Пендаровски: Судскиот совет се посрамоти
29 мај 2023Судски совет ги отфрла како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека нивниот нов претседател е избран во нелегитимна процедура, поради што е ставен во мирување четиригодишен проект финансиран од страна на Холандија. Ова судско тело по денешниот работен колегиум испрати порака дека функционираат законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет.
Но, претседателот Стево Пендаровски смета дека изјавата на холандскиот амбасадор е коректна и очекува не само Холандија, туку и другите амбасади да го сопрат финансирањето на проекти за судството, но и со невладини организации и медиуми коишто „изминатиов период работат против Европа“.
„Целиот состав на Судскиот совет се посрамоти во очите на јавноста“, вели Пендаровски, кој смета дека проблемот е многу поголем од „двајцата членови коишто тој ги предложил, а ги избрало Собранието“.
Ваквата реакција следи откако амбасадорот Коп во неделното интервју за Радио Слободна Европа информираше дека Холандија ставила во мирување проект поврзан со Судскиот совет, „кој стана нелегитимно тело“. Прашан за состојбата на правосудниот систем, холандскиот амбасадор Коп во неделното интервју за Радио Слободна Европа, вели дека тоа е централно прашање, кое Холандија го следи внимателно.
„Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но, она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“, изјави Коп.
Повик да се испитаат сите сомнежи за корупција
Но, членовите на Судскиот совет потенцираат дека првиот човек на ова судско тело е избран на седница со потребниот број на гласови согласно законот. Тие ги повикуваат надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција и потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет.
„МАТРА" е името на проектот што се спроведува повеќе години со поддршка од Кралството Холандија, а беше насочен кон зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет.
Според Судскиот совет, холандскиот проект трае четири години и се состои од три компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година.
Порталот „Независен“, повикувајќи се на информации од холандската амбасада, објави дека станува збор за проект вреден 954.850 евра кој требало да се реализира до септември идната година и со кој требало да се зајакнат капацитетите и компетенциите на Судскиот совет преку размена на експертиза со холандскиот Совет за судство. Низ таа соработка требало да се зголеми судската ефикасност, да се промовира отчетност, да се воспостави систем за управување заснован на перформанси, да се промовира вградување на стандарди за интегритет и етика и да се унапреди регионалната соработка. холандската влада досега потрошила милиони евра за реформите во Македонија, а само во последните пет години наменила 4 милиони евра само за проекти во судството, покрај тие за добро владеење, човекови права и антикорупција.
Што ја прели чашата?
Забелешките од Холандија се само дел од низата критики коишто пристигнаа на адресата на Судскиот совет изминатиот период, по спорната седница на 26 април когабеше разрешена Весна Дамева, а потоа на итна седница беше избран судијата Сашко Георгиев за нејзин наследник. Турбуленциите во Судскиот совет се случија по писмото коешто го испрати амбасадорката на САД, Ангела Прајс Агелер, на 11 април до судските и извршните органи во кое изразува загриженост за случувањата поврзани со поништените решенија против високи профили кои Апелациониот суд ги врати на повторно судење.
Загриженост за корупцијата и за судбината на предметите на поранешното СЈО изрази и холандскиот амбасадор, што според партијата „Алтернатива“ е сигнал дека ЕУ интеграцијата на Северна Македонија веќе нема да зависи само од внесувањето на Бугарите во Уставот. „Колку побрзо ја разбереме реалноста, толку подобро за сите“, порачаа од партијата „Алтернатива“ по изјавите на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.
„Од холандскиот амбасадор дознавме дека заради корупција е прекинат проект наменет за Судскиот совет. Тежок скандал кој директно ги загрозува нашите европерспективи. Не треба да се залажуваме и да мислиме дека ова е нешто што ќе помине за три дена“, соопштија од Алтернатива.