Тест по математика: Македонските ученици на 44 место
4 декември 2024Поразителни податоци за математичката писменост на македонските ученици покажаа и најновите меѓународни тестирања. Во математичка писменост од 58 држави, македонските ученици се на 44 место. Во природни науки, тие се три места подолу, односно на 47 место. Ова го покажуваат резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study) што беше спроведено во 2023 година, а во коешто по петти пат беше опфатена и Северна Македонија.
Тестирани се ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и прв пат електронски.
TIMSS (Trends in International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања. Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.
Потребни се крупни промени
Според Министерството за образование и наука (МОН), и оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на воспитно-образовниот систем му се потребни крупни промени за да можат учениците да ги подобрат знаењата.
„Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители. Најавивме и во се поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси“, велат од МОН.
Според нив, преку процесот на оптимизација, се гради ефикасна училишна мрежа која ќе доведе до најдобар успех на учениците со рационално користење на ресурсите. „Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука. Наставниците продолжуваат со сериозни обуки, затоа што тие се темелот на целиот воспитно-образовен систем“, велат од МОН.
Како да се подобри образовниот систем?
Нивниот став е дека подобрувањето на резултатите на државата на меѓународните тестирања ќе дојде само како резултат на реално подобрување на квалитетот на целиот воспитно-образовен систем, на што континуирано се работи.
Слични поразителни резултати дадоа и претходните тестирања на македонските ученици. И резултатите на Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) во 2022 година покажаа дека три четвртини (74 отсто) од 15-годишните ученици во Северна Македонија имаат слаби резултати по читање, додека двајца од тројца ученици покажуваат лоши резултати по математика (64 отсто) и природни науки (65 отсто).
Севкупните постигнувања на учениците се многу ниски и се намалени во периодот меѓу 2018 и 2022 година. Само еден од тројца ученици на возраст од 15 години постигнал минимално ниво на знаење по математика (ниво 2 од 6), што значи дека двајца од тројца ученици не успеале да протолкуваат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може математички да се претстави. Резултатите по читање се уште позагрижувачки - само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење.
Од УНИЦЕФ во повеќе наврати порачаа дека училиштата треба да им овозможат на учениците да стекнат широк спектар на дополнителни вештини, како што се справување со емоциите, преговарање, решавање проблеми, емпатија и комуникација. Овие вештини им помагаат на учениците подобро да учат, да бидат глобални граѓани, оспособени да се справат со личните, социјалните, академските и економските предизвици, истовремено помагајќи им и на младите луѓе кои се справуваат со тешкотии да се справат со предизвиците и да изградат отпорност.