Гордана Јанкулоска на слобода од 1 ноември
12 октомври 2023Поранешната министерка за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска по три години поминати во затворот Идризово наскоро ќе биде на слобода. Апелациониот суд Скопје на седница одржана на 04.10.2023 година, ја прифати молбата за условен отпуст на Јанкулоска, со што се отвори патот таа на 1 номеври да го напушти најголемиот затвор во земјата. Условот е до истекот на условниот отпуст, 28.09.2024 година, да не стори ново кривично дело.
„Постапувајќи по кривичниот предмет КР-133/23, Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, а ја уважи жалбата на осудената Гордана Јанкуловска од Скопје. Решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје го преиначи и ја отпушти осудената на 01.11.2023 година од издржување на казната затвор“, соопшти Алепациониот суд.
Го почитувала куќниот ред, имала пријателски односи со сите
При донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид повеќе фактори - Јанкулоска е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување, таа ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со останатите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања. Исто така, имала развиено чувство за лична и општествена одговорност и однесувањето и било во склад со општествените норми.
„Во досегашниот издржан дел од казната во ниту еден момент не биле евидентирани прекршоци на одредбите од куќниот ред, го почитувала истиот и имала примерно поведение, а воено и коректен однос кон службените лица. Од 25.10.2022 година, осудената била работно ангажирана во библиотеката на женското одделение и својот ангажман го извршувала со посветеност, навремено и во целост, користела и погодности надвор од установата, што упатува дека се поправила до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро би се однесувала и дека нема да врши кривични дела, со што е остварена и целта на казнувањето предвидена со чл.32 од КЗ“, наведува повисокиот суд.
По три години за првпат во јавноста
Јанкулоска неодамна за првпат по три години од отслужувањето на затворската казна се појави во јавноста со интервју за емисијата „360 степени”. Таа во Идризово ја издржува четиригодишната казна затвор за набавката на „мерцедесот“, предмет познат под името „Тенк”.
Таа во интервјуто ги критикуваше условите во затворите, а кажа и дека најтешка и е физичката одвоеност од нејзиниот син. „Во целава оваа ситуација, тоа е најтешкиот дел и тоа не само за мене, затоа што нели, како возрасен човек секогаш се трудите да ја разберете ситуацијата и да најдете некое образложение дури и кога такво не постои. Тој неодамна наполни пет години и целава ситуација е тешко да му се објасни. Практично, тој остана сам – без мајка, само со татко, на две години и три месеци. Јас неодамна првпат имав можност да излезам и тоа е навистина тешко“, рече Јанкулоска.
Таа сподели дека е сместена во релативно мал простор и дека има пристојна комуникација со сите затворенички со кои разговара главно за затворскиот живот. Јанкулоска потврди дека непосредна сосетка ѝ е и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која, пак, е осудена на седум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување во предметот „Рекет“.
Во однос на случајот Тенк за којшто беше осудена на затворска казна, Јанкулоска посочи дека „освен неа од тоа политичко ниво, речиси да нема друг функционер што бил осуден и издржал казна затвор. „Миле Јанакиески секако, јас сум во последната четвртина. Дали некогаш министер од која било друга владејачка гарнитура бил осуден за случај каде што на никого не му е направена штета, за јавна набавка која не требало да ја спроведе. Нема таков случај“, рече Јанкулоска.
Четириесет и осумгодишната правничка од Охрид, беше блиска соработничка на Никола Груевски. Таа 12 години извршуваше јавна функција, а дури 9 години помина на позицијата министер за внатрешни работи: од 27-ми август 2006 година се до 12-ти мај 2015 година, кога си поднесе оставка на функцијата поради „Кумановските настани“. Нејзиниот министерски стаж траеше речиси и колку владејачка деценија на ВМРО-ДПМНЕ.