1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска: Кој ќе ги реши изборите?

Јацек Лепјарц
14 октомври 2023

На претстојните парламентарни избори во Полска за победа се борат два големи блока: ПиС на Јарослав Качински и ПО на Доналд Туск. Но, за тоа кој ќе формира влада, ќе одлучат помалите партии.

https://p.dw.com/p/4XX2U
Полска | парламентарни избори
Активистки на коалицијата Трет пат (Ана Радван-Ререншеф во средина)Фотографија: Jacek Lepiarz/DW

На плоштадот Вилсон, на северот на Варшава, Ана Радван-Ререншеф дели летоци. Една недела пред парламентарните избори во Полска, 45-годишниот социолог се бори за гласовите на неопределените гласачи. Таа сака да ги придобие за својата демохристијанска предизборна коалиција од три помали партии наречена Трет пат. Летоци дели и Катаржина Пјекарска. Таа ја рекламира Граѓанската платформа на лидерот на опозицијата, Доналд Туск. Двете партии сакаат по изборна победа да соработуваат за да спречат повторно формирање влада од страна на евроскептичната и илиберална ПиС. За двете жени плоштадот не е едноставна локација за таа цел, затоа што во близина живее, под строг полициски надзор, шефот на деснопопулистичкиот владин блок, Јарослав Качински. Посетителите на црквата Костка ги гледаат либералните кандидати со уште поголема недоверба од вообичаено. Католичките свештени лица штотуку изјавија дека еден католик не може да гласа за партија која прифаќа абортус. „Варшава ми се допаѓа, Европа ја сакам“, вели Ана Радван-Ререншеф. Токму затоа учествува во предизборната кампања за коалицијата Трет пат и за нова ориентација на полската политика.

Трет пат, или трета победа за Качински?

Копретседателот на коалицијата која беше формирана во април годинава, Владислав Козинијак-Камиш, рече: „Или Трет пат ќе влезе во парламентот, или Качински ќе добие трет мандат."

„Сосема се согласувам со таквата проценка", вели Радван-Ререншеф додека дели летоци. „Ние имаме одлична програма“, ветува таа. Проблемот на коалицијата во која се и Партијата на селаните и новата партија Полска2050, се состои во тоа што таа програмски малку се разликува од Граѓанската платформа на Доналд Туск - ПО. Поради името кое звучи германски, кандидатката и покрај полското патриотско минато на семејството, со месеци е изложена на напади на интернет. Десните популисти ги направија антигерманските ставови составен дел од својата изборна кампања.

Полска | парламентарни избори
Ана Радван-Ререншеф (д.) од коалицијата Трет пат и Катаржина Пјекарска од Граѓанската платформа ПО Фотографија: Jacek Lepiarz/DW

Третиот пат не може со сигурност да смета на тоа дека ќе успее да влезе во парламентарниот состав. За една изборна коалиција прагот за влез во парламентот не е пет, туку осум проценти од гласовите. Во анкетите коалицијата е некогаш над, некогаш под прагот. Ако потфрли, автоматски растат шансите на владината ПиС за трет мандат.

На Туск му се потребни два коалициски партнера

Изборниот резултат на малите партии ќе одлучи кој ќе владее по 15. октомври 2023. Најголемата опозициска партија Граѓанска платформа ПО на Туск, која на изборите како Граѓанска коалиција КО настапува со две помали групации, меѓу кои и Зелените, ќе може да го симне до власт Качински само во случај Третиот пат и Новата левица да постигнат добар резултат. Според анкетите, партијата на Туск може да смета на 30% од гласовите, помалку од ПиС, која може да се надева на 34-37 проценти. Само ако Третиот пат и Новата левица освојат по 10 проценти, целата либерално-конзервативна опозиција ќе може да ги освои потребните231 мандати од вкупно 460 во полскиот парламент.

Тоа му е јасно и на Туск, кој Третиот пат прво ги доживуваше како здодевна конкуренција, која може да му земе гласови. Но, потоа сфати дека добар изборен резултат за нив е и во негов интерес. На маршот на први октомври 2023 година ги повика гласачите кои не сакаат да му го дадат гласот нему, да гласаат за Третиот пат. Во базата, кандидати од двете партии веќе долго соработуваат. „Не гледаме конкуренција во Третиот пат, туку партнер со кој заедно ќе владееме“, вели Катаржина Пјекарска. Пратеничката од ПО на Туск која повторно сака да влезе во парламентарниот состав, дури и си размени предизборни брошури со Радван-Ререншеф на плоштадот Вилсон.

Полска Доналд Туск
Шефот на ПО, Доналд Туск на предизборен собир, август 2023 годинаФотографија: Michal Fludra/NurPhoto/picture alliance

Левицата сака да владее заедно со Туск

Исто толку важен ќе биде и изборниот резултат на полската левица, која на овие избори настапува како Нова левица. Тие одамна тесно соработуваат со Туск. При маршот на еден милион срца, еден од нивните предводници, Волоѓимерш Чажасти рече дека неговата партија е подготвена за коалиција со ПО по изборите. Новата левица, со радикална критика за католичката црква и планови за широка либерализација на правото за абортус, придобива гласачи за кои Туск е премногу конзервативен и не би можеле да гласаат за него.

Во настојувањата да остане на власт, Качински исто така ќе биде зависен од коалициски партнер. За неговата партија, меѓутоа, предвид доаѓа само „Конфедерацијата слобода и независност“.  Националистичко-слободарската партија веќе е застапена во парламентот, но досега опстојуваше само на маргините на политичкиот живот. За полските гласачи нејзиниот 80-годишен поранешен шеф Јануш Корвин-Мике беше премногу радикален, бидејќи еднаш застана во одбрана на секс со малолетни лица, а другпат предложи да се пука во машките бегалци на полската граница.

Дали Конфедерација ќе биде џокерот?

Дури откако минатата година раководењето со партијата го презеде 36-годишниот економист и бизнисмен Славомир Менцен, почна да расте и поддршката од гласачите. Менцен своите поранешни изјави дека не сака „Евреи, хомосексуалци, абортус, даноци и ЕУ“ сега ги нарекува „гревови од младоста“. Конфедерација сака драстично кратење на социјалните услуги и укинување на пензиското осигурување. Партијата исто така застапува националистички антиукраински курс.

Полска | Славомир Менцен, шеф на ултрадесничарската партија Конфедерација
Славомир Менцен, шеф на ултрадесничарската партија Конфедерација на партиски собир во Варшава, 24 јуни 2023 годинаФотографија: Andrzej Iwanczuk/NurPhoto/IMAGO

Во предизборната кампања партијата подеднакво ги напаѓаше и Туск и Качински. Експерти сепак се сомневаат дека партијата по изборите би одбила евентуална понуда од ПиС за коалицирање. Качински важи за мајстор за правење поделба и раздор во помали коалициски партии, што го докажа уште во првиот мандат 2005-2007 година.

Која партија ќе одлучи на која страна ќе превагне вагата веројатно ќе се знае дури откако ќе бидат избројани сите гласови.

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.