1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Самитот на НАТО започна со сигнал до Украина

СН/агенции | дпа
10 јули 2024

САД и нивните партнери ѝ ветија на Украина дополнителна помош на почетокот на самитот на НАТО во Вашингтон. Но, најавите не ги исполнија очекувањата. Внимателно беше следен и настапот на американскиот претседател Бајден.

https://p.dw.com/p/4i5Ka
Лидерите на земјите членнки на НАТО
Лидерите на земјите членнки на НАТО позираат за групна фотографија во истата сала каде беше потпишан договорот за основање на Алијансата во 1949 годинаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

На почетокот на самитот на НАТО во Вашингтон, САД и останатите партнери во Алијансата ѝ ветија на Украина натамошна воена поддршка. Американскиот претседател Џо Бајден на церемонијата по повод 75-годишнината од основањето на одбранбената Алијанса најави дека САД и другите земји од НАТО сакаат да му обезбедат на Киев дополнителна воена опрема за одбрана од руските воздушни напади. Најавата беше послаба отколку што некои очекуваа. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, повторно апелираше за значително поголема помош и приклучување на Украина во Алијансата.

Бајден, кој е под посебна опсервација по неуспешниот ТВ дуел, на сцената настапи беспрекорно, но со помош на телепромптер.

Церемонијата на отворање на самитот се одржа во главниот град на САД, во аудиториумот Ендру В. Мелон, местото каде што беше потпишан основачкиот документ на НАТО, Вашингтонскиот договор, на 4 април 1949 година. Бајден ја истакна Алијансата како „најголем и најефикасен одбранбен сојуз во историјата на светот“.

Сите очи се вперени во Бајден

Бајден, кој годинава е домаќин на самитот, во моментов се бори на сите фронтови за да ја спаси својата кандидатура за претседателските избори во ноември.

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден беше под посебна опсервација за време на говорот на отворањето на самитотФотографија: Yves Herman/REUTERS

На крајот на јуни имаше катастрофален настап во телевизискиот дуел против неговиот републикански противкандидат Доналд Трамп Тоа ја поттикна дебатата за неговата ментална кондиција и подготвеност за уште еден мандат на сосема ново ниво. Во моментов во јавноста внимателно се анализира секој потег и секоја реченица на 81-годишникот.

На церемонијата на НАТО во Вашингтон, кај Бајден беше забележана одредена напнатост. Тој без поголеми грешки го одржа својот говор пред шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО.

Украина во фокусот

Војната во Украина е високо на агендата на самитот. Со ветување за натамошна поддршка за воздушната одбрана на Украина, САД и другите сојузници уште од самиот почеток испратија сигнал до Киев. Украина веќе подолго време предупредува дека пред сѐ ѝ е потребна опрема за заштита на земјата од руските воздушни напади Непосредно пред самитот на НАТО, Русија изврши сериозни воздушни напади врз Киев, вклучувајќи и голема детска болница. Тоа предизвика голем бес.

Патриот - систем за противвоздушна одбрана од американско производство
Украина добива нови Патриоти - систем за противвоздушна одбрана од американско производствоФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Неколку земји од НАТО - вклучувајќи ги САД, Германија, Романија, Холандија и Италија - објавија во заедничко соопштение дека сакаат да „обезбедат дополнителни стратешки системи за воздушна одбрана, вклучувајќи ги и дополнителните системи Патриот донирани од Соединетите Американски Држави, Германија и од Романија“. Холандија и другите партнери, исто така, сакаа да испорачаат компоненти за функционирање на вториот систем Патриот, се вели во соопштението.

Вештачки надувана изјава

Повеќето од ова не е ново. Според извори од германската влада, германскиот придонес е еден од трите системи Патриот кои се веќе испорачани. Романија и Холандија, исто така, го најавија својот придонес претходно.

САД сега испраќаат уште еден систем Патриот во Киев. Тие веќе испратија еден. Противвоздушниот ракетен систем Патриот е еден од најмодерните во светот. Се користи за борба против непријателски авиони, балистички ракети и крстаречки ракети. Од круговите на НАТО рекоа дека е разочарувачки што не беа дадени ветувања за повеќе системи Патриот пред самитот.

Во заедничката изјава, сепак, државите од НАТО му ветуваат на Киев и десетици тактички системи за противвоздушна одбрана - и тоа од типот Насамс или Ирис-Т - како и стотици дополнителни пресретнувачки ракети, кои треба да бидат испорачани во текот на следната година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заблагодари. На онлјан платформата Х тој напиша дека дополнителните системи за противвоздушна одбрана ќе помогнат во уништувањето на руски дронови и ракети и за подобра заштита на Украинците од рускиот терор од воздух. 

За време на говорот на маргините на самитот, Зеленски се осврна  и на претседателските избори во САД во ноември. Цел свет ја следи предизборната кампања во САД и самитот на НАТО во Вашингтон е во сенка на тоа. Време е да „излеземе од сенката, да донесеме силни одлуки и да дејствуваме - и да не го чекаме ноември или кој било друг месец“, предупреди Зеленски. „Мораме да бидеме силни и бескомпромисни, сите заедно“, порача украинскиот претседател.

Генералниот секретар на НАТО се залага за прием на нови членки

Столтенберг го искористи својот говор за да се заложи за прифаќање во НАТО на земјите кои сакаат да се приклучат, како што е Украина. Според него, проширувањето на Алијансата по крајот на Студената војна ја обедини Европа, го отвори патот за интеграција и донесе мир и просперитет на целиот континент. Како и тогаш, и денес мора да се покаже „јасност и решителност“, предупреди тој.

Можната покана на НАТО за Украина е спорна тема

Со своите изјави за проширувањето на НАТО, Столтенберг јасно застана на страната на оние членки на Алијансата кои се многу отворени за желбата на Украина да се приклучи и сакаат да ѝ овозможат на земјата да постигне брз напредок во процесот на прием.

Аудиториумот Ендру В. Мелон, местото каде пред 75 години беше потпишан основачкиот документ на НАТО, Вашингтонскиот договор
Аудиториумот Ендру В. Мелон, местото каде пред 75 години беше потпишан основачкиот документ на НАТО, Вашингтонскиот договорФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Не се очекуваат позитивни одлуки во оваа насока, особено поради отпорот на германскиот канцелар Олаф Шолц и на претседателот Бајден.

Што ќе биде важно на вториот ден на самитот

Во среда, шефовите на држави или на влади на членките на Алијансата ќе разговараат за тоа какви одбранбени и одвраќачки способности ѝ се потребни на Алијансата со оглед на  меѓународните закани. Кина, исто така, веројатно ќе биде тема на вториот ден на самитот. Во прв ред САД ја доживуваат Кина како зголемена безбедносна закана и, исто така, посветуваат особено внимание на одвраќачките и одбранбени капацитети на НАТО во Индопацификот. На самитот се поканети партнерите од индопацифичкиот регион: Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Австралија.