1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе штета или корист од бесплатен јавен превоз?

27 октомври 2023

Искуствата од градовите кои вовеле бесплатен јавен превоз се различни, но и едно е исто и за тие што го имаат, и за тие што го немаат: за да функционира потребни се субвенции.

https://p.dw.com/p/4Y6Xy
Данела Арсовска Скопје Македонија
Арсовска нема мнозинство во Советот кое би ја поддржувало, вели претседавачот Трајко СлавескиФотографија: Petr Stojanovski/DW

За две години од мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, Скопје не дочека да се приклучи кон листата на градови кои навистина добија бесплатен јавен превоз, а не само ветување. Сепак, иако многу градови се фалат со таква услуга, во најголемиот дел од нив таа или не ги опфаќа сите граѓани туку одредени категории, или не се однесува за сите линии. Примерите каде покриеноста со бесплатен јавен автобуски превоз има најширок опфат, се многу помалку. Во Луксембург мобилноста е бесплатна во целата земја и за домашните жители, и за странците. Ова не е изненадувачки податок, со оглед дека 45% удел во работната сила имаат граѓани од соседните земји, па во последните две децeнии бројот на жители во Луксембург се зголемил за 40%. Оттука, одлуката на властите земјата да биде „лабораторија на мобилност“ се посочува како важна социјална мерка. Но, стартот на бесплатниот јавен превоз во Луксембург се совпадна со пандемијата која предизвика бројни редукции во јавниот превоз, па потребно е да помине соодветен „редовен“ период за да се анализираат ефектите. Втора мала држава која минатата есен воведе бесплатен јавен превоз е Малта, со конкретна цел - да се намали зависноста на граѓаните од автомобили. 

Најискусно на овој план се смета белгиското гратче Хаселт, кое уште во 1997 година вовело бесплатен јавен превоз и тоа траело сѐ до 2013 година, кога локалните власти заклучиле дека градскиот буџет на долг рок повеќе не може да го издржи тоа. Истата година кога таму проектот згаснал, воведен е во престолнината на Естонија - Талин и се практикува до денес. Искуството покажало дека се зголемил бројот на патници, но со поголемо учество на пешаците и делумно на оние кои претходно користеле велосипеди. Причината што најголемиот дел од возачите (над 90%) не се откажале од нивните автомобили - бил недоволниот број линии. 

Бесплатен јавен превоз во Талин

Од 2018 година искуство со бесплатен јавен превоз имал и францускиот град Данкерк, каде тоа наводно довело до намалување на употребата на автомобили, но за тоа повеќе сведочат анкети со граѓаните. Речиси 50 отсто изјавувале дека почесто користат автобус отколку претходно, а околу 5 отсто дека ги продале автомобилите или дека се откажале од купување возило.

Куриозитет е примерот од романскиот град Клуж-Напока, кој лани во јули на жителите им пружил несекојдневна понуда - бесплатно да се возат со градски автобус, но само ако направат 20 склекови за две минути. Склековите се снимале и броеле од посебен уред на автобуската постојка, а кога вежбата ќе завршела - се печател бесплатен билет. Мерката можела да се користи од 8 до 20 часот, а била дел од поширока иницијатива со која на различни начини жителите на градот се поттикнувале кон поздрав начин на живот. 

Славески: Ќе почекаме да видиме

Иако ветувањето на Арсовска за бесплатен превоз и набавка на еколошки автобуси беше објаснето со поголема ефикасност на превозот. но и заштита на животната средина, не беше понудена ниту една стручна анализа за претпоставените ефекти во таа насока, ниту пак претходни истражувања каква е подготвеноста на возачите да се откажат од авотомобилите при сегашниот обем на линии или при дополнително воведување нови. Со оглед дека Арсовска ја помести реализацијата на проектот за 2024 година, го прашавме претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, дали Советот има добиено информации како ќе се реализира тоа.

„Советот на град Скопје до овој момент нема добиено план како би се реализирало ветувањето на градоначалничката Арсовска за воведување бесплатен јавен превоз во главниот град“, вели Славески. „Не ни останува ништо друго освен да почекаме и да видиме на кој начин и со кои средства се планира да се реализира. Од денешна перспектива, кога ЈСП - Скопје зависи од градскиот буџет за исплата на плати и отплата на стари долгови, ваквата идеја изгледа тешко остварлива. Дополнително, се наоѓаме на девет недели од крајниот рок за усвојување на Буџетот на Град Скопје за наредната година. Досега не се направени никакви консултации со членовите на Советот на Град Скопје за приоритетите што ќе бидат вградени во буџетот за годината што претстои. Се надевам дека многу скоро ќе бидат запознати со начинот и можностите за реализација на идејата за воведување бесплатен јавен превоз на територијата на Скопје“, вели претседателот на Советот на Град Скопjе.

Автобуси Скопје Македонија
Повеќе штетни или корисни резултати од бесплатен јавен превоз?Фотографија: picture alliance/dpa

Покрај финансиските средства потребни за покривање на оперативните трошоци на ЈСП-Скопје и на приватните превозници чии услуги граѓаните би ги користеле бесплатно, Славески потсетува дека не се од помала важност и средствата неопходни за обнова и одржување на возниот парк.

„Тука работите не стојат добро. Имено, уште во февруари годинава Арсовска до Советот на град Скопје достави предлог-Одлука со која бараше Советот да ја овласти да преговара со некоја од банките во Македонија за кредит во износ од 610 милиони денари, односно 10 милиони евра, за набавка на нови еко-автобуси. Не беше наведен бројот на автобуси што се планира да се купи, но сигурно со тие средства, според тековните цени, би се набавиле значително помал број автобуси од ветените 250. Советот не даде поддршка на барањето, кое Арсовска го доставуваше повторно уште 4-5 пати. Нејзиниот предлог на ниту едно гласање не добиваше поддршка од повеќе од 7-8 членови на Совет на град Скопје од вкупно 45. Морам да истакнам дека и сега да се обезбедени средства за набавка на, да речеме, 50-тина нови автобуси, не постои шанса тие да стигнат до крајот од наредната година“, укажува Славески. 

Нема приходи без патници  

Според него, ако Арсовска е сериозна во ветувањето дека од 2024 година ќе се обезбеди бесплатен јавен превоз, градот ќе мора да се потпре на веќе постојниот возен парк, со кој располагаат Јавното сообраќајно претпријатие и приватните превозници.

„Проблемот е во тоа што Арсовска нема мнозинство во Советот кое би ја поддржувало. Таа не соработува со координаторите на двете најголеми коалиции во Советот, ниту со претседателот на Советот. Советниците од СДСМ како причина за недавањето поддршка бараат информација за Bus Rapid Transit (BRT) проектот, за кој се обезбедени средства од ЕБРД во износ од 70 милиони евра. Советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со задолжувањето на градот ни оддалеку нема да се оствари ветувањето за бесплатен превоз. Тие особено инсистираат ЈСП-Скопје да достави извештај за работењето и состојбата на возниот парк, но таков извештај не се доставува“, вели тој. 

Професор д-р Никола Крстаноски, од Отсекот за сообраќај и транспорт на Техничкиот факултет во Битола, укажува дека показател за лошата состојбата во јавниот градски превоз во Скопје е бројот на превезени патници годишно, што директно е поврзано со приходот од билети. Континуираното опаѓање на бројката на патници резултира со потреба за зголемени износи на субвенции за да се одржуваат возните редови при дефинираната цена на билетот. Но, вели дека тоа не е случај само во Скопје. Податоците од градовите во светот покажуваат дека јавниот градски превоз не може да ги покрие трошоците на работењето од приходи од билети, па мора да добива дополнителни средства за покривање на разликата за да може да функционира.  

(Утре: Крстаноски: Скопје не може од буџетот да покрие трoшоци за бесплатен јавен превоз)  

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема