1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погубени тројца демонстранти во Иран

Сузане Ајкенфондер
19 мај 2023

Меѓународните критики за насилното задушување на демонстрантите не го допираат режимот во Иран. Раководството во Техеран сега погуби уште тројца противници на владата.

https://p.dw.com/p/4RZAw
Германија демонстрации Иран
Собир во Келн во февруари 2023 година - плакатот го опишува иранскиот верски водач ајатолахот Али Хамнеи како убиецФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Иранското правосудство на својата веб-страница „Мисан онлајн“ објави дека денеска наутро (19.05) биле егзекутирани тројца мажи во градот Исфахан. Тие беа обвинети за убиство на тројца припадници на безбедносните сили во Исфахан за време на демонстрациите против иранските власти во ноември минатата година. Истрелите што тие ги испукаа „резултираа со маченичка смрт на тројца припадници на безбедносните сили“, објави „Мисан онлајн“. Ваквите обвиненија не можат да се проверат независно. Тројцата мажи беа уапсени во ноември, а осудени на смрт во јануари.

Според исламското право во Иран, тие биле обвинети, меѓу другото, за „војна против Бога“ и осудени на смрт. Организацијата за човекови права Амнести интернешнал објави дека признанијата биле извлечени под тортура.

Егзекутираните лица се Салех Мирхашеми, Маџид Касеми и Саид Јакоби. Според истражувањето на весникот „Њујорк тајмс“, Мирхашеми бил шампион во карате.

Пред само неколку дена се дозна дека Врховниот суд на Иран ги потврдил пресудите. Активистите за човекови права и роднините се бореа до крај за да го спречат извршувањето на смртните казни.

Очајнички крик за помош

Родителите чекале пред притворот каде што биле нивните синови. Демонстрантите се собраа пред затворот вчеравечер за да протестираат против заканите од егзекуции. Амнести неодамна објави рачно напишана белешка од тројцата мажи, за која се вели дека е прошверцувана од притворот. „Не дозволувајте да нѐ убијат“, се вели во белешката. Вчера, американскиот Стејт департмент уште еднаш го повика иранското раководство да се воздржи од егзекуција.

Активистите за човекови права постојано го критикуваат извршувањето на смртна казна во Иран. На почетокот на годината, егзекуцијата на четворица учесници во протестите против владата предизвика ужас на меѓународно ниво и меѓу владините противници во Иран. Според Обединетите нации, во Иран годинава се веќе погубени повеќе од 200 луѓе.

Додека уличните протести по егзекуциите во јануари значително се намалија, многу жени и млади луѓе сега го изразуваат својот протест против режимот во Техеран на други начини. Во метрополите, на пример, жените постојано демонстративно го игнорираат барањето за носење шамија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема