По изборите во Бранденбург: АфД и натаму во подем
24 септември 2024Партијата Алтернатива за Германија (АфД), која во делови се смета за екстремно десничарска, повторно бележи значително зголемување на гласовите во Германија. На изборите за покраинскиот парламент во Бранденбург, АфД освои 29,4 отсто од гласовите, што е за шест отсто повеќе од изборите во 2019 година. И покрај тоа, изгледите да учествува во владата се мали бидејќи сите други политички партии ја отфрлија можноста за коалицирање со АфД.
За време на предизборната кампања, АфД агресивно се залагаше за масовно протерување на мигрантите од Германија. Младите гласачи ги таргетираа со расистички спотови и песни, а младинското крило на партијата активно бараше поддршка од младите гласачи. Бранденбуршкиот огранок на АфД важи за особено радикален, дури и во рамки на самата партија. Покраинската служба за заштита на уставниот поредок во Бранденбург со години го надгледува огранокот и го декларираше за случај сомнителен за десничарски екстремизам.
Водечкиот кандидат на АфД во Бранденбург, Ханс-Кристоф Бернд, пред да стане член на АфД беше ко-основач и претседател на нео-нацистички настроено здружение и натаму одржува блиски контакти со бројни организации од екстремно десничарскиот спектар.
АфД: успешна меѓу младите
Во првата реакција на изборниот резултат, Ханс-Кристоф Бернд успехот го нарече победа, особено затоа што АфД е водечка политичка сила меѓу младите гласачи. „Оваа поддршка од младите докажува: ние сме иднината“, порача водечкиот кандидат на АфД на постизборната забава во главниот град Бранденбург, Потсдам. Во интервју за екстремно десничарски канал на Јутјуб, Бернд останатите партии ги нарече блок „кој е на патот кон пропаст“.
На првата програма на германската телевизија АРД, Бернд Бауман, координаторот на АфД за релации меѓу Клубот на пратеници и Бундестагот, го опиша изборниот успех како „мала етапа“ на патот до големата победа. Тој нагласи дека неговата партија веќе сега ја обликува политичката агенда во Германија. Според него, СПД успеала да победи на изборите во Бранденбург бидејќи „во целост ја презела клучната тема за политиката на враќање и одвраќање (бегалци) на границите“.
Поради континуираните изборни успеси на АфД и стравот од нејзино можно учество во владата, особено Демохристијаните и Социјалдемократите ги заострија своите политики во однос на азилот и доселувањето. Многу невладини организации и здруженија критикуваат дека ваквите потези пред се ќе и бидат од корист на АфД.
Граничните контроли како одговор на успесите на АфД?
На почетокот на септември 2024 година, германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер (СПД), наложи да има привремени контроли на германските граници. Како причина за таквиот потег наведе сузбивање на илегална миграција во Германија и заштита на внатрешната безбедност од актуелните закани кои произлегуваат од исламскиот тероризам. Инаку, во ЕУ важи слободата на движење во земјите-членки, а таканаречениот Шенгенски договор се смета за едно од најважните достигнувања на Унијата, бидејќи гарантира слобода на патување и движење во голем дел од Европа. Во моментов, договорот опфаќа 29 земји. АфД во Германија бара масовно протерување на мигрантите, при што официјално тука спаѓаат само оние на кои им е одбиен азил и од таму се обврзани да ја напуштат државата. Меѓутоа, водечки членови на партијата повремено излегуваат во јавноста со остри расистички изјави за мигранти кои имаат германско државјанство. Па така на таен состанок одржан во ноември 2023 година во Потсдам, неонацисти, високо рангирани политичари и бизнисмени од АфД разговараа за можни планови за протерување милиони мигранти од Германија, дури и ако имаат германски пасош.
Претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер, е загрижен заради изборниот резултат на АфД, но и за постапките на новото движење „Сојуз Сара Вангенкнехт“ (БСВ), непријателски настроено спрема мигрантите. „Засилувањето на оние кои се на политичките маргини не е добро за Германија“, оцени Шустер во неделата вечер (22.09.2024).
„Ако речиси една третина од гласачите сакаат да видат деструктивна политичка партија како АфД повторно на власт, а популистички сили како Алијансата на Зара Вангенкнехт добиваат двоцифрена поддршка, тоа не смее да не остави рамнодушни“, порача Шустер зборувајќи за изборите во Бранденбург. На почетокот на септември, АфД постигна значајни резултати на парламентарните избори во две покраини на истокот на Германија. Во Тирингија АфД за прв пат стана водечка политичка сила. Како и во Бранденбург, и таму сите останати партии во парламентот ја отфрлаат можноста за коалицирање со АфД.