1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиОбединети Арапски Емирати

Поплави во Дубаи: Дали шеиците сами предизвикаа дождови?

Јан Валтер
18 април 2024

Обилните дождови предизвикаа поплави на делови од Арапскиот Полуостров. Сликите од Дубаи ги преплавија социјалните мрежи. Дали „сеењето облаци“ или климатските промени ја предизвикаа катастрофата? Проверка на факти на ДВ

https://p.dw.com/p/4ew5f
Поплава во Дубаи, Обединети Арапски Емирати
Поплава во Дубаи, Обединети Арапски ЕмиратиФотографија: AHMED RAMAZAN/AFP/Getty Images

На некои места на југоисточниот дел на Арапскиот Полуостров наврна повеќе дожд во еден ден отколку вообичаено во цела година. Последиците: улиците се под вода,  аеродромот во Дубаи е поплавен, а покривите се рушат под притисок на водните маси.

Но, не само најголемиот град во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), туку и другите делови од регионот, имено соседната земја Оман, доживеаја епски врнежи. Покрај материјалната штета, пријавени се и најмалку 20 смртни случаи.

Дубаи поплави
„'Сеењето на облаци' заврши наопаку" , пишува овој корисник на X, поранешен ТвитерФотографија: X

Додека погодените страдаат од последиците од невремето, социјалните мрежи се преполни со теории за тоа како можела да се случи катастрофата.

Тврдење: „'Сеењето на облаци' заврши наопаку" , пишува корисник на X, (поранешен Твитер). Канал на Инстаграм, исто така, прашува дали „сеењето облаци" можело да предизвика или да ги зголеми поплавите во Дубаи. Многу корисници одговараат на прашањето со „да“.

Проверка на факти на ДВ: Неточно

„Сеење облаци" – како што често се нарекува и доаѓа од англискиот термин cloud seed - е метод за активирање дожд со помош на вештачки инструменти. Авионите прскаат одредени соли кои не се раствораат во вода. Влагата од облаците потоа се кондензира на честичките сол и паѓа на земја како дожд. Методот се користи во многу делови на светот, делумно за да се генерираат врнежи, но и со цел да се спречи појава на град, на пример.

Сателитските снимки покажуваат дека во последните денови невреме со огромни дождовни облаци се формираше над југоисточниот дел на Арапскиот Полуостров и јужниот дел на Иран. Значи, преку формирањето облаци постоел предуслов за „сеење облаци".

„Жетва на дожд“ во Обединетите Арапски Емирати

Националниот центар за метеорологија на Обединетите Арапски Емирати во главниот град Абу Даби истражува за „сеење облаци" од доцните 1990-ти. Пустинската држава го користи методот за да го зголеми количеството на врнежи, а со тоа и количината на достапна питка вода.

Првично, „Блумберг“ објави за инокулации на облаци од страна на Националниот центар за метеорологија на почетокот на неделата. Сепак, претставници на Обединетите Арапски Емирати тоа го негираат. Тимот на ДВ за проверка на факти се обрати до Националниот центар за метеорологија, но не доби одговор до објавувањето на овој текст.

Меѓутоа, одговори истражувачки тим од германскиот универзитет Хохенхајм, кој спроведува заеднички истражувачки проект со Националниот центар за метеорологија. Метеорологот Оливер Бранч пишува дека немал информации за некакви инокулации на облаци на почетокот на неделата.

Дубаи поплави
„Дубаи не е подготвен да се справи со толку обилни дождови“, се вели во пост на Х, на кој е линкувано видео од ТикТок Фотографија: X

Меѓутоа, сосема е нереално да се предизвика толкаво количество врнежи преку „сеење облаци": „Веројатноста за поврзаност помеѓу активностите за ‘сеење облаци' и поплавите во Дубаи е близу до нула“. Многу медиуми цитираат други експерти со слични оценки - меѓу кои и „Блумберг“.

Глобалното затоплување ги зголемува екстремните временски услови

Тврдење: „Ефектите од  глобалното затоплување и климатските промени  се алармантни и нема да поштедат ниеден град“, се вели во еден објавен пост. Друг објавен пост на социјални мрежи е уште појасен: „ОВА е човечки предизвикана #променанаклимата".

Проверка на факти на ДВ: Непоткрепено

Многу климатски истражувачи сигурно гледаат поврзаност помеѓу климатските промени и силниот дожд: „Глобалното затоплување често всушност игра улога во екстремните временски настани, но неговото влијание понекогаш е паушално претпоставено или пренагласено", изјави за ДВ климатологот Фридерике Ото од Империал колеџот во Лондон пред извесно време. Во врска со настаните во Дубаи, таа за новинската агенција АФП изјави дека бурите „најверојатно“ биле влошени поради глобалното затоплување.

Аргументирањето има едноставна физичка позадина:  колку е потопол воздухот,  толку повеќе влага може да апсорбира. Затоа врне посилен дожд во тропските предели отколку во умерените географски широчини каде што се наоѓа Германија. Дождовите во Централна Европа се значително пообилни во лето отколку на почетокот на годината.

Тоа е причината поради која постои консензус меѓу многу истражувачи за климата дека глобалното затоплување  ги прави поверојатни екстремните временски ситуации и дека тие имаат тенденција да бидат поекстремни. Но, тие исто така нагласуваат, како климатскиот истражувач Сјокје Филип од Кралскиот метеоролошки институт на Холандија: „Отсекогаш имало, и секогаш ќе има екстремни временски услови“.

Патем, слични лажни тврдења се појавуваат секогаш наново кога обилните дождови доведуваат до поплави - особено кога тоа се случува во региони каде што би очекувале суши, а не обилни врнежи, како што се Калифорнија, Австралија или Турција.