1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски и зоната на комфорот

22 декември 2023

Претседателот Пендаровски ја пропушти шансата да излезе од комфорната зона на Водно свесно приклонувајќи се кон аполитичниот дел од општеството. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4aSBM
Македонскиот претседател Стево Пендаровски
Македонскиот претседател Стево ПендаровскиФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Стапувањето на Пендаровски на претседателската функција во извесна смисла значеше вртење на нова страница на Македонија. По партискиот послушник Иванов и политички инертниот Црвенковски, Македонија доби претседател без партиска книшка, што значи со предиспозиција да биде прифатен од поширокото граѓанство. Неговото доаѓање на функцијата се совпадна и со паѓањето на  режимот на Груевски, што му даде дополнителен демократски печат на стартот на неговиот мандат. Важеше за добар познавач на домашната и на меѓународната политика, што во периодот кога почна да паѓа квалитетот на луѓето кои се занимаваат со политика во Македонија, беше уште една голема предност да се има таква личност во самиот државен врв.   

Но како што често се случува со големите очекувања тие носат и големи разочарувања, па така некако може да ја почнеме оваа кратка вивисекција на петгодишниот мандат на претседателот Стево Пендаровски. Без посебна страст во политичкото дејствување, но често со неодмереност во изјавите, со движење час на периферијата на политиката- час во центарот, но повеќе на периферијата, изминаа петте години негово претседателствување со државата. 

Внимателно и стратешки градејќи добри односи со новинарите, Пендаровски случајно или намерно успеа во изминатите пет години неговата работа да не се најде под лупа на јавноста иако извршуваше функција која имаше надлежности во областите кои најмногу ја засегаат државата – определува мандат за состав на владата, предлага двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Судскиот совет, има големи надлежности во безбедноста, ја претставува државата во меѓународни рамки, поставува и отповикува со указ амбасадори во странство и друго. Освен тоа тој ужива и бројни бенефиции во поглед на секојдневното живеење чиј корисник е и неговото семејство. Тоа е важно да се истакне заради тежината која му ја дава државата, наспроти слабата демонстрација на одговорност не само кај Пендаровски туку и кај неговите претходници кои по правило се кријат во сенка на премиерот и министрите кои секојдневно се на удар во јавноста.   

За петгодишното претседателствување на Пендаровски можат да се дадат неколку оценки. Основната е дека тој не е политичар што презема ризик како што тоа на пример го правеше Заев, па дури и Ѓорге Иванов кога ја даде онаа несреќна аболиција, и преферира да се држи настрана од политички жешки ситуации. Во вршењето на функцијата повеќе внимание посветуваше на граѓанскиот дел поврзувајќи се со различни категории граѓани- спортисти, музичари, професионалци кои постигнале високи успеси, сограѓани од ранливата категорија, а многу често и со ученици од сите возрасти. Тоа го оддалечи од центарот на политичките збиднувања и го направи претседател без посебна политичка тежина. Во држава како што е Македонија, во која доминираат внатрешни конфликти и противречности, и царува корупцијата, како и длабока меѓупартиска поларизација, претседателот секогаш може да поентира. Но Пендаровски ја пропушти таа шанса свесно приклонувајќи се кон аполитичниот дел од општеството како безбедна средина која ќе го штити од критики.   

Посматрач од Водно   

Македонија за овие пет години помина и низ убави работи како што беше членството во НАТО, но претежно низ неубави работи како што беше ветото од Бугарија, пандемијата, целосната компромитација на Судскиот совет и на судството, штетните измени на Кривичниот законик со кои СДСМ го урна сето она за кое се бореше додека беше во опозиција, бескрупулозното зголемување на функционерските плати за 78 проценти, високата инфлација и продлабочување на социјалниот јаз, промената на односот на политичките сили по локалните избори, оставката на Заев кој му беше ветер во грбот на Пендаровски, и доаѓање на нова влада. Но ниту еден од овие потреси не го измести Пендаровски од неговата комфорна зона на љубопитен посматрач од прозорецот на вилата на Водно. 

При преземањето на функцијата во 2019 година Пендаровски рече дека ќе биде претседател на сите граѓани и дека ќе биде посветен на реформите. Во своето инаугуративно обраќање во Собранието вети и дека ќе се бори против корупцијата, и рече дека за него врвен државен приоритет е економскиот раст. Како нов претседател тој тогаш посочи дека евроатлантските интеграции се најважен стратешки приоритет и дека за нив е потребно обединување на сите фактори во државата, ветувајќи дека ќе се ангажира за  интеграција во НАТО и во ЕУ.   

Четири и пол години подоцна кога го привршува мандатот, кај Пендаровски како да спласна тој жар за промени. „Ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата,  во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува“, поразено ќе констатира тој во годишното обраќање во Собранието во вторникот (19.12.2023). „Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во ЕУ драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите“, ќе рече тој во истиот говор осврнувајќи се на интеграцијата во ЕУ.   

Надлежностите (не) се мали   

Речиси сите  претседатели во трката за освојување на функцијата  ветуваат големи работи, но кога ќе стане збор за исполнување на ветувањата, се оправдуваат дека им се ограничени надлежностите. Сепак, не е важно што е напишано во претседателските надлежности, важно е и тоа што не е напишано а претседателот со својот авторитет може да го наметне во внатрешните односи во државата. Пендаровски можеше повеќе да се потруди во лобирањето за уставните измени, или за политичко ефектуирање на американската црна листа на домашен терен. Можеше и  да не го потпише указот за измените на Кривичниот законик - барем ќе покажеше несогласување со таа „брука“. Можеше да покаже солидарност со својот народ и поцврсто да застане зад потребата од намалување на функционерските плати, барем тоа законот не му го брани, и други работи за кои можеше да биде гласен во интерес на граѓаните. 

Вистина е дека претседателот има помали надлежности од владата, но има и далеку помал политички ризик при извршувањето на функцијата - што му дава широк спектар на можности за дејствување. Премиерот и владата имаат далеку поголеми одговорности, но и ризик, да ја загубат власта доколку коалицискиот партнер ги напушти. Претседателот, пак, речиси не може да падне, затоа што процедурата за негово отповикување е толку комплексна и сложена што досега во историјата на Македонија никој не се осмелил предвреме да смени шеф на државата. Ова уставно и законско цементирање на претседателската позиција не е случајно направено туку е за да му се создадат можности на повеќе начини да дава придонес во напредокот на државата а притоа да не плаќа политичка цена за тоа. 

Пендаровски, секако има и силни страни во политиката. Тој има адут кој го издвојува од општата слика за корупцискиот карактер на политичарите во Македонија. Тој дефинитивно не е корумпиран политичар. Друго што треба да се истакне е дека Пендаровски во ниту еден момент не го доведе во прашање прозападниот курс на државата, како што на пример тоа го правеше неговиот претходник Иванов кој му беше идолопоклоник на Путин. Пендаровски го завршува мандатот и како миленик на ЕУ и САД, а одлично балансира и во меѓуетничките односи, што исто така го прави раритетен во напливот на национализам во државата. Во завршните реченици од својот претседателски говор во Собранието во вторникот тој ќе рече: „Никогаш во мојот мандат не сум учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бев поштеден, ниту јас, ниту моето семејство, никогаш не договарав тендери и провизии, не вработував роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските немам побарано посебен третман“. Но тоа сосема сигурно не е доволно за продуктивно извршување на највисоката функција во државата. 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар