1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По изборите, нова можност за Скопје и Софија

7 мај 2024

Неопходна е сеопфатна јавна, експертска и политичка дебата за тоа кои се реалните интереси на Бугарија на Балканот, и особено - во односите со Северна Македонија, смета политикологот Огнен Минчев.

https://p.dw.com/p/4fZam
Македонија Бугарија Зоран Заев Бојко Борисов
Август 2017 година: тогашните премиери на Македонија и Бугарија, Заев и Борисов, се поклонуваат пред гробот на Гоце Делчев во СкопјеФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Северна Македонија на 8-ми мај, Бугарија на 9-ти јуни - двете соседни земји се пред изборни процеси, по кои ќе се види дали и со каква динамика новите влади ќе ги придвижат односите меѓу двете земји. Соседските односи добија силен импулс по потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година, но се стопија по Рамковната позиција што во 2019 година ја усвои бугарското Народно собрание, како и по европскиот (француски предлог).

Какви се шансите за промени?

„Многу се надевам дека по изборите како во Северна Македонија, така и во Бугарија, одново ќе има позитивен развој на нашите односи“, изјави вчера бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев.

Тој искажа задоволството што откако минатата година не му беше дозволен влез на територијата на Северна Македонија, годинава можел да присуствува на комеморација на бугарските воени гробишта во струмичко Ново село, по повод одбележувањето на 6-ти мај, ден на храброста и празник на бугарската армија. На тој ден од 2010 година таму се организира молитва во спомен на бугарски офицери и војници (71) кои загинале во периодот на Балканската (1912-1913) и Првата светска војна (1914-1918).

Патот кон подобрување на односите Ковачев го гледа преку исполнување на обврските од европскиот предлог - впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав, исполнување на Договорот за добрососедство и двата протокола, успехот на заедничката Комисија за историски и образовни прашања...

„Се собравме, од една страна, да го одбележиме споменот на сите загинати за обединувањето и ослободувањето на татковината, како овде во Ново село, Струмичко, така и на други места, а од друга страна, да се помолиме за повеќе разум за живите, за повеќе радост и пријателство, бидејќи мирот не е даден - гледаме што се случува, како во Украина, така и на Блискиот Исток. Да го надминеме она што не разделувало во минатото, со христијанска вера, со братство, добрососедство, со подавање рака, за да може големата идеја за обединување на Европа по Втората светска војна да стане реалност, и границите да станат симболични“, изјави Ковачев.

„Вакуумот пополнет...“

Но, тој процес ќе зависи од волјата на двете страни да ги надминат пречките, како и од подготвеноста на Бугарија да биде регионален фактор во поддршка на интеграцијата на РСМ и Западен Балкан во ЕУ. Бугарскиот политиколог Огнен Минчев, во анализа на околностите поради кои Србија може да се претвори во фактор за дестабилизација на Балканот, се осврнува и на пропустите на партнерите на западната политика на Балканот. Меѓу нив, и на пропустите на Бугарија по првичниот успех во подобрувањето на македонското- бугарските односи со билатералниот Договор од 2017 година.

„Целата таа балканска идила траеше две години - до октомври 2019 година, кога бугарскиот парламент ја усвои т.н. ‘Рамковна позиција’ за односите со Скопје, од каде почна нагло влошување и прекин на поволната атмосфера за развој на билатералните односи. Далеку сум од мислата да ја обвинувам само бугарската влада за тажните резултати од вроденото непријателство меѓу Бугарија и РС Македонија. Србоманските кругови на антибугаризмот во Скопје и круговите на примитивниот ‘национализам’ во Софија, зад кои се кријат старите зависности од Кремљ на бугарските посткомунистички елити, кулминираа со една очигледно координирана кампања за заживување на ‘малата Студена војна’ меѓу Бугарија и Македонија, наследство од големата Студена војна во 20 век. Бугарите и Македонците повторно беа колективно измамени од сопствените елити, повторно им направија услуга на Москва и Белград да го попречат решавањето на еден од клучните проблеми на Балканот, наследен од 20 век – ‘Железната завеса’ oд лага и омраза меѓу Бугарија и Македонија“, пишува Минчев во коментар на Фејсбук .

Поправка по висока цена

Според политикологот, најсериозниот негативен ефект од неуспехот на Бугарија да ја игра улогата на водечка балканска сила во интеграцијата на РСМ и Западен Балкан во ЕУ и НАТО, е самомаргинализирањето на бугарскиот потенцијал како водечка регионална сила.

„Вакуумот беше пополнет од Белград. Во Брисел и во Вашингтон очигледно одлучија – ‘ако не можеме да сметаме на Софија, ќе мораме поактивно да работиме со Белград, каков и да е денешен Белград’“, пишува политикологот.

Токму прекинот на процесот на добрососедство и разбирање меѓу Софија и Скопје, според него, довел до брза самоизолација на Бугарија како фактор во односите на Балканот.

„Од поборник за европска интеграција на Западен Балкан, Бугарија сe претвори во страна на еден прероден спор, чија политичка и дипломатска содржина беше тешко до невозможно да се формулира и да се прикаже како легитимен интерес на партнерско - европско и атлантско ниво“, посочува Минчев.

Како понатаму? Бугарскиот политиколог смета дека е време Бугарија да ја научи таа лекција и да ги поправи грешките што е можно поскоро.

„Бугарскиот национален интерес бара враќање на Софија како водечки главен фактор во регионалниот балкански контекст - не на сметка на нашата историја, не на сметка на нашиот идентитет. Туку со цел да ги поставиме проблемите кои нѐ загрижуваат, во единствениот можен и поволен контекст за нивно решавање - европската и атлантската интеграција на Балканот. Ова несомнено бара изолација на кремљовските псевдонационалисти и на целата петта колона на Москва во Софија, која секогаш ја играше само улогата на петто тркало во квази империските амбиции на Белград и во вистинските империски амбиции на Москва на Балканот. Неопходна е и сеопфатна јавна, експертска и политичка дебата за тоа кои се реалните интереси на Бугарија на Балканот, и особено - во односите со РС Македонија. Поразите од последните пет години ќе ги поправиме тешко - и по

висока цена. Затоа треба да почнеме што е можно поскоро“, оценува Минчев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема