1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоФранција

Втора ноќ нереди во Франција, 150 уапсени

ЖА / агенции
29 јуни 2023

По трагичната смрт на 17-годишен тинејџер, убиен при полициска контрола во париско предградие, продолжија протестите низ целата земја. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин соопшти дека се уапсени 150 лица.

https://p.dw.com/p/4TCKP
Франција полициско убиство Париз
Втора ноќ безредија по убиството на тинејџер од страна на полицацец во париско предградиеФотографија: Geoffroy van der Hasselt/AFP via Getty Images

По убиството на 17-годишник при сообраќајна полициска контрола во париско предградие, во француската престолнина и во други градови повторно дојде до жестоки безредија. Меѓу останатите, во Лил, Нант, Тулуз и Лион се собраа луѓе на масовни протести, кои на многу места прераснаа во насилство –беа запалени контејнери за отпад, автомобили, еден автобус и еден товарен камион, градежни машини, дури и еден париски трамвај. Полицијата соопшти дека ситуацијата била тензична, но била под контрола.

Само во париското предградие Нантер, каде во вторникот почина 17-годишниот Нахел М., беа мобилизирани 2000 полицајци за да спречат повторни насилни немири како оние од претходната вечер. Таму демонстрантите фрлаа петарди врз полицајците и палеа автомобили, беше предизвикан пожар и во едно основно училиште.

Во Ница биле нападнати двајца полицајци и полициско патролно возило со експлодирачки петарди. Предизвикувачите на немири подигнале барикади и предизвикале пожари, во Лил маскирани напаѓачи го демолирале седиштето на градоначалникот.

Полициско убиство Париз
Бројни запалени автомобили низ улиците во повеќе француски градови во немирите по убиството на 17-годишник од страна на полицаецФотографија: Stephanie Lecocq/REUTERS

Уапсени се вкупно 150 лица низ земјата, како што соопшти француското Министерство за внатрешни работи. Министерот Жералд Дарманин зборуваше за „ноќ на неподносливо насилство против симболите на Републиката“, заблагодарувајќи им се на полициските сили и пожарникарите.

Францускиот претседател Емануел Макрон го осуди инцидентот со полициското пукање.

„Тинејџер е убиен, за тоа нема објаснување и извинување, ништо не ја оправдува смртта на млад човек“, изјави тој при посета на Марсеј. На семејството на убиениот тинејџер Макрон му изрази сочувство и ги повика надлежните институции во мир да си ја вршат својата работа и вистината да излезе на виделина. Истовремено, Макрон застана во одбрана и на полицијата, која како што рече, ги штити граѓаните и е во служба за запазување на законите во државата.

За денеска (29.06.2023) во париското предградие Нантер е закажан комеморативен марш во сеќавање на убиеното момче, на кој повика мајката на Нахел М.

Полициско убиство Париз
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин зборуваше за „ноќ на неподносливо насилство против симболите на Републиката“Фотографија: Lionel Bonaventure/AFP via Getty Images

Полициска контрола во вторникот утрото го запрела момчето кое се наоѓало зад воланот на еден автомобил во Нантер во Париз. Видео покажува како еден полицаец го вперува пиштолот при контролата во висина на вратата на автомобилот од страната на возачот. Ситуацијата се чини дека е под контрола, не се забележуваат неконтролирани движења. Кога тинејџерот наеднаш го стартува возилото, полицаецот од непосредна близина пука во него и смртно го погодува во градите. Автомобилот потоа продолжува да се движи уште неколку метри и запира откако удира во улична ограда. 38-годишниот полицаец се наоѓа во притвор и против него се води истрага поради сомнение за убиство.

Во меѓувреме од југозападна Франција стигна вест дека еден полицаец е обвинет за убиство зашто при сообраќајна контрола на 14 јуни испалил смртоносен куршум во 19-годишно момче од Гвинеја, како што соопшти државното обвинителство од Ангулем. 52-годишниот полицаец, кој се наоѓа во истражен притвор, тврдел дека убиениот сакал да избегне сообраќајна контрола и го удрил со автомобилот во ногата при движење во рикверц, по што следел истрелот.