1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе има ли прелевање на пратеници од Европскиот фронт?

ДТЗ
30 мај 2024

Изет Меџити од Коалицијата Вреди, вели дека дел од новото парламентарно мнозинство ќе бидат и тројца - четворица пратеници од Европскиот фронт на Али Ахмети. Дел од нив ја отфрлија таквата можност.

https://p.dw.com/p/4gRos
собрание
Ќе има ли прелевање на пратеници од Европскиот фронт?Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Ќе има ли прелевање на пратеници од Европскиот фронт во новото парламенатрно мнозинство, каде во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ влезе досегашната албанска опозиција обединета во коалицијата Вреди? Изет Меџити, лидер на Демократско движење коешто е дел од „Вреди“, во телевизиска изјава порача дека во новото мнозинство ќе има и неколкумина пратеници од Европскиот фронт. 

„Дел од новото парламентарно мнозинство ќе бидат и тројца, можеби четворица пратеници од Европскиот фронт на Али Ахмети“, вели Меџити во интервју за A2 Си-Ен-Ен (А2 CNN). Дел од пратениците ја демантираа ваквата информација, тврдејќи дека немаат намера да го променат таборот. 

Изет Меџити
Изет Меџити вели дека во новото мнозинство ќе има и неколкумина пратеници од Европски фронтФотографија: Petr Stojanovski

Борба за опстанок

Но, според Меџити, Европскиот фронт не е создаден врз идеолошка основа, туку за да опстанат и ДУИ да биде дел од Владата.

„Европскиот фронт не го обедини ниту идеологијата, ниту програмата, туку за да опстанат тие партии.  Сега, кога е јасно дека нема да бидат во власта, мисијата е пропадната и започнува распаѓањето на Европскиот фронт. Така што веќе можам да кажам дека од тие 18 пратеници што ги доби овој фронт, тројца – четворица со едната нога се дел од новото мнозинство. Сега нема да ги кажам нивните имиња, но таму има две турски партии, а турската заедница нема капацитет и потенцијал да остане четири години во опозиција. Тие секако дека се гледаат себе си во идната влада“, вели Меџити.

Според него, „има и некои други пратеници кои се со Ахмети, кои во минатото се тепале меѓусебе, предизвикувале жртви кај Албанците и тешки последици“. „Заедно се засега, беа здружени за да опстанат. Но, мисијата на Европски фронт е пропадната“, смета Меџити.

ДУИ
Европскиот фронт не е создаден врз идеолошка основа, туку за да опстанат и ДУИ да биде дел од Владата, вели МеџитиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Ова се шпекулации“ 

Но, Салих Мурат од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, партијата која е дел од Европскиот фронт, за ТВ21 ги демантира изјавите на Меџити.

Мурат вели дека немало разговори за тоа да преминат во новото мнозинство и нема потреба да има.  „Ние сме дел од Европскиот фронт и остануваме во него. Се друго е шпекулација. Вакви разговори никогаш немало и нема потреба да се прават. Ние сме победници во нашиот фронт и волјата мора да се почитува. Влен (Вреди) мора да одговори на нивните националистички изјави дека нивните гласови се чисти. Што значи ова, дека нашите не се чисти? Турци, Роми, Бошњаци, да не не сме ние граѓани на оваа држава“, изјави Мурат.

собрание
Ние сме дел од Европскиот фронт и остануваме во него. Се друго е шпекулација, порачаа дел од пратеницитеФотографија: Petr Stojanovski

Најавите за прелевање на пратеници следат откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети во средата (29.05) од Мала Речица порача дека заедно со останатите лидери од коалицијата „Европски фронт“ започнуваат битка за почитување на духот на Охридскиот договор. Тој оцени дека на изборите победник е Европскиот фронт предводен од ДУИ, но оти изборните резултати биле нарушени и продолжуваат да се прекршуваат преку изборен инженеринг.

Партијата денеска преку соопштение повтори дека целосниот изборен и демократски легитимитет и кредибилитет му припаѓа на Европскиот фронт, а „безусловното вазалство на губитниците е предодредено да пропадне, бидејќи ја нема поддршката од народот“.