1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Државата потроши милијарди, лабораториите профитираа?

28 јануари 2023

Здравственото осигурување и државата плаќале за ПЦР тестови во Германија многу повеќе од реалната цена, покажува новинарско истражување. Се чини дека помогнало влијанието на лобистите врз министерот за здравство.

https://p.dw.com/p/4LxWe
USA Coronavirus l COVID-19 Test Zentrum In Houston
Фотографија: Brandon Bell//AFP/Getty Images

Здружението на акредитирани лаборатории во медицината (АЛМ) е клуб на германски лаборатории. Во менаџментот се шефовите на лабораториските гиганти Соник, Лимбах, Амедес и Синлаб. 

Просечниот граѓанин никогаш не слушнал за нив, бидејќи нема директен контакт со нив. Но имаат лекарите и клиниките. Овие лаборатории годишно анализираат милиони примероци, поради сомневање за хепатитис, грип или корона. 

Благодарение на пандемијата, во последните години имаше златна треска во лабораториската индустрија.На пример, Соник Хелткер повеќе од тројно го зголеми својот профит помеѓу јули 2020 година и јуни 2021 година, од 82 милиони евра на 274 милиони евра. 

Како што пишува Соник во годишниот извештај, за тоа се заслужни и ПЦР-тестовите за корона.

Индустријата е интересна за инвеститорите 

Истражувачкиот тим на јавните сервиси ВДР, НДР и Зидојче цајтунг анализирале над илјада страници интерни документи на Министерството за здравство, кои првенствено се занимаваат со плаќање на надокнада за ПЦР -тестови. 

За анализа на тестови за грип и слични патогени, лабораториите добиле околу 20 евра од здравствените осигирувања. Добиле и 59 евра за ПЦР-тестови за корона.

Документите покажуваат дека лобистичката асоцијација АЛМ успешно работела што подолго да се одржат толку високите цени за анализата на ПЦР-тестовите. АЛМ се обидел да ги исклучи ветеринарите, стоматолозите или фармацевти од спроведување на тестовите.

Документите, исто така, откриваат дека лобирањето на АЛМ е делумно заслужно за тоа што Федералната влада и здравствените осигурувања во изминатите три години можеби неоправдано потрошиле милијарди евра за плаќање на ПЦР тестови. 

Шпански белешки 

Рутинска постапка е, особено за време на пандемија, Министерството за здравство да испраќа нацрт-закони или прописи до осигурителните компании, клиники или организации засегнати од темата. Нацрт-правилата ги добија и АЛМ.  

Претседателот на тоа здружение Мајкл Милер, според документите, знаел за само неколку часа да одговори до Министерството со предлози за измени на закони и одредби. Јасно е дека неговите писма завршиле на бирото на поранешниот министер за здравство Јенс Шпан од редовите на Демохристијаните. Бидејќи документите ги содржат пораките на Милер на кои белешките рано ги напишал Шпан. „Ве молиме организирајте видео конференција со АЛМ во август“, стои во една од белешките.

Шпан не беше многу расположен да одговара на прашањата на ВДР, НДР и Зидојче. Тој изјави дека повеќе нема пристап до трудови и документи врз основа на кои би можел да го проучи и да одговори на прашањата на новинарите. 

Јенс Шпан
Јенс ШпанФотографија: John Macdougall/AFP/Getty Images

Веќе во април 2020 година, Министерството за здравство планираше и ветеринарни лаборатории да учествуваат во анализата на ПЦР тестовите, за да може да се направат повеќе тестови.

Но, на 21 април 2020 година, Милер испратил писмо до Шпан во кое остро реагирал: „Планираното давање дозвола на ветеринарите (...) не е ниту неопходно ниту соодветно, и затоа сме против“. Ветеринарите немаат „неопходни вештини и знаења“ за тоа, тврди тој.

Ветеринарите на крајот беа „избришани“ од прописите за тестирање. До денес, претставниците на ветеринарната медицина се лути поради тоа. Меѓудругото, затоа што знаат дека можеле да понудат поевтини услуги и дека толку големи капацитети за извршување на ПЦР-тестови останале неискористени.

Шефот на АЛМ Милер до 16 декември не одговори на новинарските прашања. Преку колега кажа дека му требаат четири недели за да подготви одговор. 

Директен линк до министерот? 

Како постапувал првиот човек на АЛМ може да се види со пример од јуни 2020. Тогаш надлежниот здравствен орган одлучил од здравствените осигурувања за ПЦР тестот повеќе да не плаќаат 59 евра, туку 39,40 евра.

Во следните денови, Милев во две писма до министерот Шпан моли одлуката да се поништи. Како што напишал, „малите лаборатории“ нема ни да можат да ги покријат трошоците доколку цената падне.

Потоа, на 26 јуни 2020 година се одржа средба меѓу Шпан и Милер, а набргу потоа Министерството за здравство соопшти дека Владата нема да ја намали таксата за ПЦР тестовите. Шпан не сакаше да зборува за тоа, туку се повика на Министерството. Но, и таму новинарите не добија одговор.

Во ноември 2020 година, Министерството за здравство сакаше да им дозволи на стоматолозите да вршат тестови. Само еден ден потоа Милер му напиша на Министерството: „Сметаме дека нема потреба од прифаќање на (...) стоматолози и ветеринари“. На крајот стоматолозите беа исклучени од конечниот текст на владината одредба за спроведување на тестови за корона. 

Успешни интервенции 

Во ноември 2021 година (тогаш цената на тестот веќе беше малку намалена), Министерството планираше да вклучи фармацевти и матични лекари во процедурата за анализа на брзите ПЦР-тестови во нивните ординации - по цена од 30 евра по тест.

Милер добил нацрт од одредбата, па повторно му пишал на Министерството, тврдејќи дека лекарите и фармацевтите „не се стручно обучени“ за ова и дека не ги познаваат законските прописи. И затоа „критички гледа“ на плановите на Министерството, додавајќи дека ги отфрла. Три недели подоцна, беа објавени новите прописи на федералната влада за тестирање, без планирани брзи ПЦР-тестови.

Во своите белешки, шефот на АЛМ Милер постојано се заканувал дека намалувањето на цените на тестовите го зголемува „ризикот“ „медицинските лаборатории да ја прекинат“ анализата на тестовите за корона. Тоа беше закана направена среде пандемија.

Но, кога навистина се намали висината на надоместокот за тестовите, се зголемија и капацитетите - очигледно анализата на тестовите и по пониски цени се уште е профитабилна работа. 

Новиот министер ги намали трошоците 

Како што пишуваат истражувачките новинари, државниот буџет и компаниите за здравствено осигурување досега издвоиле околу шест милијарди евра за ПЦР тестови.

Лабораториите денеска добиваат 30 евра по тест, вклучувајќи транспортни, логистички и други трошоци.

„Ми се чинеше дека трошоците се превисоки“, изјави за новинарите социјалдемократскиот министер за здравство Карл Лаутербах, кој го наследи Шпан по поразот на демохристијаните на изборите.

„Тогаш ги намалив трошоците за повеќе од половина. И покрај ова, понудувачите излегуваат на крај со парите. Затоа, трошоците никако не можат да бидат поголеми од она што во моментов го плаќаме“, додаде Лаутербах.

 

Тест за коронавирусот со врескање