По победата на Фицо во Словачка - последици за Украина?
2 октомври 2023Аплауз во партиското седиште во Братислава се слушна дури во раните утрински часови, затоа пак уште погласен. Според првите проценки на словачките медиуми, левичарските популисти долго време беа на второто место. Сега веќе се знае дека тие се победници на изборите. Според официјалните податоци, партијата на Фицо постигна јасна победа со 22,9 проценти освоени гласови.
Фицо прво го испрати заменик претседателот Јурај Бланар пред камерите, кој рече дека „за нас е големо задоволство и за тоа сакаме да се заблагодариме! Не сакаме да влечеме предвремени заклучоци и ќе дадеме соопштение откако ќе бидат објавени официјалните резултати".
Шимечка: лоши вести за демократијата
„Прогресивна Словачка" освои 18 проценти. Шефот Михал Шимечка резултатот го фали како најдобар за либерална партија постигнат во 30 години независна Словачка, „но сепак Смер се победници и тоа го почитуваме. Но, тоа е лоша вест за нашата држава, за нашата демократија и нашиот углед во странство. Уште полоша вест ќе биде Роберт Фицо да успее да формира влада", оцени Шимечка. Досегашниот потпретседател на Европскиот парламент сака да води разговори со другите проевропски партии. И тој има шанса да формира мнозинство. Но, либералната претседателка Зузана Чапутова најави дека прво мандатот за формирање влада ќе му го довери на победникот на изборите – Роберт Фицо.
Хлас како „џокер"?
Фицо веројатно прво ќе се обрати кај третопласираната партија Хлас која освои 14,7 проценти од гласовите. Партијата на Петер Пелегрини е формирана пред три години, откако се отцепи од социјалдемократската Смер на Фицо. За политиколозите како Јозеф Ленц токму таа е џокерот за формирање коалиција. „Кога двајца се караат, третиот користи – а тоа е Пелегрини. Тој ќе го избере оној што ќе му даде повеќе", оценува Ленц.
Пелегрини две години беше премиер на Словачка. Тој дојде на местото на Фицо по неговото повлекување од функцијата по убиството врз новинарот Јан Куцијак во 2018 година. Во предизборната кампања Пелегрини беше значително поумерен од неговиот поранешен сопартиец. Тој цврсто верува во тоа дека надворешната политика на Словачка не мора да биде редефинирана и дека земјата треба да остане цврсто интергрирана во ЕУ и НАТО. „Секоја можност за воена поддршка на Украина земјата веќе ја пружа – значи тоа за нас веќе не е тема. Хуманитарна помош секако дека е исправно да се укаже“, рече тој.
Која улога ја играат Демохристијаните?
Заедно со помалата националистичка и проруска СНС, Фицо и Пелегрини би имале мнозинство во парламентот. Втората десна партија не успеа да го надмине прагот од пет проценти, но прагматичниот Фицо би можел да ги придобие и Демохристијаните. Од нив зависи дали коалиција против Фицо воопшто е изводлива.