Платениците на Вагнер и судирот во Судан
27 април 2023„Русите купуваат речиси сѐ“, рече за ДВ Омар Шериф, рудар од североисточниот град Ал-Ибаидија во Судан, кратко пред да избие конфликтот меѓу војската и паравоените сили РСФ.
Шериф е еден од десетиците рудари во Ал Ибаидија, гратче на брегот на Нил лоцирано на околу 400 километри северно од главниот град Картум. Рударите, работејќи во пеколни услови, вадат злато од карпите, кое го одвојуваат со помош на хемиски процеси со токсични супстанции како жива, кои може да нанесат штета на рударите и околината.
Поголемиот дел од златото завршува на околу 16 километри оддалечена постројка на руска компанија во сопственост на основачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, близок пријател на Путин.
„Русите плаќаат околу 4 илјади долари (3.620 евра) за една пратка злато" вели Шериф. „Често се очајни и купуваат сѐ”, додава тој.
Групата Вагнер во Судан на покана од диктаторот
Групата Вагнер првпат се појави во Судан во 2017 година, на покана на тогашниот претседател Омар ал-Башир, а по средбата на суданскиот диктатор и Путин во Москва.
Приватната воена организација ја отвори компанијата „Меро голд” преку која ги вршеа своите работи во Судан и која подоцна беше санкционирана од САД. „Меро голд” кратко потоа започна со експлоатација на злато од Судан и почна да гради врски со генералот Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемети, кој е лидер на паравоената РСФ.
Членови на РСФ, според локалното население, пружале заштита на руските платеници кои купуваат злато од рударите. Руската постројка за преработка на рудата наводно е чувана од страна на повеќе паравојници, за кои се вели дека имаат тесна соработка со рускиот безбедносен персонал кој веројатно припаѓа на групата Вагнер.
„Паравојниците на РСФ соработуваат со Русите повеќе од четири години“, вели за ДВ Мустафа ал-Тахир, кој копа руда во регионот од 2018 година. „Каде и да одат Русите, РСФ се со нив”, додава тој.
Вагнер ја одржува врската со Хемети по симнувањето од власт на Ал Башир во 2019 година од страна на продемократското движење, што го поплочи патот за транзициска цивилна влада. Но, истата таа врска се чини беше искористена и за рушење на цивилната влада речиси две години подоцна. По пучот, за кој се претпоставува дека е поддржан од Русија, власта ја презема генералот Абдел Фатах Бурхан од редовите на суданската војска, а Хемети станува негов заменик.
Авион полн златно
Откако војската е вратена на тронот, се засили и соработката помеѓу Вагнер и Хемети. Во февруари 2022 година, кога Русија го почна нападот врз Украина, Хемети отпатува во Москва за да даде поддршка на руските планови за отворање поморска база на Црвеното Море, нешто што Бурхан одби да го поддржи. На тоа патување во Русија, во авионот со кој патувал Хемети, според „Њујорк Тајмс”ц, кој се повикува на високи западни функционери, имало и злато. За време на разговорите, Хемети наводно побарал помош од руските власти за набавка на воена опрема.
Во 2021 година, според информации на американската телевизија Си-Ен-Ен, се губи трагата на 32,7 тони суданско злато во вредност од околу 1,9 милијарди долари. Според медиумот, има докази дека Русија тесно соработува со суданската хунта за да осигура дека златото вредно повеќе милијарди долари ќе го заобиколи суданскиот буџет во замена за политичка и воена поддрша од Кремљ.
„Таквата коруптивна шема, која ги вклучува групата Вагнер и локалните воени власти, била надгледувана од страна на Хемети“, вели Ахмед Абдала, активист за човекови права од Судан, кој живее во егзил во Германија. „Се чинин дека Хемети и Бурхан никогаш не биле на ист став околу тоа како да се прави бизнис со Вагнер”, вели тој.
Нов извештај сугерира дека Вагнер ги снабдуваат РСФ со ракети во поддршка на нивната борба против суданската армија. Минатата недела, Си-Ен-Ен јави дека групата „Ол ајс он Вагнер” анализирала сателитски слики кои наводно покажуваат како руски транспортен авион лета меѓу двете клучни либански воздухопловни бази контролирани од Калифа Хифтер, водачот на источната Либанска национална армија, која е поддржана од групата Вагнер.
Бизнисите на Вагнер и натаму во темно
Според извештајот, зголемената активност на групата Вагнер укажува на тоа дека имало план од страна на Русија и Хифтер да ги поддржат РСФ уште пред да почне конфликтот.
„Зад притисокот од Хемети може да стои групата Вагнер, чиј персонал од страна на владата на Бурхан е уапсен и обвинет за криумчарење злато непосредно предпочетокот на борбите“, вели за ДВ суданскиот адвокат Јасир Абдулрахман. „Хемети и Вагнер се како близнаци“, додава тој.
Но, вистинските намери на групата Вагнер остануваат нејасни. „Се чини дека групата Вагнер му понудила на Хемети воена поддршка, но нивната улога во конфликтот останува нејасна”, вели Изабела Кари, истражувач на групата Вагнер, во разговор со ДВ.
„Треба да се биде внимателен во извлекувањето заклучоци за потенцијална алијанса меѓу Вагнер и Хемети, или улогата на Вагнер во поттикнување граѓанско насилство во Судан. Нестабилност во Судан може и да не е од полза за Путин или за мрежата на Пригожин, посебно ако конфликтот почнува да се одразува на суданската граница со Централноафриканската Република, каде Пригожин има релации и договори за користење ресурси”, вели Кари.