Појас Газа: Палестинците бегаат кон југ
14 октомври 2023Израелската армија го повторува повикот за евакуација преку социјалните мрежи и летоци. Израел бара напуштање на северниот дел на Појасот, каде, според проценките, живеат околу 1,1 милион луѓе. Терористичкиот Хамас, пак, ургира кај жителите да останат во своите домови.
Семејства со автомобили, камиони и влечни коли се движат по патот кој води надвор од градот Газа, додека во Појасот, каде снемува храна, вода и гориво, продолжуваат израелските воздушни напади, јавува агенција Асошиетед прес.
Египетски претставници информираа дека подоцна во текот на денов ќе биде отворен јужниот премин Рафах, од каде треба да им биде овозможен излез на странците. Израел тврди дека повикот за евакуација го следат „стотици илјади“ Палестинци, кои се веќе на пат кон југ на Појасот Газа. Илјадници луѓе се пристигнати во Деир ал-Балах, јужно од зоната за евакуација, и се туркаат во училиште кое го водат ОН, а кое е претворено во бегалско сместувалиште. Многумина спијат на отворено или на споени столови во училниците. „Дојдена сум со децата. Спиевме на земја. Немаме душек, ниту облека. Сакам да се вратам дома, иако куќата можеби е уништена“, вели 63-годишната Хувеида ал-Занеен, која доаѓа од градот Беит Ханун на северот од Појасот Газа.
Израелската армија соопшти дека спровела неколку ограничени операции во Појасот Газа против терористите на Хамас и трагала по околу 150 луѓе, меѓу кои и деца, киднапирани за време на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври. Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари на мрежата Х напиша дека целта на овие операции е „да се исчисти областа од терористи и оружје".
Според Министерството за здравство во Газа, досега се убиени над 2200 лица на територијата на Појасот, вклучително и 724 деца и 458 жени. Во терористичкиот напад на Хамас врз Израел, според наводи на израелската влада, загинале над 1300 луѓе, од кои најголемиот дел цивили, а во текот на борбите биле убиени 1500 борци на Хамас.