1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Нетанјаху го потврди договорот за прекин на огнот

Тагесшау | ЕМФ
17 јануари 2025

Прво радоста за договорот за прекин на огнот беше голема, потоа следуваше неизвесност околу тоа дали израелската влада ќе се согласи со договорот. Сега премиерот Нетанјаху соопшти дека се расчистени и последните прашања.

https://p.dw.com/p/4pFqm
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека се расчистени сите прашањаФотографија: Uncredited/Israeli Government Press Office/AP/dpa/picture alliance

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека е постигната согласност за преостанатите прашања од договорот за ослободување на заложниците и прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека израелскиот безбедносен кабинет се очекува да го одобри договорот подоцна во текот на денов. Конечното одобрување од страна на израелската влада е планирано за во сабота навечер.

Семејствата на заложниците се информирани, се вели од кабинетот на Нетанјаху, и се додава дека ќе се направат подготовки за прием на ослободените затвореници по нивното враќање.

Договорот бил загрозен

Соопштението дојде еден ден откако Нетанјаху рече дека разговорите за договорот се загрозени. Тој претходно го обвини Хамас дека се повлекува од делови од договорот за да постигне „отстапки во последен момент“.

Според медиумски извештаи, прашањето било кои палестински затвореници - вклучително и осудени терористи - ќе бидат ослободени во замена за заложниците. Хамас ги отфрли обвинувањата.

Во кабинетот на Нетанјаху, министерот одговорен за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, се закани дека ќе поднесе оставка доколку владата се согласи со договорот во Газа. Ултрадесничарскиот Бен-Гвир зазеде тврд став од почетокот на војната и цврсто отфрла каков било договор со Хамас.

Првично шест недели прекин на огнот

Во средата (15.01), посредникот Катар и американскиот претседател Џо Бајден објавија дека Израел и терористичката милиција Хамас се договориле за прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложници кои се во раце на палестинските екстремисти.

Според договорот, прекинот на огнот треба да започне во недела (19.01) и првично ќе трае шест недели. Во овој период треба да бидат ослободени и 33 заложници кои сѐ уште ги држат терористите во Појасот Газа. За возврат, стотици палестински затвореници ќе бидат ослободени од израелските затвори, а израелската армија ќе се повлече од големи делови на Појасот Газа.