Поплави во Грција: Спасувачите во трка со времето
8 септември 2023Спасувачката работа трескавично продолжува во поплавените области во централна Грција. Во четвртокот вечерта беа пронајдени уште две загинати лица, соопштија од противпожарната служба. Со тоа бројот на загинати во катастрофалните поплави се искачи на шест.
Уште шест лица се водат како исчезнати во подрачјата поплавени во налетот на бурата „Даниел“ која ја погоди централна Грција со обилни врнежи од дожд кои предизвикаа поплави и одрони, а уништени се и патишта и мостови.
Спасувачки операции цела ноќ
Утрината продолжи воздушната акција за спасување на луѓето заробени во селата во областа Кардица, откако невремето „Даниел“ предизвика страшни поплави во Грција. Во денешната операција учествува и хеликоптер „Шинук“, кој непрекинато лета до и од селото Влохос, од каде вчера имаше драматични повици за спадување.
Како што информираат од Противпожарната служба, од вторникот утрината извршени се вкупно 1.881 спасување - евакуација на лица, кои се пренесени на безбедни места, а 110 вклучуваа и воздушно спасување во поплавените села Кардица и Трикала. Спасувачките операции не престанаа во текот на ноќта, додека со првото светло на денот започнаа летовите со хеликоптер за спасување од воздух.
Градот Волос и областа Пелион во Тесалија се најпогодените области.
Мицотакис во посета на поплавените подрачја
Како што изјави денеска наутро регионалниот гувернер на Тесалија, Костас Агорастос, најголемиот товар за спасување денеска ќе падне на осум села во Кардица, каде се заробени луѓе кои избегале на покривите на куќите и на повисоки места за да се спасат.
Премиерот Кирјакос Мицотакис го одложи годишниот говор за економската политика закажан за овој викенд и наместо тоа ќе ги посети поплавените области кои од понеделникот беа погодени од силен дожд.
„Апсолутен приоритет на државниот механизам во моментов е спасување и евакуација на луѓето од погодените области“, рече владиниот портпарол Павлос Маринакис на брифинг за новинарите.
Маринакис најави дека Мицотакис во средината на наредната недела ќе одржи говор за економската политика.