1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вархеји: Очекувам напредок на патот на РСМ кон ЕУ

ДТЗ
24 јуни 2024

„Со нетрпение очекувам да работиме брзо за да го унапредиме патот на Северна Македонија кон ЕУ“, му порача еврокомесарот Оливер Вархеји на новиот премиер Христијан Мицкоски.

https://p.dw.com/p/4hQRl
Христијан Мицкоски
По изборот на новата влада пристигнаа честитки, но и задачи и обврски коишто треба да ги исполни тимот на премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

По изборот на новата влада пристигнаа честитки, но и задачи и обврски коишто треба да ги исполни тимот на премиерот Христијан Мицкоски. Меѓу првите пристигна пораката на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, кој го честиташе изборот на новата македонска Влада. Вархеји по гласањето и давањето заклетва во Собранието, преку објава на социјалната платформа „Икс“ му порача на премиерот Мицкоски и наговиот тим:  „Со нетпрение очекувам да работиме брзо со вас за да постигнеме напредок на патот на Северна Македонија кон Европската Унија“.

„Срамна“ одредница 

Новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски изутринава ја презеде премиерската функција од досегашниот претседател на техничката Влада, Талат Џафери. Примопредавање на функциите има и во другите министерства. Новата влада има вкупно 20 министерства, додека владиниот кабинет брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор.

Новата влада беше избрана во неделата (23.06) пред полноќ со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“. Владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ. Против новата Влада се изјаснија пратениците на СДСМ и на Левица. Пратениците од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ја напуштија пленарната сала пред завршувањето на седницата. 

Оливер Вархеји
„Со нетпрение очекувам да работиме брзо со вас за да го унапредиме патот на С Македонија кон ЕУ“, порача Оливер ВархејиФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Христијан Мицкоски и министрите од новата Влада, како што беше најавено,  положија заклетва согласно уставното име на земјата - „Република Северна Македонија“. Тој рече дека е „срамна“ одредницата „Северна“ во уставното име на земја, но таа е дел од правниот систем на земјата“. 

„Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам, ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам. За жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам“, рече Мицкоски обраќајќи и се на опозицијата. 

Тој веќе најави дека придавката „Северна“ ќе ја користи надвор од земјата, но не и за домашна употреба, откако и претседателката Гордана Сиљановска Давкова одлучи да го избегнува уставното име.  

Реакциите во Грција 

Одлуката на државата и политичкото раководство да не го користи уставното – Северна Македонија на домашната политичка сцена, според шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, е флагрантно кршење на Преспанскиот договор. Ваквата порака тој ја повтори и пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург.

Јоргос Герапетритис
Одлуката на државата и политичкото раководство да не го користи уставното – Северна Македонија на домашната политичка сцена, според шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, е флагрантно кршење на Преспанскиот договорФотографија: Giannis Panagopoulos/Imago Images

„Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избра да не го користи уставното име – Северна Македонија на домашната сцена. Тоа е флагрантно кршење на Преспанскиот договор кој предвидува дека името на државата ќе биде едно и единствено (ерга омнес) за севкупна употреба и тоа е Северна Македонија“, рече Герапетритис.

Шефот на грчката дипломатија додаде дека без целосно усогласување со европското законодавство и без почитување на меѓународното право и меѓународните договори членството во ЕУ е незамисливо. „Мора да разбереме дека меѓународниот закон е основа на светскиот мир и безбедност во кој не постои процес во кој го избираш она што ти се допаѓа, а што не за члeнство во ЕУ. Без целосно усогласување со европското законодавство и без целосно почитување на меѓународното право и меѓународните договори тоа е незамисливо“, изјави Герапетритис.