Сеул го обвини Пјонјанг дека ги попречува ГПС сигналите
9 ноември 2024Властите во Јужна Кореја јавија за нова провокација на Корејскиот полуостров. Соседна Северна Кореја од петокот спроведува кампања за блокирање на сигналите од сателитскиот навигациски систем ГПС, која погоди повеќе бродови и десетици цивилни авиони во Јужна Кореја, соопшти денеска јужнокорејската војска.
„Северна Кореја вчера и денеска спроведува провокативно попречување на ГПС“, се вели во соопштението на Здружениот генералштаб на јужнокорејската војска, додавајќи дека бродови и десетици цивилни авиони претрпеле „одредени оперативни пречки“.
Сеул предупредува од последици
Војската повика на претпазливост за јужнокорејските цивилни бродови и авиони кои патуваат во и над Жолтото Море, меѓу Кина и Корејскиот Полуостров.
„Ја повикуваме Северна Кореја веднаш да запре со своите ГПС провокации и предупредуваме дека ќе биде одговорна за сите проблеми кои ќе се појават“, додаде јужнокорејската војска.
ГПС попречувањето се состои од емитување непознати сигнали кои ги заситуваат ГПС приемниците и ги прават неупотребливи за навигација.
Јужна Кореја повеќепати ја обвини Северна Кореја дека спроведува ваков тип на попречување од нејзината територија во последните години.
Според јужнокорејската влада, околу 500 авиони и стотици бродови пријавиле проблеми со ГПС уште во периодот помеѓу 29 мај и 2 јуни годинава. Таа пото се пожалила до воздухопловната агенција на ОН, ИКАО, која побара од Северна Кореја да го запре попречувањето на сигналите.
Конфликтот на Корејскиот полуостров се заострува
Тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја повторно се зголемија во последните месеци. Во летото, Северна Кореја испрати стотици балони натоварени со ѓубре во Јужна Кореја. Во меѓувреме, владата во Пјонгјанг ја обвини Јужна Кореја дека користи беспилотни летала за да фрла летоци над главниот град на Северна Кореја.
По наредба на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун беа извршени неколку ракетни тестови годинава. Најавен е и развој на ново оружје - вклучително и тактичко нуклеарно оружје. Како реакција на тоа, Јужна Кореја и САД ја интензивираа соработката во одбраната.