Партиски конгрес на АфД - најавена радикална кампања
13 јануари 2025Алис Вајдел влегува во предизборната кампања со силна поддршка од нејзината партија. На конгресот на Алтернатива за Германија (АфД) во саксонскиот град Риза, делегатите едногласно ја избраа за шпиценкандидат. 45-годишната економистка, како што и се очекуваше, најави радикална предизборна кампања.
Во својот говор Алис Вајдел повика на драстична промена на германската политика за азил и миграција. „Имаме план за иднината на Германија, кој ќе почнеме да го исполнуваме уште во првите 100 дена од учество во владата - целосно затворање на границите“, рече таа. Освен тоа, АфД барателите на азил ќе ги згрижува само со давање бенефиции во натура, а не и со пари во готовина.
Единство со десноекстремното крило на партијата
Во говорот Вајдел се солидаризираше и со десноекстремното крило на нејзината партија. Таа повика на враќање „во голем обем“ на барателите на азил во нивните земји на потекло. „И морам сосема искрено да ви кажам, ако треба да се нарекува ремиграција, тогаш нека се вика ремиграција! " Делегатите гласно ја поздравија изјавата.
Под слоганот „ремиграција“, десноекстремни организации и членови на партијата долго време бараат масовна депортација на мигрантите од Германија. Кога прашањето се најде во фокусот на почетокот на 2023 година, по правно контроверзни медиумски истражувања и извештаи, тоа доведе до национални „протести против десницата“ во кои учествуваа милиони луѓе. Во тоа време Вајдел се огради од тој поим.
И почетокот на конгресот на АфД, во саботата (11.01) во Риза, беше многу попречуван од илјадниците демонстранти и започна со повеќечасовно доцнење. Бројни групи ги блокираа пристапните патишта и повикаа на отпор против партијата, која во делови е десноекстремна. Полицијата ги разби блокадите со употреба на бибер-спреј и полициски кучиња. Притоа покраински парламентарец од Левицата наводно бил претепан до бесознание од страна на полицаец.
Расположение против баратели на азил и други мигранти
Како главен кандидат на АфД и копретседател на нејзината партија, за Алис Вајдел мигрантите и барателите на азил се главна мета на нејзините жестоки напади. „Кој ги опустошува нашите градски јадра? Кој ги напаѓа болничарите, пожарникарите и полицијата? Кој јасно го покажува презирот за нашата земја која треба да им понуди заштита?“
Во случај АфД да стане дел од идната влада, таа сака значително да го отежне стекнувањето германско државјанство. Со тоа, деца родени во Германија веќе нема автоматски да добиваат германски пасош, туку само ако имаат германско потекло. Тоа би било враќање на укинатиот „закон за крвно сродство“.
На повидок нема коалициски партнери
Сепак, во моментов нема реални шанси за учество на АфД во владата. Сите други партии исклучуваат можност за коалиција со АфД, пред сѐ поради нејзините десноекстремни тенденции и членови.
Поранешна пратеничка во Бундестагот и уште еден поранешен член на партијата моментално се во притвор. Тие се обвинети за поддржување терористички организации. И двајцата се исклучени од партијата. Влијателниот политичар на АфД, Бјерн Хеке, во 2024 година беше двапати осуден на високи парични казни поради користење слоган од паравоената организација СА на Адолф Хитлер во неговите говори во предизборната кампања. Покрај тоа, многу членови на партијата одржуваат блиски контакти со десноекстремни организации.
Изборна цел на АфД е да биде најсилна во Бундестагот
Алис Вајдел ги нападна и конзервативните Демохристијани. „Да ја престигнеме ЦДУ, оваа измамничка партија, и да водиме политика за Германија!“, рече таа и додаде дека целта на нејзината предизборна кампања е АфД да стане најсилна политичка сила, пред ЦДУ. АфД моментално ужива поддршка од 20 проценти и со тоа е втора најсилна партија во идниот Бундестаг, по ЦДУ.
Алис Вајдел особено нагласено полемизираше против обновливите извори на енергија. Тие се крајно непопуларни меѓу партиската база на АфД. Вајдел вети поддршка. „Можам да ви кажам, кога ќе бидеме на власт ќе ги урнеме сите турбини на ветер! Крај на овие ветерници на срамот!", рече Вајдел.
Наместо тоа, АфД се залага за повторно воведување на нуклеарната енергија и продолжување на времето на работа на термоелектраните. Алтернатива за Германија ги отфрла научните наоди за климатските промени предизвикани од човечкиот фактор.
Германија на прво место
Во однос на надворешната политика, партијата зазема силен националистички став. АфД се залага за напуштање на ЕУ и повторно воведување на германската марка наместо еврото како валута. Партијата повикува и на независност на Германија од трите големи политички сили - Кина, Русија и САД.
Поддршката на американскиот технолошки милијардер Илон Маск беше ентузијастички примена од сите партиски крила. Тој неодамна силно ја поддржа АфД и ја опиша како „последна шанса за Германија“. Маск го пренесуваше партискиот конгрес на АфД во живо на неговата платформа X, со што тој допре до милионска публика. Вајдел во текот на конгресот постојано го споменуваше Маск како инспиративен пример. Поддршката од Маск е контроверзна во Германија. Администрацијата на германскиот Бундестаг во моментов истражува дали ова претставува прикриена странска помош за предизборна кампања.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик