1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Пентагон: 10.000 севернокорејски војници се во Русија

ЖА
29 октомври 2024

Американскиот Пентагон зборува за околу 10.000 севернокорејски војници кои ја поддржуваат Русија во војната во Украина. НАТО ги потврди соодветните извештаи

https://p.dw.com/p/4mKm2
Nordkorea Militärparade Soldaten
Фотографија: Ed Jones/AFP/AFP/Getty Images

Според проценките на американското Министерство за одбрана, бројот на војници од Северна Кореја испратени во Русија е околу 10.000. „Проценуваме дека Северна Кореја испратила вкупно околу 10.000 војници на обука во источна Русија, кои најверојатно ќе ги зајакнат руските сили во близина на Украина во следните неколку недели“, изјави заменик портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг. Еден дел од овие севернокорејски војници веќе се доближил до Украина. Се стравува од операција во областа Курск во Русија во близина на границата со Украина. Ако војниците од Северна Кореја навистина бидат распоредени на бојното поле, тоа ќе значи понатамошна ескалација на војната и исто така ќе покаже „сè поголем очај“ на рускиот претседател Владимир Путин, чии сили претрпеа „вонредни загуби“ на бојното поле, истакна Синг. Според неа, тоа е „показател дека Путин можеби се наоѓа во поголеми  проблеми отколку што сфаќаат луѓето“. Вклучувањето на Севернокорејците во руската агресорска војна, исто така, ќе има „сериозни импликации и за безбедноста во Европа и Индо-пацифичкиот регион“, предупреди Синг.

Американскиот претседател Џо Бајден го нарече овој развој „многу опасен“.

Непосредно пред тоа,  НАТО веќе го потврди распоредувањето на севернокорејски војници  на руската граница со Украина. Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави во Брисел дека воени единици од Северна Кореја се преместени во регионот Курск. Тој ја нарече воената  соработка меѓу Русија и Северна Кореја  „закана за Индо-пацифичката и евроатлантската безбедност“.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап јави, повикувајќи се на јужнокорејската тајна служба, дека  Северна Кореја сака да испрати вкупно „четири бригади  со 12.000 војници, вклучително и специјални сили“ на украинскиот фронт за поддршка на руските вооружени сили.

Самиот Путин не го негира присуството на севернокорејски војници и посочува дека Украина се потпира и на персонал од земјите на НАТО. Според руски информации, севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи се очекува во Москва во нова посета, откако таа во јануари беше во тридневна посета на рускиот главен град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна повика на меѓународна реакција во поглед на можното распоредување на  севернокорејски војници на страната на Русија.  „Украина всушност ќе биде принудена да се бори против Северна Кореја во Европа“, изјави шефот на државата. Без решителни чекори од сојузниците, рускиот претседател Владимир Путин само ќе биде охрабрен да изврши дополнителен „терор“, предупреди Зеленски.