1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Mоже ли системот да издржи линеарно зголемени пензии?

Костадин Делимитов
20 септември 2023

Надлежните прават анализи, пензионерите губат трпение. На светскиот ден на пензионерите ќе биде жешко пред Владата.

https://p.dw.com/p/4WZzZ
Протест на пензионери Скопје Северна Македонија
Битката за подостоинствени пензии добива на жестина, но предизвикува и поделеност (фото: протест на пензионери, 14.08.2023)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Имам 40 години работен стаж, а едвај земам 13.000 денари пензија. На оваа скапотија, едвај крпиме за сметки и за лекови. Трагедија е што мораме да бараме за леб од улица, ама нема каде веќе, одам и ќе протестирам оти вака веќе не се издржува“. Лазар Димитров од Кочани е еден од илјадниците македонски пензионери кои наместо да ги уживаат, пензионерските денови ги преживуваат со мака.

Протест пред Влада

По повеќе од месец и половина протести низ градовите во внатрешноста, незадоволните пензионери денеска (20.08) ќе го истурат револтот пред Владата.

Вторпат се собираат да протестираат во метрополата откако пред еден месец добија ветување од надлежните дека работни групи во Министерството за труд и социјална политика ќе ги разгледаат нивните барања и ќе предложат конкретни решенија. Ресорната министерка Јованка Тренчевска пред два дена изјави дека до крајот на септември очекува конкретни предлози за пензиите од работните групи кои редовно се состанувале со фокус на пензионерите со ниски месечни примања. Оваа порака сепак не го смири револтот кај пензионерите:

„Не можеме повеќе да чекаме. Очигледно само нѐ маткаат и купуваат време. Едноставно е, не попуштаме и нема да се повлечеме додека не го добиеме она што го бараме. Линеарно зголемување на пензиите за сите пензионери од 3500 денари. За сите до еден. И за оние со најниските земјоделски пензии и за оние кои земаат највисоки, на пример поранешните претседатели на државата. Па потоа нека пресметуваат проценти секому колку треба да се зголеми“, изјави за Дојче веле Трајче Станојков, пензионер од Свети Николе.

Линеарно зголемување

За овие луѓе е неприфатливо пензиите да се зголемат за 6%, согласно законски утврдената методологија, во услови кога животните трошоци драматично се зголемија во последната година.

„Сѐ живо е поскапено во маркетите, замрзнуваат цени, ама џабе. Како да се издржи со 12 или 13 илјади пензија? Не може за нас само 6% повисоки пензии, а за нивните функционерски плати без проблем можеше да има зголемување од 78%. Кога го направија тоа не зборуваа дека нема пари и дека ќе има проблеми во буџетот, а сега за нас, кои бараме еднократна милостина, велат дека било многу. Се бориме како со мечка за нешто што сме двоеле со години“, реагира Станојков.

протест на пензионери Скопје Северна Македонија
Барања за линеарно зголемување на пензиитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поделеност во битката

Битката за подостоинствени пензии добива на жестина, но предизвикува и поделеност. Раководството на Сојузот на пензионерски здруженија уште во старт се огради од методите и начинот на водење на битката преку улица:

„Барањата на иницијативните одбори пристигнуваа до нас и ние ги процесуиравме во ресорното министерство и тие се на увид на комисијата на Владата. Прашањата се поставени и на нив се работи. Има договор прво да се изработат сет мерки за социјална помош на почетокот, а потоа да се пристапи кон системско решавање на најниската пензија. Ние како сојуз имаме дадено свои предлози, уште од претходно, од пред протестите, и сме за институционален пат на решавање на проблемите и барањата. Јас очекувам дека ќе бидат прифатени одржливи решенија. Вие можете да барате, но не и нешто што може да наштети и краткорочно и долгорочно и за пензионерите. Затоа велам требаат оптимални барања, исполнување на еден логичен оптимум на тоа што се бара. Нашиот пензиски систем е јасен, и тоа што се бара не е компатибилно со него“, изјави за ДВ Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Ако се сака, има решенија

Линеарното зголемување на пензиите, според пресметките, ќе ја чини државата околу 230 милиони евра годишно. Сума која не е мала, посебно кога се има предвид како и за колку се полни дупката во фондот за пензии која од година во година е сѐ поголема. Сепак, според дел од упатените, државата ако сака може да најде решение за да интервенира, посебно во услови на криза како што е актуелната:

„Секоја одговорна власт треба да носи законско решение кое е најдобро за животниот стандард и реалните потреби на пензионерите, особено кога имаме вакви моменти на криза и една половина од пензионерите се на раб на егзистенција. Треба да се гледа големата слика, не само слепо да повторуваме дека таков е законот. Пензионерите имаат право да бараат, а Владата има обврска да им обезбеди зголемување на пензиите со кои ќе им овозможи достоинствен живот, а не да преживуваат и стравуваат. Зголемувањето на животните трошоци за сите пензионери се исти и затоа е потребно линеарно зголемување на пензиите. Тоа што на некои уплатите за придонес за пензија биле повисоки, а на други пониски, веќе е пресметано и предвидено при одлучување за поднесеното барање за определување на износот за пензија, односно со донесеното решение за пензија. Предвиденото процентуално зголемување на пензиите, на пример 6 % за секој пензионер, би ја зголемило уште повеќе разликата помеѓу пензионерите, од причина што процентуалното усогласување од најавените 6% на пензија од 60.000 ден е 3.600 денари, а на пензија од 13.000 денари е само 780 денари“, изјави за ДВ Билјана Јовановска, поранешен прв човек на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

протести на пензионери Скопје Северна Македонија
По повеќе од месец и половина протести низ градовите во внатрешноста, незадоволните пензионери денеска (20.08) ќе го истурат револтот пред ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Буџетот нема да трпи?

Линеарното зголемување на пензиите, според неа, не би предизвикало никаква промена на веќе планираниот буџет ако истите тие средства наместо да се дадат 6% по пензионер, се распределат линеарно со ист износ за сите пензионери од истиот тој буџет.

„Затоа што 6% зголемување на вкупната сума за исплата на една месечна пензија за сите пензионери (пр. 6 милијарди денари), ќе значи дополнителни 360 милиони денари за буџетот на државата (значи 6,36 милијарди), било да е процентуално или линеарно. А покрај постоечкиот, предвидениот, Владата може да го зголеми буџетот на Фондот од непродуктивни трошоци, сузбивање на сивата економија и друго, па така ќе може линеарно да ја зголеми пензијата ако не за бараните 3500, можеби за 2500 или 2000 денари“, укажува Јовановска.

Внимателно со пресметките

Дел од експертите предупредуваат дека со политиката за зголемување на пензиите треба да се биде внимателен пред сѐ поради ризиците од неодржливост со кои пензискиот систем во Македонија одамна е соочен:

„Јас постојано велам дека не треба да се заборави дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и понатаму се финансира дефицитно.Се врши капитализирање преку буџетот на сметка на даноците и другите давачки што ги плаќаат сите граѓани во државата. Така што, ако дојде до зголемување на пензиите кое економски е неоправдано, само ќе се зголеми финансирањето од буџетот, што пак дополнително ќе го зголеми даночниот товар за сите граѓани“, вели во изјава за Дојче веле економистот Павел Гацов.

Сиромаштија на старост

Оттука, според него, неприфатливо е да се зголемуваат пензиите по принцип на линеарно поместување како што бараат дел од пензионерите:

„Согласно законот за пензиско и инвалидско осигурување, зголемувањето на пензиите не може да се врши линеарно. Пензијата не е социјална, туку економска категорија и нејзината висина зависи од висината на уплатените пензиски придонеси за време на работниот стаж на секој осигуреник“, нагласува Гацов.

(Не)соодветни проблематизирања

Дел од експертите, пак, сметаат дека конкретниот случај со барањата на пензионерите не треба да се проблематизира со забелешки од типот кој колку придонесувал низ годините работен стаж:

„Усогласувањето на пензиите не е врзано ниту за претходно уплатени придонеси ниту за работен стаж. Пензионерите со максимална пензија не придонесуваат повеќе од оние со минимална пензија, освен што имаат трипати повеќе пари за трошење!? И оние пензионери што работеле во градежништво, текстил и слично, во фирми кои одеа во стечај и не исплаќаа плати, прво не по своја вина земале минимални плати и со тоа ниски придонеси, дел биле долго без работа, технолошки вишок, стечајци, па поради тоа и добиле решенија за ниски пензии, а сега да ги казнуваме и со трошки од усогласување? Како може да се изедначи пензија од 200 евра со онаа од 1000 евра, ако и едните и другите земат покачување по 50 евра? Уставно е некои административци да останат без зголемување како колегите каде платите се зголемија 30%? Ако не е уставно зголемување на пензии во ист износ, дали е уставно и К15 во ист износ да се исплаќа наместо во зависност од висината на платите? Дали е уставно што стечајци земаат ист износ, а не во зависност од должина на работен однос и платен придонес за вработување? Дали е уставно што за сите вработени се плаќа придонес за вработување, а паричен надомест не може да замат сите? Значи ќе седиш на работа и ќе трпиш ниски плати, мобинг, зошто ако дадеш отказ не може да се потпреш на државата ни еден месец да земаш паричен надомест, а си плаќал 30 години без прекин! Многу треба да се менува, многу може да се направи за граѓаните, само ако се сака“, укажува Билјана Јовановска.

Македонските пензионери кратко уживаат во пензијата

18.000 денари минимална пензија

Освен линеарно зголемување, пензионерите бараат и корекција на минималната пензија на најмалку 18.000 денари. Тоа е безмалку идентично со актуелната просечна пензија во државата, која според последните податоди на Фондот за ПИОМ изнесува 19.106 денари. Од корисниците на пензија во државата, 28,56% земаат пензија до 13.300 денари, а над 22.000 денари земаат 27,61% од корисниците на пензија.

Неодржлив сооднос

Проблемите на македонскиот пензиски систем низ годините се бројни, а еден од клучните на кој постојано се укажува е односот меѓу бројот на вработени и бројот на пензионери. Односно оние кои ја полнат касата на Фондот за пензиско и оние кои од истата земаат пензија. Во првата половина од годината, според статистиката на ПИОМ, во државата има 337.054 корисници на пензија, што е двојно помалку од бројот на вработени, кој изнесува 683.242. Ова значи дека има двајца вработени на еден пензионер што не се смета за одржлив сооднос, односно е за 50% понизок од препорачаниот или оптималниот тројца вработени на еден пензионер.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема