1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

По новиот рекорд на биткоинот: Ќе продолжи ли крипто-релито?

Кристи Пледсон
9 март 2024

Вредноста биткоинот достигна нови височини. Но, што значи истовременото зголемување на цената на златото за стабилноста на финансиските пазари?

https://p.dw.com/p/4dKww
биткоин
Во споредба со ноември 2022 година, кога вредноста беше падната на под 20.000 долари, курсот на биткоинот се зголеми за речиси 300 процентиФотографија: STR/NurPhoto/picture alliance

Биткоинот неделава достигна рекордно висока вредност од над 70.000 долари. Во споредба со ноември 2022 година, кога вредноста беше падната на под 20.000 долари, курсот на биткоинот се зголеми за речиси 300 проценти. Опоравувување кое ги запрепасти инвеститорите.

Пазарната капитализација на криптовалутата исто така достигна рекордно високо ниво од речиси 1,35 трилиони долари. Вкупната вредност на целиот крипто-пазар во моментов е околу 2,5 трилиони долари, што е највисоко ниво од ноември 2021 година и само 10 отсто под историскиот максимум од 2,8 трилиони долари.

Воскреснувањето на биткоинот во голема мера се должи на ентузијазмот на инвеститорите за новиот финансиски производ поврзан со дигиталната монета: Биткоин-индексни фондови (ЕТФ). Ваквите фондови ја следат цената на криптовалутата. На тој начин, инвеститорите можат да инвестираат во биткоин без да мора самите да го купуваат директно.

Според Bloomberg Intelligence, инвеститорите вложиле повеќе од 7 милијарди долари во овие инвестициски производи, со што предизвикале брз пораст на цената на биткоинот. Американските финансиски регулатори долго време беа скептични во врска со одобрувањето на ЕТФ, бидејќи се плашеа од нивната ранливост, односно подложност на измами и манипулации.

„Поволната клима за биткоинот во САД не е поради тоа што американските регулатори (СЕЦ) сакаат да бидат подобронамерни“, изјави за ДВ Џонатан Биерс, главен инвестициски директор во британскиот акционерски фонд Farside Investors. „Ова во голема мера се должи на победите на крипто индустријата против СЕЦ на суд. Ова доведе до поповолна регулаторна клима и поголем легитимитет. А тоа, пак, привлекува повеќе пари од американските инвеститори“.

биткоин
Новите начини за инвестирање во биткоин и изгледите за пониски каматни стапки би можеле да ја туркаат вредноста на криптовалутата кон нови височиниФотографија: Marco Bello/REUTERS

Вредноста на златото испраќа мешани сигнали

Покрај растот на криптовалутите, рекордни височини достигна и цената на златото, испраќајќи мешани сигнали за апетитот за ризик на инвеститорите на светските пазари. Историски гледано, златото е безбедно засолниште за инвеститорите и често се бара во време на геополитички тензии и кога инвеститорите се загрижени поради можно повлекување на глобалните акции по нивното „рели“. Вредноста на златото постојано расте од октомври, кога изби војната меѓу Израел и Хамас. Берзите исто така бележат највисоки нивоа во последните месеци. Многумина се сомневаат дека наскоро доаѓа корекција.

Порастот на вредноста на златото е во контраст со оној на биткоинот, чија корисност надвор од шпекулативните инвестиции останува контроверзна. Додека порастот на златото сугерира дека инвеститорите дејствуваат дефанзивно, порастот на биткоинот е сигнал за глад за дигитални средства. И тоа е дополнително поттикнато од страста на шпекулантите и ентузијазмот за технолошки иновации.

„Крипто-приказната може да биде поврзана со она што се случува на берзата и севкупниот апетит за ризик“, вели за „Блумберг“ Кајл Рода, пазарен аналитичар во Capital.com. „Гледаме оживување на криптовалутите, што укажува на нерационално, ризично однесување. И тоа е во согласност со она што се случува на некои делови на пазарот на акции.“

Сигналите од американската централна банка дека каматните стапки годинава најверојатно ќе паднат, исто така би можеле да го поттикнат растот бидејќи инвеститорите очекуваат помали трошоци за задолжување.

злато
Порастот на цената на златото сугерира дека многу инвеститори очекуваат поголема нестабилностФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Поотпорен на обиди за измама?

Биткоинот се појави по финансиската криза во 2008 година како децентрализирана алтернатива на традиционалните финансии. Првично дизајниран за peer-to-peer трансакции меѓу поединечни корисници, неговата вредност вртоглаво порасна во годините што следуваа. Ова ги привлече шпекулантите и доведе до екстремна волатилност. Аматерите кои пробаа дневно тргување со криптовалутата за време на пандемијата, дополнително го поттикнаа растот на цените.

Но, балонот на крајот пукна, забрзан од колапси на компании, како оној на главната берза за криптовалути ФТХ, во ноември 2022 година. Милијарди средства на инвеститорите беа уништени, а цената на биткоинот падна на околу 16.000 долари.

„ФТХ во суштина беше измамничка компанија“, вели Биерс, „така што очигледно е добро за општеството што оваа измама беше откриена.“

„Преполовувањето на биткоинот“ може дополнително да ја зголеми цената

Што е следно? Претстојното „преполовување“ на биткоинот, програмирано во неговиот основен код, ќе ја намали количината на нови биткоини што влегуваат во оптек за половина.

Биткоинот се создава преку процес наречен „рударство“ - во кој моќните компјутери решаваат сложени математички загатки за да ги верифицираат трансакциите и да ги снимаат на блокчејнот (Blockchain), со што „рударите“ добиваат нови биткоини како награда. Настаните со преполовување, кои се случуваат приближно на секои четири години, го намалуваат приносот за рударите и го забавуваат темпото со кое се создаваат нови биткоини.

Копање на биткоини на „вулкански погон“

Ова намалување на понудата на биткоин беше наведено од страна на аналитичарите како движечка сила зад неодамнешното зголемување на цената. Со оглед на тоа што преполовувањето се очекува да се случи оваа пролет, љубителите на биткоин очекуваат дополнителни скокови на цената.

Сепак, критичарите остануваат скептични во врска со криптовалутата и укажуваат на загриженоста за нејзината корисност, како и регулаторните предизвици по падот во 2022 година.

„Нема внатрешна вредност“, изјави за „Њујорк Тајмс“ Џон Рид Старк, поранешен функционер на СЕЦ и отворен критичар на крипто-индустријата. „Нема докажан успешен биланс за прифаќање или доверба.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема