1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празниците поминаа - фајронт и за потрошувачката кошница

ДТЗ
15 јануари 2025

Министерството за економија ја даде првичната оценка дека владината мерка е успешна. Но, опозициската СДСМ смета дека кошничките на власта се целосно промашување и донесоа поголема скапотија за граѓаните.

https://p.dw.com/p/4pA6Z
супермаркет, цени, потрошувачка кошница
Празниците поминаа, фајронт и за потрошувачката кошница - имаше ли ефекти?Фотографија: picture-alliance/imageBROKER

Празниците завршија, со што дојде крајот и на привремената владина мерка за пазарување на поевтини производи опфатени со новогодишната потрошувачка кошница. Додека статистиката и синдикатите ги сумираат ефектите од оваа владина мерка, којашто беше на сила од 15 декември до 15 јануари, Министерството за економија веќе ја даде првичната оценка дека таа ги исполнила очекувањата и најавуваат дека и во наредниот период ќе следат мерки и политики за заштита на стандардот на граѓаните во Северна Македонија.  Но, Опозициската СДСМ смета дека кошничките на власта се целосно промашување и донесоа поголема скапотија за граѓаните.

Дали мерката беше успешна? 

Новогодишната кошница беше креирана на предлог на бизнисот со поддршка на Министерството за економија и труд. Главната цел беше да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи кои што се ставија со намалени цени на рафтовите. На листата на производи се најдоа 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери, се вклучија 51 маркети, а акцијата се применуваше во 762 продажно место.

Според Министерството за економија, акцијата „Новогодишна кошница“ беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во неа. „Со неа се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во декември 2024 и јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка“, оценуваат надлежните.  

супермаркет, цени, производи, потрошувачка кошница
Кошничките како мерка за ублажување на сиромаштијата или за богатење на трговците? Фотографија: Petr Stojanovski

Според Државниот завод за статистика од податоците за Индекси на трошоците на животот и на цените на мало за декември се забележува дека инфлацијата во 2024 година, споредено со 2023 година, изнесува 3,5 отсто. На месечно ниво, пак, во декември 2024, споредено со ноември 2024 година, инфлацијата изнесува 0,3 отсто.

„Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци изнесува -0,3 отсто“, посочуваат од Министерството за економија. Нивните очекувања се дека и во статистичките податоци за јануари 2025 година во однос на декември 2024 година ќе се потврдат ефектите од новогодишната кошница, особено во однос на намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци. 

„Цените не се намалика, туку се зголемија“ 

„Кошничките донесоа поголема скапотија за граѓаните. Зејтинот, јајцата, шекерот, млечните производи, грашoкот, гравот, леќата, сѐ е поскапено. Цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија“, велат од опозициската СДСМ.

Според нив, од „кошничките“ се збогатија големите трговци, дестина милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на „Мицкоски и ДПМНЕ“.

Опозицијата поинаку ги толкува статистичките показатели на државниот завод за статистика. Тие, според СДСМ, потврдуваат дека цените растат, граѓаните имаат сѐ поголеми трошоци за живот, а се помалку пари во цебовите.

„Трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, основните животни производи, без кои не може да се замисли ниту еден дом, поскапеле за 4,3%. Политиките на Мицкоски се јасно насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата. Додека 99% од граѓаните сè повеќе се борат со зголемените трошоци за живот, 1% – оние блиски до власта – профитираат на нивна сметка“, велат од партијата.