Поројни дождови во Германија: Вонредна состојба во Сар
18 мај 2024По екстремните дождови кои предизвикаа поплави во Сарската област, ситуацијата до раните утрински часови во саботата малку се релаксира, информираат од локалната полиција. Од 1 часот по полноќ нивото на водата престана да расте, изјави портпаролот на Оперативниот центар во Сарбрикен. Меѓутоа, спасувачките служби и натаму се на терен.
Се уште не може да се процени точниот обем на штетите предизвикани од поплавите. Во целата сојузна покраина Сар , обилните врнежи предизвикаа поплавување на улиците и на подрумите, како и лизгање на земјиштето. Оперативниот центар во Сарбрикен забележа повеќе од 3.000 полициски и спасувачки интервенции.
Метеоролошката служба на Германија во рок од 24 часа забележала повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар во некои локалитети. За споредба, во цел април годинава, во Сар паднале околу 74 литри дожд на квадратен метар , што е за една шестина повеќе од нормалното количество врнежи за тој месец.
Станува збор за, како што е соопштено, поплава што се случува на секои 20 до 50 години, соопшти покраинската Агенција за заштита на животната средина. Во петокот и ноќта во сабота интервентните сили се бореле со водните маси. На видеата објавени во медиумите и на социјалните мрежи можеа да се видат полупоплавени возила и некои улици кои беа целосно под вода.
Канцеларот ќе ги посети погодените подрачја
Во Сарбрикен, како и во неколку други окрузи, беше прогласена вонредна состојба . Населението беше повикано да ги избегнува подрумите, водните површини и поплавените подрачја поради постојаниот дожд. Неколку згради во градот мораа да бидат евакуирани. Организирани се привремени сместувања во училиштата и воспоставена е посебна телефонска линија за помош на граѓаните. Во Русхите, дел од Сарбрикен, луѓето беа евакуирани со амфибиски возила и чамци. Ситуацијата беше „критична“ бидејќи брзината на водната маса беше толку голема што противпожарната служба мораше да ги прекине операциите и да побара помош од германскиот Црвен крст, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи.
Во градот Отвајлер во текот на ноќта поради поплавите превентивно е исклучена струјата и регистрирана е голема штета, изјави началникот на округот Серен Менг. Спасувачките екипи се неприкинато на терен.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе ги посети поплавените подрачја заедно со покраинската премиерка на Сар, Анке Релингер. Во телевизиско интервју , Релингер изјави дека ситуацијата е „многу напрегната“. Треба да очекуваме големи штети и на јавната инфраструктура и на имотот на граѓаните, посочи таа. „Апсолутно е јасно дека имаме работа со случување од натрегионално значење“.
Ризик од поплави и во Рајнланд-Пфалц
И во сојузната Рајнланд-Пфалц, обилниот дожд доведе до бројни интервенции. Округот Трир-Сарбург, јужниот дел на Пфалц и градовите Трир, Цвајбрикен и Лудвигсхафен беа особено погодени. Поплавени се подруми и улици. Засега нема повредени. Многу помали потоци и реки се излеаа од коритата.
Во Шоден на реката Сар, во областа Трир-Сарбург, околу 220 луѓе мораа да ги напуштат своите домови како мерка на претпазливост поради ризикот од поплави, соопшти локалната управа.
И во Сар и во Рајнланд-Пфалц има големи прекини и откажувања на железничките и автобуските линии. Германската железница - Дојче Бан соопшти дека луѓето треба да се воздржат од патување со воз до Сар. Поради временските услови, според нивните информации, не можеле да организираат заменски превоз. Погодени се бројни регионални железнички линии, кои меѓу другите минуваат низ главните станици во Пирмасенс, Трир и Сарбрикен.