Пјонгјанг демантира дека испратил војници во Русија
22 октомври 2024Официјален Пјонгјанг негираше дека и обезбедил војници на Русија кои би можеле да бидат мобилизирани во конфликтот во Украина, а претставникот на Пјонгјанг во Обединетите нации (ОН) рече дека таквите тврдења на Сеул се „неосновани гласини“.
„Во однос на таканаречената воена соработка со Русија, мојата делегација не чувствува потреба да ги коментира овие неосновани стереотипни гласини“, изјави претставникот на Северна Кореја на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Овие тврдења на Сеул се „со цел да го нарушат имиџот“ на Северна Кореја и да ги „поткопаат легитимните, пријателски и кооперативни односи меѓу двете суверени држави“, додаде функционерот.
Јужна Кореја во понеделникот (21 октомври, 2024) го повика рускиот амбасадор во Сеул на состанок со барање за „итно“ повлекување на војниците кои, според Јужна Кореја но и Украина, Пјонгјанг ги испратил да ја поддржи Москва во војната против Украина, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
Околу 1.500 припадници на севернокорејските специјални сили веќе се во Русија и се очекува наскоро да заминат на фронтот, јави во петокот агенцијата Јонхап повикувајќи се на информации од Јужнокорејската тајна служба НИС.
НИС очекува околу 12.000 севернокорејски војници да бидат испратени во Русија.
Со оглед на ваквите извештаи властите во Сеул ја преиспитува својата политика за поддршка на Украина, при што за првпат на маса е и одлука за испраќање оружје и воени инструктори во земјата, јавуваат новинските агенции Јонхап и Ројтерс повикувајќи се на јужнокорејски безбедносни извори.
Јужна Кореја досега и нема доставено оружје на Украина и главно на земјата и испорачуваше несмртоносен материјал, како што е опремата за чистење мини.
Инаку во последните месеци лидерите на Северна Кореја и на Русија, Ким Јонг Ун и Владимир Путин ја интензивираа воената соработка. Во јуни Москва и Пјонгјанг потпишаа договор за сеопфатна стратешка соработка, кој вклучува и взаемна помош во случај на напад од трета земја.