Подолг период анкетите се неумоливи. Во нив ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ 7-8-9 проценти, што би требало да значи дека победата на следните избори, без оглед дали ќе бидат идниот април или во јуни-јули, е речиси предодредена. Ако не се случи нешто неочекувано во расположените на гласачите и оние апатичните и разочараните не решат да излезат на гласањето и во плус или минус да ги распределат своите ливчиња.
Ако победата на ВМРО-ДПМНЕ е речиси неизбежна (составувањето на владата и екипирање на мнозинство во парламентот може да биде малку покомплицирано) тогаш што може да очекува македонското граѓанство од новиот кабинет, кој според најавите на лидерот на партијата, ќе се бори со голема преданост против корупцијата, а со емоции и барања засновани на аргументи против „бугарскиот диктат“ во преговарачката рамка на ЕУ.
Некои од постулатите почнаа да добиваат појасни контури за време на интервјуто на Христијан Мицкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа два дена пред Илинден. Релаксиран во студиото, Мицкоски претставуваше повеќе елементи врз кои би работела владата чиј премиер ќе биде тој. Некои од нив беа во согласност со она што го зборува подолго време, некои, пак, беа спротивни на изјавите давани до неодамна. Но од целата елаборација произлегуваше впечатокот дека тој е веќе „премиер во чекање“, само уште да поминат 10 или 12 месеци.
Во претставувањето на ова плеодаје на „новиот премиер“ најинтересно е да се тргне од крајот. Кога зборуваше за преговорите со ЕУ и можните измени во преговарачката рамка. Неколку пати на ова место пишувавме за подемот на крајната десница во Европа, за нејзиниот подем во анкетите, влегувањето во владите на Финска и Шведска, убедливата победа на Џорџа Мелони во Италија. Подемот на крајната десница е лоша вест за проширувањето на ЕУ. Речиси без исклучок тие партии не сакаат ЕУ да се шири со нови членки. Нивната мантра е дека „пристигна часот на патриотите“. Тоа можеби најeксплицитно го елаборираат екстремно-десничарските популисти од Алтернатива за Германија.
Загриженоста на Мицкоски од крајната десница
Во сите досегашни изјави или партиски соопштенија по средба со европски министри никој од вмровскиот потесен и поширок естаблишмент не сакаше да се занимава со овој развој на политичките настани, додека упорно повторуваат дека „уставни измени по бугарски диктат нема да има“ и дека следната влада, откако Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, а приближувањето кон ЕУ ќе биде закочено, ќе се обиде да ги промени заклучоците на ЕУ и преговарачката рамка.
Мицкоски во понеделникот вечерта покажа дека следи што се случува во Европа, а во некои земји дури и во детали. Тоа е многу добро, затоа што малкумина од врвните политичари овде го прават тоа, освен како генерални информации. Наведувајќи дека во Германија, АфД имаа 22 отсто во анкетите, а ЦДУ/ЦСУ 26, дека Партијата на слободата во Австрија е убедливо напред со 30 отсто пред конзервативците и социјалдемократите, дека Марин Лепен веројатно ќе победи на следните избори во Франција, дека Мелони цврсто ја држи власта во Италија (а никој од нив не е дел од политичката групација на Европската народна партија) Христијан Мицкоски даде прилично точна оценка како може да изгледа ЕУ по европските избори следниот јуни. А таа тогаш можеби нема да биде добра не само за Македонија, туку и за другите држави од Западен Балкан; дека заложбите за проширување може да запрат; дека европската иднината веројатно ќе биде ставена во долап. И дека дури ни неговата влада не ќе може да направи нешто посебно.
Дали во настап на искреност или во реална опсервација, Мицкоски при крајот на емисијата рече:
„Кога сето ова ќе се анализира, следниот Европски парламент ќе се помести подесно. Не се знае каква ќе биде пораката. Влегуваме во една нова композиција. Барањата за гаранции што ние ги имаме – идентитетот, едно, друго, трето да ги имаме написмено – може нема да бидат приоритет. Можеби и ние нема да го истуркаме тој процес“.
Ова признание за политичката реалност е поголемо од сите силни изјави давани изминативе месеци. Тоа е целосно различно од она што неодамна го кажа по состанокот во Стопанската комора дека Владата и премиерот Димитар Ковачевски со уставните измени излегле надвор од заклучоците на Советот и од преговарачката рамка.
„Каде во преговарачката рамка и во заклучоците на Советот стои дека треба вака и вака да изгледа предлог-текстот за измена на Уставот? Никаде“. Ден претходно, по состанокот кај Сојузот на стопанските комори, даде слична изјава, но малку поразлична: „Во кој дел на преговарачката рамка, и во кој дел на протоколот е содржан овој текст на овие уставни измени?“
Ова признание за „новата композиција на Европскиот парламент“ која ќе вози подесно, е соочување со можната политичка реалност во ЕУ по јуни идната година. И дека и да не се усвојат уставните измени, и ВМРО-ДПМНЕ да ја формира идната влада ќе има малкумина во Европскиот совет и во Европската комисија кои би ги слушале барањата за промена на преговарачката рамка, за писмени гаранции. Можеби ќе има само малкумина кои воопшто ќе сакаат да разговараат за проширувањето, во кој ние ќе видиме како на задната платформа на возот во ноември се качува Албанија и мавта кон нас. Откако партијата и самиот тој вложија огромна енергија и политички капитал тврдејќи нешто друго, Мицкоски уште сега вели: „Можеби и ние нема да го истуркаме тој процес“.
Како да се спроведува правдата
Кога поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, беше спроведен в затвор по правосилноста на пресудата во случајот „Титаник“, Мицкоски изјави дека нему му се врши „целосна неправда“ и го образложи моделот како треба да постапува „правдата“.
„За правдата да се испорача треба на седница на влада да дојдат МВР и луѓето коишто треба да ја спроведуваат правдата и комплетно сите, од првиот до последниот, да ги соберат и да ги однесат во ‘Идризово’. За навистина да видиме правда“.
Сега, во „премиерското пледоаје“ Христијан Мицкоски е многу претпазлив околу тоа како треба да се „спроведува правдата“. Зборувајќи за можни случаи на корупција и истрага за нив тој го образложи редовниот судски пат:
„Органите на прогонот ќе си ја завршат работата перфектно. И јавноста ќе знае со кои докази располагаме, кои се индициите за сторен криминал за секој од нив. И тоа ќе биде предадено кај обвинителството. Немојте да мислите дека ќе имаме политички монтирани случаи, па ќе упаѓаме дома на спиење, затоа што тоа никому не носи добро. Можеби неколкумина ќе бидат самозадоволени (на кој начин не знаеме – н.з.) од тоа што ќе го гледаат на телевизија, но ако ја имате генералната слика предвид, тоа никому не носи добро“.
Но потоа направи неколку чекори назад од она што го тврди подолго време за судскиот систем:
„Потоа треба да постапува обвинителството. Не можете во првите 100 дена да направите реформи во обвинителството и во судството“.
Револуционерноста се трансформира во процедурата, што е најважно за една демократија. Тоа, барем во оваа своевидно програмско интервју, е важен отклон од досегашната реторика.
Двајцата новинари-домаќини ги интересираше дали ќе има судења за велепредавство поради склучувањето на Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија. Без некоја особена причина одговорот на Мицкоски беше амбивалентен. Прашање е дали во моментот се посети на извршната наредба на Џо Бајден од 2021 и продолжена во 2022, со која се замрзнува имот и има забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан. Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година и Охридскиот рамковен договор од 2001 година.
Па во таа амбивалентност околу велепредавството одговори:
„Не е тешко да се докаже ако се има волја и ако се сака да се влезе во еден таков процес. Секој оној што ќе сака да го докаже својот кредибилитет како обвинител и како судија и ќе напредува не само поради тоа што е близок со Христијан или ВМРО, ќе има можност за тоа да обвинува, а и да суди. Ако органите на прогонот обезбедат докази, вистината не може да биде ваква или таква – една е вистината. А таа ќе се темели на доказите“.
За потоа да го одреди можниот иден тек на настаните: „Ако потоа обвинител или судија кој е партиски поставен не сака да постапува, или Советот на јавни обвинители или Судскиот совет, тоа е еден вител во којшто ние можеме потенцијално да влеземе. Не можам да исклучам дека нема да влеземе“.
Како би можеле да влезат – не образложи. Како и тоа од каде вистината е само во доказите што ќе ги обезбеделе органите на прогонот, а не во она што се докажува на судот, и за што премерува судијата.
Мицкоски е сосема во право кога во емисијата изјави дека „ние сега треба да бидеме среќни ако имаме излезност од 900.000 на следните избори“, наведувајќи ја разочараноста на електоратот од политиката. Тоа би било максимум 50 отсто излезност. Основата на таа разочараност тој ја поврза со неостварените ветувања во 2002 и спектакуларната победа на СДСМ и Бранко Црвенковски.
„Јас ќе ви кажам мое мислење. Изгубена е надежта и луѓето велат – сите се исти. Во 2002 година Бранко Црвенковски и СДСМ добија речиси 500.000 гласови. Потоа разочарувањето растеше и гласовите на СДСМ се преполовија. Тоа е резултат на разочарувањето. А бројот на излезени гласачи растеше. Во 2006 година растеше наспроти 2002“.
За жал на професорот, кој добро памти бројки, тука целосно ја промаши работата. Излезноста во 2002 беше 73,4 отсто – 1.195.887 во гласачи. Во 2006 излезноста беше 55,98 – 974.891 во гласачи. ВМРО-ДПМНЕ на двата избори освои речиси идентичен број гласови – 300.000, но поддршката на СДСМ се преполови – 218.000 и за отцепената НСДП на Тито Петковски 56.000.
Навраќањето на овие бројки не е ни толку важно ако Мицкоски како „иден премиер“ не антиципира дека малата излезност ќе ѝ донесе легалитет на можната победа на неговата партија, но дека таа победа ќе претставува многу мал дел од гласачкото тело. Тоа е клучен проблем за оној кој ќе победи на следните избори, кој и да е.
„Инцидентот“ околу амбасадорот на Словачка, кога Мицкоски во емисијата одговори со зборовите „Тоа дома. Мене не можеш…“ на изјавата на Хенрик Маркуш дека „животот не е фер, а Македонија нема друга алтернатива од тоа да се направи она што треба“, може да се сфати и како дел од долгогодишните вмровски приказни и изјави за странските претставници кога не им се допаѓаат некои изјави. Неговиот партиски претходник, Никола Груевски, тоа го правеше десетпати почесто од Мицкоски.
Ова интервју донесе малку поинаква (иако во многу нешта и идентична) елаборација за она што би го правел „идниот премиер“. Тоа не е неважно. Да почекаме и да видиме дали ова пледоаје ќе се промени во наредните месеци, како што зборовите од понеделникот изгледаа поинакви од оние кажани пред само неколку недели.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.