Парите за коридорите ќе „легнат“ - договорот уште се чека
28 април 2023Иако во јавноста не стивнуваат реакциите околу „тајниот“ договор за изградбата на коридорите 8 и 10д, Министерството за транспорт и врски веќе доби задолжение да ги започне процедурите за проектирање на коридорите,ангажирање на потребните ресурси, но и исплата на средствата за отпочнување на градежните работи.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека државата пред два дена веќе исплатила 120 милиони евра на компанијата изведувач на коридорите. „Имам сигурни информации дека пред два дена од трезор се префрлени пари преку Министерството за транспорт и врски на ЈПДП околу 120 милиони евра. Тие пари претпоставувам дека треба веќе да се легнати на сметка на компанијата изведувач на овие делови на коридорите 8 и 10д“, рече Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека Владата го задолжила Министерството за транспорт и врски да ги започне трансакциите на финансиските средства кон компанијата „Бехтел и Енка“, што е во согласност со Договорот, со цел да започнат градежните работи. Но, одговарајќи на новинарски прашања по увидот на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка, тој беше дециден дека не постојат никакви пенали и дека тоа се лаги на опозицијата. И директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми тврди дека договорот е според правилата на Фидик.
„Кога компаниите почнуваат со работа, вршиме авансно плаќање за мобилизирање на компанијата што ќе врши градење, но и за сите други трошоци. Се е според договорот со „Бехтел и Енка“ и според програмата што е помината на Влада за плаќање на сите тие средства. Ние ги почитуваме договорот и програмата на Владата, бидејќи тие средства се буџетски средства и сме во тек да ги реализираме сите тие трансакции што произлегуваат од договорот“, изјави Рустеми.
Договор на рака
За изградбата на стратешкиот проект за коридорите, државата ќе треба да издвои над 1,3 милијарди евра. Опозициските пратеници, коишто неодамна испратија писмо до премиерот со барање да им биде доставен на увид договорот за коридорите, се незадоволни од најавите дека тој само ќе им биде презентиран, но дека нема да го добијат во рака.
Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој заедно со неколкумина други пратеници со безбедносни сертификати побараа увид во Договорот со „Бехтел и Енка“, вели дека тие имаат право на пристап до секој документ „државна тајна“.
„Според Уставот и според Законот за класифицирани информации пратениците кои што поседуваат безбедносен сертификат имаат право на пристап до секој документ „државна тајна“, а не некои владини министри да ги прераскажуваат тие документи во Собранието. Пристап е да го имате документот и договорот во раце, да го анализирате и да знаете кои се добри, а кои се лоши клаузули за буџетот“, изјави Милошоски.
Реакцијата следи откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг во четвртокот (27.04) рече дека договорот само ќе им биде презентиран на пратениците.
Прекувремена работа
Во меѓувреме, Министерството за труд и социјална политика се консултира со експерти за изработка на нов предлог-закон за работни односи кој треба да го замени актуелното предлог-решение поврзано со изградбата на дел од коридорите 8 и 10д, коешто предизвика реакции во јавноста.
Министерката Јованка Тренчевска смета дека законот во Собрание не дефинира 60 часовна работна недела, туку прекувремена работа. „Ако сакаме да градиме инфраструктура во државата и да не ја градиме по 15-20 години, туку да ја завршиме за четири години и седум месеци, како што е договорот со Бехтел и Енка, тогаш, праксата, не само кај нас, туку и насекаде во светот, покажува дека треба да дозволиме и прекувремена работа“, изјави министерката на настан организиран по повод одбележување на 28 април - Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
Таа вели дека градежните работници ќе добијат најголема заштита во делот на безбедноста и заштита при работа.
„Ако работат прекувремено, траењето на прекувремената работа ќе зависи најмногу од временските услови. Во пролет и лето можат да работат подолго од она што е во моментот превидено, но, ќе видиме колку ќе биде горната граница за прекувремено“, рече таа. Работодавачите треба да добијат писмена согласност од работникот дека се согласува да работи прекувремено и да бидат обезбедени сите стандарди за безбедност и здравје при работа и секој час прекувремено да биде платен на работникот.