глас при формирањето на Владата и веќе почнаа да ги соопштуваат своите услови и црвени линии за коалицирање.
„Вреди“: Важни ресори и уставни измени
Африм Гаши од „Вреди“ (Влен) вели дека албанската опозиција веќе договорила важни ресори во идна влада и дека не отстапува од уставните измени. Тие го имаат пикирано Министерството за внатрешни работи.
„Како единствени натпреварувачи во албанскиот политички кампус и, се разбира, победници на овој блок, ние сме и единствени и легитимни претставници на Албанците на овие избори. Следствено, ова нè обврзува да ги претставуваме Албанците и во идната Влада, каде што, меѓу другото, ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата, за да се бориме силно и директно против повеќеслојниот и долгогодишниот криминал и корупција“, изјави Гаши.
Тој е дециден дека во идната Влада тие се гаранција за уставните измени.
„Само пропаганда е дека некој ќе ги блокира уставните измени и евроинтеграцискиот пат. Албанската коалиција 'Вреди' е гаранција во идната Влада дека уставните измени ќе се усвојат и за ова ќе имаме посебна рамка за мерките и роковите за спроведување на оваа обврска. Секако, нашето инсистирање е тие да се усвојат што е можно побрзо и преговорите за пристапување во ЕУ да започнат што поскоро“, вели Гаши. Коалицијата останува на ставот дека треба да се отвори широка дебата со цел при усвојување на идните уставни измени, да се донесе и одредба според која претседателот на државата ќе се избира во Собрание, со што е можно поширок политички консензус, но и со поголема етничка кохезија преку двојното мнозинство.
„Коалиција - не по секоја цена“
Изет Меџити, лидерот на партијата Демократско движење, кој е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, вели дека по изборите на 8 мај не сакаат по секоја цена да бидат дел од некоја влада која нема да биде европски настроена. Меџити во изјава за медиумите рече дека единствено со партијата Левица не би сакале да бидат дел од иста влада, бидејќи е антиевропски настроена.
„Другите, кој повеќе кој помалку, се европски настроени. Наш приоритет е европската интеграција“, рече Меџити, одговарајќи на прашањето дали уставните измени и натаму се нивниот главен услов за влегување во новата влада.
„Победник со победник“
Меџити смета дека не важи веќе правилото за коалицирање победник со победник, бидејќи Али Ахмети го прекршил ова правило во 2016 година и сега нема право од другите да бара да го почитуваат.
Друг аргумент, според Меџити, што не оди во прилог на ДУИ е тоа што Ахмети на овие избори спасот го бараше кај Бошњаците, Ромите, Турците. „Тоа што ДУИ е во коалиција со нив е легитимно, но веќе не може да се повикува дека тој е албанска опција бидејќи разликата во гласови ја направи со помош на помалите заедници“, порача тој.
И Левица подава рака
Левица денеска ја објави јавната понуда до ВМРО-ДПМНЕ и до другите македонски партии за потпишување Македонска платформа, со цел утврдување национален консензус заради превенција од постојните уцени при составување Влада, кои доаѓаат од партиите на албанското малцинство.
Платформата содржи 5 точки: унитарност, територијален интегритет и суверенитет, идентитет, секуларност и строга контрола и надзор над правилната употреба на државните симболи (грбот, знамето и химната) од страна на државните органи, општините и приватните субјекти при сите прослави и манифестации.
Амар Мециновиќ од Левица порача дека подаваат рака за соработка, но под услов да не се потпишат уставните измени, со што ќе се спречи внесување на Бугарите во Уставот.
Црвени линии
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, деновиве изјави дека идната владина коалиција ќе ја предводи неговата партија, а во неа ќе биде и коалицијата „Вреди“.
По изјавата на Мицкоски реагираа од Алијанса за Албанците која е дел од „Европскиот фронт“ на ДУИ. Тие порачаа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го открил предавството на албанската опозиција која „е подготвена да направи каков било компромис, дури и да се откаже од условувањето за усвојување на уставните измени, само за да му се допаднат на Христијан Мицкоски“.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи денеска рече дека „извртената логика дека албанските политички партии треба да се борат за симпатии од едната или другата македонска политичка партија за него е најнавредливата работа што може да му се каже на албанскиот, турскиот или бошњачкиот народ.
„Волјата на граѓаните е над сите и пред сите. Фактот дека политичките партии прават калкулации за после изборите за мене е најголемото потценување на демократијата и потценување на народот“, вели Османи. Тој е дециден дека не Мицкоски, туку граѓаните на 8 мај ќе одлучат за тоа кој ќе биде дел од владата.
„Народот одлучува врз основа на тоа кој има принципи. Нашите принципи се тие. Без договор за уставни измени не може да продолжи да функционира нормално која било Влада, затоа што без ЕУ не можеме да функционираме“, рече Османи.
Позициите на ДУИ се дека Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство и Охридскиот рамковен договор, како и ветингот се прашања без кои не се може за функционирање на која било владина коалиција.