1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По стапките на Трамп: Кушнер трага по зделки на Балканот

Роберт Маџ
3 април 2024

Додека Доналд Трамп се подготвува за уште еден продор кон Белата куќа, се чини дека неговиот зет Џаред Кушнер продолжува таму каде што екс претседателот застана во потрага по зделки со недвижности во Србија и Албанија.

https://p.dw.com/p/4eNPn
САД Џаред Кушнер Доналд Трамп
Џаред Кушнер (д.) спроведува планови за инвестирање на Балканот за кои интерес покажа и Доналд Трамп (л.)Фотографија: Anna Moneymaker / Pool via CNP /MediaPunch/picture alliance

Еден од планираните потфати на Џаред Кушнер на Балканот е преуредување на простор во српскиот главен град Белград. Две години пред Доналд Трамп во 2016 година да се кандидира за претседател, тој на српските власти им соопштил дека е заинтересиран да изгради луксузен хотел и станбен комплекс на просторот на - во бомбардирањето на НАТО во 1999 година - уништениот поранешен Генералштаб на југословенската армија.

Иако тој проект пропадна, Кушнер, кој беше висок функционер во Белата куќа за време на мандатот на Трамп, сега наводно постигнал прелиминарен аранжман со српската влада да продолжи со развојниот проект. Според пишувањето на „Њујорк Тајмс“, кој го добил нацртот, договорт, со бесплатен закуп на 99 години, би му овозможил на Кушнер на тоа место да изгради луксузен хотел, станбени единици, продавници и музеј.

Финансирање од Саудиска Арабија

Финансирањето на проектот, во износ од околу 500 милиони американски долари (462 милиони евра), се очекува да дојде од инвестициската фирма на Кушнер, Афинити Партнерс со седиште во Мајами, која тој ја основа по напуштањето на Белата куќа. И се чини дека не му недостасуваат средства. Оттогаш, се проценува дека тој обезбедил 2 милијарди долари од Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија, додека државните фондови во Обединетите Арапски Емирати и Катар вложиле стотици милиони долари во неговата фирма.

Ниту Афинити Партнерс ниту Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија не одговорија на барањето на ДВ за коментар.

Кушнер неодамна изјави дека преговарачките страни привремено се согласиле да ѝ дадат на српската влада 22 отсто од профитот генериран од проектот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата влада тврдат дека Белград мора понатаму да се развива и да создава деловни можности. Милан Ковачевиќ, економист и инвестициски консултант, се согласува дека на градот му требаат нови капацитети за да се приспособи на растот на населението и туризмот.

„На Белград дефинитивно му требаат хотели, вклучително и оние со висок квалитет, но тие треба да бидат урбанистички позиционирани и изградени таму каде што се потребни“, вели тој за ДВ.

Тој, исто така, предупредува дека „треба да има пазар“ за отворен и транспарентен процес на наддавање. Со давање ексклузивни права на само еден инвеститор, во овој случај, Џаред Кушнер, „премногу работи се препуштени на самоволие и корупција“, вели Ковачевиќ.

Пред 25 години: НАТО напади врз СР Југославија

„Србија не е шведска маса“

Опозициските политичари и експерти се збунети од интересот за развојните планови, па тоа дури и го опишуваат како скандал што мора да се спречи.

„Србија не е шведска маса, а Вучиќ не е келнер. Ова не е негова приватна сопственост“, вели Александар Јовановиќ Ќута, лидер на движењето Еколошко востание.

„Истото се случува и со нашите природни ресурси, со реките, шумите, рудите. Александар Вучиќ подарува сѐ што вреди, а не го информира народот какви се договорите и кои се придобивките за граѓаните на Србија“, вели Јовановиќ за ДВ.

Познатиот архитект Ѓорѓе Бобиќ, кој пред две децении беше и главен градски архитект на Белград, на прашањето зошто се противи на ваквата „ревитализација“ на просторот на Генералштабот - не знае од каде да почне. Тој вели дека е и емотивно врзан, бидејќи творецот на комплексот, Добровиќ, му бил учител, а зградата е ремек-дело на југословенската и српската архитектура, препознаена во светот како врв на модернизмот.

„Затоа е донесена одлука да се признае статус на споменик на културата од највисок ранг. Тоа е доволно државата да преземе обврска да вложи пари и да го врати објектот во состојбата во која беше пред нападот на НАТО“, изјави Бобиќ за ДВ.

Арогантно е, вели тој, што едноставно се урива, и се градат некакви хотели, а на „странската сила“ што го бомбардира Белград во 1999 година ѝ се „подарува најскапоценото место“ во градот, со што се „тргува за политички или личен интерес“.

Кушнер инвестира и во Албанија: „Нема повеќе црвени линии“

Џаред Кушнер неодамна на социјалните мрежи објави дека е „возбуден што споделува рани дизајнерски слики за развојни проекти создадени за албанскиот брег“. Премиерот Еди Рама рече дека неговата земја е горда што може да ги поздрави проектите. Но, заштитниците на животната средина се многу порезервирани.

Една од локациите во Албанија се наоѓа во морскиот парк Карабурун-Сазан на островот Сазан, каде порано имало воена база. Другиот е на полуостровот Звернец, во југозападна Албанија, и е дел од заштитеното подрачје Вјоса-Нарта. Тој простор, на кој би се граделе повеќе хотели и вили, е дел од општина Валона.

Закана за животната средина

Албанскиот парламент неодамна ги одобри измените на Законот за заштитени подрачја, кои во суштина го отвораат патот за економски развој на ваквите заштитени подрачја и покрај предупредувањата од експертите за животна средина.

„Законот 21/2024 дозволува изградба на мега-одморалишта со пет ѕвезди во заштитени подрачја. Дополнително, според одлуката на Националниот територијален совет, дозволена е изградба на речиси секаков друг проект, што значи дека веќе нема црвени линии“, вели за ДВ Мирјан Топи, еколог од Земјоделскиот факултет во Тирана. И оценува: „Новите измени на законот веќе не ја штитат природата и заштитените подрачја во Албанија“.

Топи смета дека законот е променет токму за да се олеснат инвестициите на Кушнер. „Кристално јасно е дека законот е однапред договорен, бидејќи на друг начин не може да се објасни брзањето на парламентарното мнозинство да го донесе. Конкретни проекти се појавија уште пред Претседателот да ги потпише измените на законот“, посочува Топи.

Позитивно за албанскиот туризам?

Од друга страна, бизнис заедницата наАлбанија, а особено туристичкиот сектор, очекува економски бенефит од најавените инвестиции. Сепак, има и работи кои ги загрижуваат.

Викенд на море во Албанија

„Верувам дека оваа инвестиција е многу позитивна работа, но само ако е навистина туристичка инвестиција, ако се работи за вили или сместувачки единици“, вели Бесник Вати, директор на Албанската служба за патување и угостителство. Загрижен е поради можноста вилите да се користат само за домување, од што, смета тој, ќе имаат корист само оние што ќе ги купат.

„По продажбата нема да има приход за албанскиот туризам, додека инвестициите во хотели или сместувачки единици континуирано ќе донесат приход во Албанија“, вели Вати за ДВ. Локалниот туристички сектор и поширокото стопанство, како што објаснува, би имале корист од отворањето работни места во Сазан и Звернец.

„Најмногу се плашам“, заклучува Вати, „дека ќе ја доживееме истата ситуација како со стратешките инвеститори на кои претходно им беше доделена површина за развој на туризмот, а на крајот испадна дека само 20 проценти од вкупната површина е искористена за хотелска изградба, додека останатото одело во станови или станбени куќи“.

Без оглед на тоа дали развојните планови на Кушнер во Албанија и Србија ќе се реализираат, отпорот против нив расте.

Една група во Србија покрена петиција против проектите. Групата, Крени-Промени (Тргни-Промени), соопшти дека над 10.000 луѓе ја потпишале петицијата за помалку од 24 часа.

Текстот е направен во соработка со Елона Елези (Албанија) и Немања Рујевиќ (Србија).