По црната листа на САД - рестриктивни мерки и во Македонија
11 јануари 2024Откако македонски функционери и бизнисмени изминатиот период се најдоа на „црната листа“ на САД, со законски измени се прави терен за примена на рестриктивните мерки и во земјата. Идејата е на фунционерите коишто ќе бидат обвинети за корупција, злоупотреба на службената должност и хибридни закани кон државата времено да им престане функцијата која што ја извршуваат и да им се забрани да учествуваат на тендери се до правосилноста на пресудата. Исто така, останува во игра конфискацијата на нелегално стекнат имот.
„Предлагаме со овие измени на законот да се додадат како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство. Со тоа, покрај Совет за безбедност и Европска Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки“, информираше на прес-конференција шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, најавувајќи јавна расправа за овие законски измени.
Ембарго и конфискација
Според сегашното решение, Законот за рестриктивни мерки ги регулира прашањата на воведување, изменување и престанување на важењето на рестриктивните мерки, како и механизмите на координација и надзор на нивна примена.
Како инструменти што ги има државата при воведување рестриктивни мерки се покрај ембарго за оружје, забрана за влез во Северна Македонија за граѓани коишто не се македонски државјани и финансиски мерки како конфискација на имот.
Сега идејата е законот да се прошири. „Од целите на законот освен меѓународната безбедност, демократијата, се воведува и корупцијата, злоупотреба на службената должност и хибридните закани кон државата како цели коишто сакаме да ги постигнеме со измените на Законот за рестриктивни мерки, а се додаваат два важни инструменти“, вели Османи.
Што се предлага?
Откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите докази - материјални, нематеријални до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне кривична постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение, тогаш, според Османи, се воведуваат два нови инструменти. Првиот е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки се до правосилна судска одлука.
Стегање на ременот околу корумпираните функционери следи откако САД ја прошири црната листа со имиња од Македонија.
Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани. На 5 декември, САД го ставија и поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев на црна листа поради „значителна корупција“.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, неодамна најави носење на две законски решенија, коишто ќе го отворат патот за рестриктивни мерки и во земјата, штом некое лице ќе се најде на листата за санкции на САД.